Во дворот на македонската црква “Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, денес се одржа традиционалната Семакедонска илинденскасредба, Трново 2022, по педесет и први пат.
Организатори на традиционалната Семакедонска Илинденска Средба беа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.На средбата присуствуваа пратеничките Силвана Ангелевска и Олга Лозановска, градоначалниците на општина Новаци Стевче Стевановски, на општина Могила, Драганчо Саботковски и на општина Пустец, Пали Колефски, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, Иван Џо Петрески, Александар Јаневски, Тодор Петров, Васил Стерјовски, отец Никодим Царкњаз, отец Пимен и други значајни личности од политичкиот и културнинот живот во земјава.На средбата присуствуваше и се обрати пред присутните, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, професор доктор Љупчо Коцарев.
Добредојде на сите Битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа Семакедонска средба им посака градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски.-Во 2014 година, со поддршка на Општина Битола, беа обединети 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба, во една и единствена Семакедонска Средба, на која Општина Битола и понатаму продолжува да биде покровител. Општина Битола останува отворена за соработка со сите иселеници, а преку низа активности од сите области, настојуваме да ги вратиме нашите иселеници, заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа, со сите искуства стекнати во светот, посочи Коњановски во своето обраќање.
Средбата, на задоволство на присутните, продолжи со богата културно-уметничка програма.