Press "Enter" to skip to content

Денес се одбележува Преображение христово, еден од осумте, големи христијански празници

-Православната црква според јулијанскиот календар, денес го одбележува Преображение христово. Еден од големите христијански празници. Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен.

Нашата Света Црква, сеќавајќи се на сите настани од земниот живот на ГосподИсус Христос, и овој пат пред нас изнесува еден чудесен по својата длабока смисла празник – празникот на Неговото Преображение на Таворската гора. Овој празник е востановен во спомен на собитието на Тавор, кое се случило четириесет дена пред Христовата смрт и распетие. Кога Господ забележал дека апостолите не можат да ги разберат претстојните Негови страдања и дека во срцата се исполнуваат со тага, за да не ослабнат во својата вера, ревност и љубов кон Него ги извел на Таворската гора, и им се покажал во Својата ненадминлива и несоздадена слава. Инаку, специфично за овој празник е тоа што на Литургијата после задамвоната молитва се благословува и осветува грозјето. Тогаш за прв пат може да се јаде од овој плод. Објаснување на монасите од Бигорскиот манастир.

На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење.

 

Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото, во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот.

 

Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи.

 

Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува.

 

Во некои места било обичај на Преображение жеби и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)нда бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.

 

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.