Press "Enter" to skip to content

Игор Трајковски – Фоја, магистер по драматургија и филмско сценарио: ако си опкружен и работиш со вистински луѓе, секоја, па и “најлудата“ идеја може да се реализира

Жанета Ристевска

-Ми се случија „триста работи“ за овие две и пол години. На личен и професионален план. Но тука се и “работите триста“ на светско ниво, во услови на пандемија и светска криза. Но можам да кажам успеав да  останам креативен и позитивен во услови на тотална светска депресија, на овој начин го започнавме разговорот со Игор Трајковски познат како Фоја, во неговото кафуле “Радост“ во центарот на Битола, кој некој начин го најави  својот најнов проект,  книгата “Позитивен – во услови на тотална светска депресија“, трета по ред. Книгата ќе биде промовирана во рамки на ОФФ програмата на Фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки“ во Битола.

Од нашиот разговорот кој го водевме во јануари 2019 година за рубриката интервјуа, ги реализира своите проекти, кои беа негови идни планови. Затоа повторно после 2 и пол години  разговор со повод  Игор Трајковскои – Фоја за неговите три проекти со кои повторно „излегува од рамката“ како автор, фотограф, музичар, графички дизајнер и филмски сценарист. Ги привршува магистерските студии драматургија и филмско сценарио на ФДУ кои ги започна на ФИОФА.  Заедно со Иво Трајков македонско -чешки режисер разработуваат сценарио на македонски долгометражен игран филм,  со работен наслов „Ноќта“. Во април месец ја промовира својата изложба „Иднина во минатото“ со која  ја наговести книгата „Позитивен..“. Неодамна во рамки на битолско лето 2022 се одржа фестивалот „300, Работи триста“ , а оваа година јубилеј 10 години одржување.  Разговорот  го направивме во кафе бар „Радост“, каде и се случуваат „триста работи“ чиј иницијатор и организатор е тој Игор Трајковски Фоја, мултимедијален уметник.Книгата „ПОЗИТИВЕН  во услови на тотална светска депресија“ ќе биде промовирана во рамки на ОФФ програмата на Фестивалот на филмска камера „Браќата Манаки“. Кажи ни повеќе.

-Пред да започне создавањето на  оваа книга 2019 година, светот  изгледаше како едно поинакво место за живеење, барем за мене. Се беше блиску, можевме да патуваме од едниот на другиот крај на земјината топка, имавме лек за скоро сите болести, насекаде се ширеше идеата за светска благосостојба. Набргу потоа, како во лош сон се најдовме среде пандемија предизвикана од вирус, опколени со законски регулативи, здравствени препораки, статистика на заразени во земјите низ светот и дома кај нас. (од предговорот на книгата). Книгата „Позитивен во услови на тотална светска депресија“ ја пишуваав токму тогаш како израз на мојата душевна состојба како одговор на се што се случува, барајќи ја вистината…како автор. Таа не е типичен роман, туку амалгам од разни прозни техники, фејсбик статус, мои мисли,па дури во едниот дел се среќава и кратко филмско сценарио. Како што наговестува и насловот, книгата е пишувана и третира теми поврзани со ковид пандемијата и секојдневното живеење во изминативе 2-3 години. Се состои од два дела едниот со наслов „Заедно на дното“- Антимотивациски прирачник за преживување на Балканот.  Низ овој дел има препораки со кои на еден интересен начин, со говор близок на секојдневниот современ жаргон, како да се остане позитивен, па макар и во услови на тотална светска депресија.  Еве пример од книгата  „Не чекај ред ако можеш, ако имаш врска фаќај ја одма“ или „За сегде ти треба чоече“. „Не вечерај“. „Не ги сфаќај вестите сериозно“. „Насмеј се и насмеј некој до тебе денес“, Намести си го креветот од сабајле“. Всушност место каде се дизајнираме заедно во процесот на читање. Јас како автор – креатор, а од друга страна публиката – медиум креатор.Вториот дел „Позитивен во услови на тотална светска депресија“ се записи насловени „новата вистина“ исто така период  кога јас бев  „позитивен“ на корона вирусот и од таму насловот со многу симболика.

-Имено  кога ги добив резултатите низ хумор на сериозните службенички кои ми го кажаа резултатот дека сум позитивен, им  одговорив  дека секогаш сум позитивен во животот. Така и мојата идеја и порака со книгата е дека секогаш треба да си позитивен, и  кога е сериозно и тешко. Со хумор кој мора да го имаме како одбрамбен механизам кога поминуваме низ тешкотии во животот, за да ни биде полесно. Заради тоа книгата е едно лесно четиво. Не е типичен роман или типична проза. Тој е израз на тоа како јас функционирам. Начин на изразување на душевната состојба. Јазикот е близок до современиот обичен говор, со сето ова  книгата е едно лесно четиво. Со што мислам дека лесно ќе го најде својот пат до читателите. Рецензенти на книгата се  Златко Жоглев и Гордана Такец. Проектот е поддржан од Општина Битола и реализиран  во соработка со здружението ЛАТЕРАЛ Битола.  Тимот на ГРАФО ПРОМ Битола  ја издадоа книгата. Тие се заслужни  и  за сите мои печатените остварувања, како графики, фотографии и публикации на книги и каталози. Промоцијата на книгата ќе се одржи на: 24 Август (Среда), во 21.00 часот, во РАДОСТ, како дел од ОФФ програмата на  Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ 2022 година.Ве поканувам вас и сите оние кои сакаат да присуствуваат на оригинална промоција во кафе бар „Радост“. Овој период градот живее во духот на браќата Манаки и филмот, со што ќе има голем број филмаџии, вљубенци на филм, книги, мои пријатели и оние кои сакаат нешто ново.Најнов проект – автор и сценарист на долгометражен македонски игран филм „Ноќта“  

-Во 2018 година моето долгометражно сценарио за дипломски испит под работен наслов „Ноќта“ беше избрано меѓу 10 најдобри од Агенцијата за филм на Македонија и доби финансии за снимање. Но, не се реализира заради оправдани причини меѓу кои и пандемијата. Но еве неколку години подоцна продуцентот Роберт Јазанџиски кој веруваше и се уште верува во ова сценарио и за истото има остварено контакти за копродукција со Чешка, Словачка и Словенија. Заедно со  Иво Трајков македонско чешки режисер ние повторно го  разработуваме сценариото. Имавме средба одреден период на Јонско море, а наскоро патувам и во Прага за да нашата визија која ја имаме двајцата биде успешно спроведена. Насловот „Ноќта“ е се уште работна верзија, кој може да има промени, се уште не се знае како ќе биде понатаму.. Приказната е инспирирана од вистински настан кој се случил во Битола. Тоа е една современа  приказна, може да се каже социјална драма, за животот на младите кои се соочуваат со неправедностите на општеството и системот како корупција, криминал во полиција, судство… Приказната има мозаична  структура со 3 испреплетени приказни. Кастингот се уште трае и во истиот глумат македонски актери. Повеќе не би откривал, а кога ќе започне снимањето сигурно е дека преку вашиот портал ќе откриеме повеќе за филмот.Иднина во минатото“ самостојна  изложба на ваши фотографии во Офицерски дом. Кажете за овој ваш  проект…

-Емоциите од патувањето и престој во Кина кај мои пријатели е изложба  „Иднина во минатото“ – низ слики и спомени од патување во Шенжен-  Кина“ . Изложба која претставува колаж од фотографии, поточно едно објективно *(Објектив / Фотоапарат / Маханичко око) видување на амбиентите од Шенжен Кина. „Иднина во минатото“ всушност ја најави книгата „Позитивен во услови на тотална светска депресија“ чија промоција ќе биде на 24 август. Времето било предмет на интерес на мислители, духовници, уметници па дури и секој еден од нас. Сметам дека времето е највредната валута. Фотографијата е таа, која може да откине миг од минливоста на времето и да го зачува, целовито. Мора да се сложиме дека изминатите 2-3 години, живеевме во новото секојдневие. Во кое беше умешност, да се одржи физичкото, а да не се наруши менталното здравје. Во иднината ваквото Човековот однесување ќе бисе забележани како засебна  епизода во рамките на еволуцијата. Што тоа ќе значи за светот во кој ќе живееме, ќе покаже само судот на времето.  Своето исуство кое го доживеав на патувањето во Кина во 2019 година го насловив како „ИДНИНА ВО МИНАТОТО“.  Едноставно тогаш  на прв поглед бев фасциниран од сето тоа што ми го приужи градот, Шенжен, кој делуваше како град од инината. Но како што откривав, делови од мозаикот, стануваше јасно дека таа идниа се изградила, на темелите на едно богато минато. Моја идеја беше  низ еден визуелно-естетски, мисловен, перформанс, да споделени слики и спомени од Истокот, преку визуелниот наратив, кој има за цел да не понесе кон едно мечтаење, за долго очекуваната иднина, која можеме да ја споредуваме само со досега искусеното минато.

10 јубилејно издание на фестивалот “300 работи, триста“ во Битола

На овој фестивал  низ годините се случиле „300 работи..“, Секоја година имаме голем број настани : промоции на книги, уметнички изложби на слики и фотографии, видео спотови, краткометражни филмови а на истиот учествувале уметници, вљубеници на уметноста, гости од целата земјина топка. И оваа јубилејна година го имавме “Колегиумски Записник 009“ зборник на трудови од група автори. За фестивалот – 300 Работи, Триста- визуелниот идентитет секоја година го изготвува  Илија Талев, попознат како Иле Косата, кој учествува и во рецензентските  активности околу собирањето на уметнички дела и трудови.

За семејството

Семејството во мојот живот ми е најзначајно и денес тие се моја најголема поддршка.  Мојата сопруга Сања  и мојот син Петар кој има 1 и пол година. Воспитуван сум во духот на традиционално семејство и почитување на тие вредности. Потекнувам од стара битолска  фамилија. Моите дедо Димитар и баба Блага семејство Такец беа фамилија каде се почитува традиција со сите морални вредности. Пример се собираше семејството и се јадеше во точно време со сите културни манири.  Велат мирисите најповеќе се паметат и будат емоции… Се уште го паметам мирисот на традиционалните јадењата кои ги готвеше и месеше мојата баба Блага која беше права домаќинка и голема поддршка на мојот дедо во секаква смисла. Паметам дека  мојот дедо Димитар Димитровски Такец со свои мудри мисли, имаше одговор на се што ќе го прашав, како мал. Тој беше жива енциклопедија за многу настани во Битола. Роден 1922 година своите сеќавања хронолошки ги преточи во книгата  „Перформансите на Широк Сокак“ во која учествував при нејзиното средување. Тука е и мојата мајка Гордана Такец адвокат и автор на многу книги.

Игор Трајковски Фоја  може да се кажа дека ја продолжува традицијата на неговиот дедо Д.Д.Такец и неговата  мајка Гордана Такец… Со свои 36 години има зад себе биографија достојна за почит, која ја пренесуваме тука. Секогаш позитивен и креативен, а сигурно не очекуаат уште многу други проекти со кои  Игор Трајковски Фоја ќе  „излегува од рамаката“.

Еден извадок од книгата која ме воодушеви:  „Како секој еден разумен, возрасен човек се повеќе ме интересира вистината денес. Искрено не знам како лесно да дојдам до неа и покрај илјадниците сателити над нашите глави, и покрај прекрасната интернет конекција“.Кратка биографија

Роден на 4 Мај 1986 во Битола, Р. Македонија Игор Трајковски познат како Фоја е автор, фотограф, музичар, графички дизајнер и филмски сценарист. Во уметноста навлегува со комбинации на фотографија и уметничка графика. Негови графики се дел од повеќе изложби во земјата и Европа, меѓу кои „Интернационалното Биенале на графичка уметност, Португалија – 2014“; Изложба на графичка уметност „Огледало лице во лице“ Виченца, Италија – 2016. Автор е на книгите „Кукла“ – 2010 (кратки раскази) и романот „Снежна Пустина“ – 2013 (Министерството за култура, дело од национален интерес).  Главен и одговорен уредник е на зборниците за литературна уметност: Колегиумски Записник 001 (2014) па се до; Колегиумски Записник 009 (2022). 

Уредник на списанието „Магента“ кое од 2015 па наваму третира теми поврзани со уметноста посебно во Битола и регионот. Основач е на групата „Live Литературен Перформанс“ во која членуват поети и музичари од Битола, со која на еден не формален начин се презентира авторска поезија.  Организатор е на фестивалот „300 работи, триста“ Фестивал за литература и аудио визуелни уметности. Фестивалот се одржува непречено од 2013 на ваму и на него досега учествувале гости од Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Р. Ирска, Кина, Индија, Сад, Чешка и други. Добитник е на многу бројни награди од областа на литературата меѓу кои: Прва награда за поетска творба на поетската манифестација „ПЛАНЕТОПИЈА 2019“;  Медал „Културен Центар Месопотамија – Белград“ 2020;  Специјална награда за поезија „ ГРАД ГАЛАТЕО-АНТОНИО ДЕ ФЕРАРИС“ – Меѓународен натпревар во Рим, Италија за песната „ТИ И ЈА“ (препев на српски јазик) 2020. Завршил постдипломски студии на Филмската академија во Охрид – ИФФА (FIOFA), студент на постдипломски студии на ДФУ – Скопје. Самостојна изложба на фотографии „ ИДНИНА ВО МИНАТОТО“ 2022 (Министерството за култура, дело од национален интерес).

Филмографија:

СОБА 13 (2017) – Краток филм – Сценарист; Лактив Туризам Охрид (2017) – Промотивно видео во форма на краток докуметарец (Европски Проект) – Сценарио и Режија; НОЌТА (2018) – Автор на сценарио за игран филм, добитник на средства за развој од филмскиот фонд на Македонија за 2018 година.; ТВ Серија ПРЕСПАВ, (2019) – Сезона 4, Епизода 5  „ВИШ ИНСПЕКТОР“ Сценарио, Епизода 18 „ТРАНС ТОАЛЕТ“  Сценарио, Епизодна Улога.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »
More from КултураMore posts in Култура »