Press "Enter" to skip to content

“Калидус“ и Американското катче одржаа обука за наставници и чинители на образовниот процес (фото)

Здружението за неформално образование, животна средина и социо-културна едукација “Калидус“ од Битола во соработка со Американското катче Битола одржа обука со наслов „Со иновативен пристап и стратегии, до инклузивно образование“. Обуката беше наменета за наставници и чинители на образовниот процес во основно и средно образование, како и за сите заинтересирани кои сакаат да придонесат во процесот на инклузија. Обуката се реализира во рамките на програмата Еразмус +  како дел од еднонеделната обука „Стратегии за учење на ученици со посебни потреби“ организирана од страна на “Europass Teacher Academy“ во Фиренца, Италија,одобрена од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Скопје и од Европската комисија на ЕУ. Со оглед на актуелните реформи во образованието, со кои се предвидува тотална инклузија на лицата со попреченост во редовното образование во периодот што претстои неопходни се интензивни обуки на целокупниот наставен кадар, за правилно прифаќање на учениците со попреченост и успешна реализација на предвидените наставни активности, вели координаторот на проектот м-р Биљана Темелкова.Од здружението велат дека споделувањето на искуства од европските земји каде овој процес е веќе подолго време имплементиран е повеќе од неопходен. Оваа обука ќе го доближи европскиот образовен систем до нашиот. Ова е одлична можност да се увериме во тоа и да пренесеме дел од тоа искуство во својата работа. Целта на оваа обука е да се вклучат учениците со попреченост во редовниот образовен процес. Оваа дефиниција неодамна се прошири и ги вклучува сите групи кои имаат неповолна положба во општеството (верски, етнички и културни малцинства, мигранти, бегалци и баратели на азил, девојчиња, семејства со ниски примања, лица со попреченост, пациенти со СИДА, итн.) Во денешна смисла, инклузивното образование ги опфаќа сите деца кои имаат еднаков пристап до социјални, културни, образовни, витални активности и можности, со или без специфични потреби и / или попречености, и право на образование со други врсници. Се надеваме дека на учесниците им овозможивме да се запознаат со концептот и легислативата на инклузивно образованиекако и да ги препознаат практиките на учење и средините за учење. Понудивме различни наставни методи за подобрување на повеќекратната интелигенција. Настанот наиде на голем одзив од страна на наставници од основото и средното образование од Битола и околните градови кои го искажаа своето задоволство од понудената рака со цел секој од нив понатаму да го даде својот придонес во понатамошниот тек на организација на училиштата и во трансформацијата на секое училиште од традиционално кон инклузивно.  Од Здружение “Калидус“ нè информираа дека следуваат низа работилници на темата кои ќе бидат концепирани со конкретни практични примери со цел да се помогне на секој наставник во планирањето на наставата и подготовката на часовите.

More from ВестиMore posts in Вести »