Press "Enter" to skip to content

Денес е строг пост, се слави Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител

-Православните христијани денес го слават празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител, што секоја година се празнува на 11 септември, а кај народот е познат под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен и други.

-Црква посветен на овој светеџ е на ридот кај Германските гробишта во Битола

Свети Јован Крстител ужива голем култ кај верниците во христијанскиот свет и оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни и народни свечености.

Православните верници за овој ден држат строг пост, не се јаде не само мрсно туку и риба и масло. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

Славното отсекување на главата Претечева беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот.

Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот.

Според житието, Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господ Исус, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на Свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета.

Но бидејќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законска жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, којшто се уште беше жив. Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го изобличи Ирод. Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада.

И пијан и занесен од таа игра, Ирод и вети на танчерката дека ќе и даде се што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство. Наговорена од мајка си, Салома ја побара главата на Свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место.

Што стана понатаму со главата на Светиот Предвесник опишано е под 24 февруари. Но набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна. За да ја измие честа на својата ќерка кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија. Како прогонети Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта.

Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на Свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 29 август е востановено затоа што тој ден е осветена црквата којашто на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија Светиот цар Конастантин и неговата мајка, Светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј.