Press "Enter" to skip to content

Тони Наумовски – актер: на аудициите секогаш пеам македонска музика, ако не се бара нешто друго конкретно, кога размислувам за еден лик го размислувам низ музика.

Жанета Ристевска

Што прајте бре?” “Што сте се собрале сите?”… во публика молк. И на крај “Уф, бољки наши“   Во салата силен аплауз и ме кренаа на раце. Се присети за својата прва улога одиграна на 16 години, со локалната македонска театарска група  “Талија“ во Битола. Поттик за да навлезе во актерството. 

Значи кој овде ја превзема одговорноста? Никој?” вели војникот Владо Лазаревски во серијата “На терапија“ – негова животна улога. Од неговата прва улога во средношколската претстава “Убишка“ како ученик во Горната гимназија во Битола, се до голем број на маестрално одиграни улоги во театарски претстави, филмски остварувања и телевизиски серии… Сталин, Хамлет, Цар Едип, Одисеј, Кралицата Јокаста, Реза во “Големите Кучиња” (“Big Dogs“) боксерот во “Ова не е американски филм”. Се до неговото најново филмско остварување по сценарио на Александар Русјаков во режија на Игор Алексов-Битлс, во улогата на Владимир, во новиот филм “Лена и Владимир”, чија премиера се очекува во 2023 година. Споменавме  само  дел од неговите најзначајни актерски остварувања. Над 100  одиграни улоги, a за некои и наградуван.  Оваа година презентер на отварањето на 43 тиот ИФФК “Браќа Манаки”,  еден од најмаркантните ликови на црвениот килим и свеченото отварање.

На свеченото отворање на фестивалот “Браќа Манаки“ со добитникот на Златна камера 300

Разговор со Тони Наумовски – актер,  битолчанец кој го живее својот сон на штиците кои живот значат и тоа на многу престижни сцени и театри во Њујорк. Веќе 18 години работи во театарски, филмски и телевизиски проекти во САД и Македонија. Со шмек на актерство како што доликува за еден интернационален  фестивал го отвори 43. ИФФК “Браќа Манаки”. Маестрално  изведе реплики на актерите Марлон Брандо, Роберт де Ниро и Ал Пачино од нивните култни филмови.

Дадов предлог да започнеме со реплика на Марлон Брандо од “Кум“

Кажи ни повеќе околу оваа покана да бидеш дел од фестивалот оваа година. 

-Поканата дојде додека бев на одмор во Битола. Се се случи многу набрзина. Генерално не сакам импровизации и сакам да се подготвувам за улогите и настапите од ваков вид повеќе како спортистите и музичарите. Но некако се се вклопи и се покажа дека и кога си “фрлен“ в оган се случуваат магични работи. Се совпаднаа многу интересни моменти. Имено, кога разбрав дека ќе настапува фантастичното “Трио Џентлмен” заедно со нашиот хор, со главнaта нумера од филмот “Кум”, веднаш ми дојде идеја да се вметнат незаборавни реплики изведени од познатите актери во “Кум”… Пред два месеци бев на фестивалот – Tribeca Film Festival “Филмски фестивал -Трибека“ каде се одбележуваа 50 години од премиерата на култниот филм “Кум”.  Со импресии од таму дадов предлог да започнеме со реплика на Марлон Брандо од “Кум“ и следуваа реплики од легендарните актери Роберт Де Ниро од (Taxi driver) и Ал Пачино (Scarface) (кои се исто така актери, дел од филмот “Кум”). На овој начин оддадовме почит на филмот и актерите, а фестивалот доби светски лик. По свеченото отворање комплименти споделија многу луѓе од светот на филмот од разни земји. Меѓу нив професорка на Институт за филм и селектор на два филмски фестивали од Швајцарија, која ми кажа “Скоро 40 години патувам насекаде низ светот на престижни фестивали, држам мастер класови несекаде, но ова отварање беше на друго ниво. Шмекот на вашето актерското мајсторство му даде на фестивалот една друга димензија“. 

Актерска фотографија за Кастинг

Кажи повеќе за себе: Како навлезе во актерство, денес Тони Наумовски е еден од најпознатите македонски актери?

-Роден сум во Сиднеј но израснат во Битола. Во семејство на музичари, всушност израснат сум со музика и целиот живот ми е испреплетен со музика. Мојот брат Борче Наумовски се занимава со музика, пејач-мајстор специјално народна музика. Се сеќавам кога бевме мали со брат ми, кај нас скоро секој ден имаше седенки со музика. Во нашата куќа секогаш имало различни инструменти како: тарабука, тапан, гитара, хармоника, кавал итн. Мајка ми и ден денес прекрасно пее, по слух. Баба ми Сирма по мајка од Скопје, прва другарка на Васка Илиева, исто така пееше фантастично. Од страна на татко ми во фамилијата имаше кларинисти, тапанџии, хармоникаши. Само дедо ми Вангел-Марата беше во театарот. Растен со музика имав голема желба да свирам клавир. На 9 годишна возраст, со образложение дека прстите ми се дебели, ми кажаа дека сум за тапани. Имав осет за ритам и земав приватни часови, но вежбав и по 8 часа дневно. Паралелно со музиката на училиште и дома изведував имитации и по некој скеч. Како тинејџер имав различни периоди на себепронаоѓање, свирев во група, се пробав и во традиционалната народна музика и сметав дека музиката ќе биде моја животна определба.

Како Ц во ‘Wide Awake Hearts’ ‘Широки отворени срца’.

За музиката

Музиката е испреплетена во мојот живот и има огромно влијание. Кога имам можност во некои театарски претстави, секогаш предлагам да се воведат елементи на македонска музика. И често се случувало да се вметнува во театарски претстави и преку реплики на моите ликови. Кога размислувам за  еден лик го размислувам низ музика. Во улогата на Кралицата Јокаста поголемиот дел на текстот го пеев. Тоа всушност беа вметнати делови инспирирани од некои од најубавите македонски песни повеќето во 7/8 такт како “Јовано  Јованке“, “Море сокол пие” потоа “Параходот”, “Зајди Зајди”, “Со маки сум се родил” итн. Во некои од претставите се потпишувам и како музички директор. 

Како РЕЗА во “Големите Кучиња“

Прва улога 

На 16 години станав дел од една локална македонска театарска група наречена “Талија“, каде се подготвуваше театарска претстава “Убишка“ која завршува трагично со едно младо момче кое умира од дрога. Мојата улога,  улога на полицаец, траеше само две минути, кога се појавувам на крајот од претставата. Можам да кажам дека потполно се соживеав со улогата и неколку дена пред премиерата најдов полициска униформа со која се шетав низ градот. Е до толку сериозно си ја сфатив работата. Дури и отидов кај мојот чичко на врата и не ме препозна. Предложив моите три реченици да ги кажам на ротински, наместо на литературен македонски или по битолски. Предологот се прифати и така беше. Излегов на бината, тажна сцена, трагичен крај и јас со мојот грлен глас и со мојот ротински говор извикав “Што прајте бре?“ “Што сте се собрале сите?“…молк во публика, и на крај “Уф бољки наши“. Беше лудило, со аплауз и овации публиката ме крена на раце. И така започна мојата актерска кариера.

Одисеј во Одисеја

Прво професионално актерско искуство ми беше во 1996 година, во претставата “Ромео и Јулија“, а прва професионална улога, се случи додека бев втора година на академија со улогата на Мазето во “Декамерон“ во режија на Александар Морфов.

Во 1996 година се запишав на Националната академија за театарски и филмски уметности (НАТФИЗ), во Софија, во класата на Стефан Данаилов, а студиите ги завршив во 2000 година. Постдипломските студии ги завршив во 2003 година во Сиднеј. Потоа со стипендија од институтот за театар и филм на Ли Стразберг, заминав во Њујорк каде моментално живеам и работам.  Актер  во светски филмски и телевизиски проекти и театарски претстави на Њујоршката сцена. 

Актерска за кастинг

Кажи ни повеќе како се одвива процесот на аудиции?

-Да се издвоиш од мнозинството актери и да успееш да работиш во континуитет е еден макотрпен процес кој бара максимална посветеност и многу жртвувања. Добиваш улога во проект, работиш и кога завршува проектот повторно си на “улица”. Можам само да ви кажам дека голем дел од актерите “преживуваме“. Во САД има околу 1,500.000 актери, дел се на источниот брег Атланата, Њујорк, Чикаго, Бостон и дел на западниот брег ЛА, Сан Франциско. Од нив само околу 180.000 се привилегирани членови на САГ и АФТРА (SAG-AFTRA), актерскиот синдикат или унијата на актери. Сите имаме профили на две големи кастинг електронски мрежи со фотографии, видеа, биографии, специфичности, карактеристики итн. Ќе кажам само она што го кажа на мастер клас една реномирана кастинг директорка за улога од пет зборови, која ќе се објави во 12 часот на пладне до 17.00 попладне има околу 5 – 7000 апликации на актери. Тоа е така да го наречеме прв круг, само да дознаеш за улогата или твојот агент да дознае за истата. Ако агентите лобираат за тебе и аплицираат за таа улога веќе си во втор круг. Ако од сите апликации воопшто те повикаат на кастинг во тие 200-300 веќе си во трет круг. Четврти или петти круг влегуваш во топ 10. Обично тука веќе си на аудиција каде 11-14 членови како: кастинг директор, режисер, кративен директор, сценаристи, косценаристи, продуценти и сите тие одлучуваат кој треба да помине. Ова е комплицирано само да се зборува, а камоли да се поминува низ целиот процес скоро секојдневно. Затоа поголемиот број на актери, многу од нив навистина фантастични актери се откажуваат, губат самодоверба, посегнуваат по психотропни супстанции или градот полека ги “исфрлува”. 

Тони во улога на Сталин со Алма Малер

Го оживеа ликот на Сталин, контраверзен лик… за кој изјавивте “Се впишувам во историјата на американскиот но и на светскиот театар. Ова е светска премиера на “Final Analysis” во која јас сум првиот актер кој го  толкува ликот на Сталин. Се чувствувам почестен. 

Приказната на Ото Ескин раскажува еден историски инцидент. Виена, 1910 година, град кој во тоа време претставува крстосница на цивилизацијата, парфимираната атмосфера во која живее богатата класа наспроти огромната сиромаштија, корупција и анти – семитизам. Во пресрет на Првата Светска војна се среќаваат шест лица кои се предодредени да го променат светот. Познатиот композитор и диригент Густав Малер, неговата сопруга Алма Малер, Фројд, Лудвиг Виxтенгштајн, Сталин и еден млад човек, Хитлер, кои низ сплет на околности интригантно се спојуваат во оваа драма исполнета со филозофија, љубов и политика. Во ликот на војникот Владо Лазаревски во македонската телевизиска серија “На терапија“ се надмина себеси, давајќи му на ликот една длабока вистина, Публиката го доживеа како реален лик, дури некои прашуваа „Каде е Владо“?  

-Таа е улога која дефинитивно ја одбележа мојата кариера. Војникот Владо Лазаревски е со огромно чувство на одговорност, бескрајно правичен, со високи морални квалитети и одговорност кон општеството. Комплексен, моќен, особено интелегентен но уште повеќе ранлив. Човек кој е во постојан конфликт со себеси и е најголем предизвик сам за себе. 

Како морнарот во “Something cloudy, something clear“, “Нешто облачно, нешто јасно“

Навлегувајќи длабоко во своите улоги оставаш дел од себе… Колку успеваш да бидеш оној кој си вистинскиот Тони Наумовски? 

-Градејќи еден лик со сиот негов свет, сите негови однесувања, мисли, соживувајќи се со неговите емоции љубов, бес, гнев итн. Мозокот ја губи границата за реалност. Ти си, а не си ти, уште долго време после тоа. Мозокот и телото не ја разбираат разликата помеѓу реалноста и играта или вистината и уметничката вистина. Се случува во театарот после претстава 4 до 5 сати да не можам да се соземам. Тоа не завршува тука, 24 саати живеам со ликот. Особено е тешко кога два, три месеци играш во една претстава. Во Њујорк има над 950 театри, претставите се играат секој ден освен понеделник а за викенд по две претстави на ден. Тоа се некаде 64 изведби на истата претстава во два месеци, што мислам дека е премногу. Исто така морам да кажам дека Њујрошката публика е многу прибирлива и ретко нешто навистина да им се допадне. Очекувањата и притисокот се големи затоа што таа публика го изострила вкусот гледајќи го најдоброто од светот кое што секогаш доаѓа во Њујорк.  На пример имало претстави со голем буџет каде визуелно може претставата да биде фантастична, но енергијата и суштината да не допре до публиката.   Тоа беше претставата  “Човекот пајак“ (Spiderman) со буџет од десет милиони долари која што само по два месеци се затвори. 

Владо “На терапија“

Како  се справувам со тој брутален процес?

-Наоѓам начини како да се вратам во мојата реалност. После претстава сакам да сум сам и знам да пешачам и по 10-15 километри. Возам велосипед,  практикувам боречки вештини, водам здрав начин на живот, без кофеин, без алкохол и со здрава храна. Читам многу. Се трудам секоја недела да прочитам некоја научна, стручна литература која ќе ми помогне во мојот пристап кон актерството и работата над себе. Најмногу финансии трошам за книги. Музиката исто така ме опушта, таа е значаен дел од мојот живот. Работам над себе и постојано се преиспитувам кој сум? што сум? зошто сум? и како да се подобрам. Како непрестано да се развивам и надградувам. Верувам во квалитетот. По квалитетот публиката ќе те препознае.

Во улогата на Цар Едип

Разговорот  со актерот Тони Наумовски беше едно  доживување кое траеше повеќе од два часа. Но со Тони може со часови да се зборува бидејќи разговорот протече на многу интересен начин со реплики од неговите улоги, нашироко објаснување за многу теми низ кое играше, пееше кажуваше анегдоти, со детална анализа на многу теми поврзани за театарот, филмот, актерството. 

“Ми се чини многу зборуваваме, а ништо не кажавме“…на крај рече 

Јас не би рекла така, низ игра, песна, тактирање, реплики од театарски претстави отпеани во 7/8 такт и мелодија од „Јовано Јованке“, „Параходот…“ или изрецитирани, се открива неговата комплексна личност која целосно ја внесува во неговите улоги кои зборуваат за богатсвото на емоции на овој актер.  Вметнувајќи македонска музика во театарски претстави на големите театарски сцени, во кои се потпишува и како музички директор, всушност на еден начин Тони Наумовски е амбасадор кој ја шири насекаде македонската традиционална музика и македонската култура.  

-“Материјалното не ме интересира…” рече, а како и ќе го интересира кога со толкаво богатство на одиграни ликови во театар, филм, телевизски серии, прочитани книги, комуникација со многу личности, тоа не е ни важно. Но, духовно тој е богат човек.

“Сталин“ со “Хитлер“

Биографија 

Тони Наумовски е роден во Сиднеј, Австралија, со потекло од позната музичка фамилија од Македонија. Дипломирал на еднa од најпознатите школи за актерство во Европа, Националната акедемија за театар и филм во Софија, Бугарија. Завршува магистерски студии на Универзитетот “New South Wales” во Сиднеј, Австралија, а во 2004 година добива стипендија од Anna Strasberg, сопругата на легендарниот актер, режисер и педагог Ли Стразберг за специјализација на неговата метода во “Lee Strasberg Theatre and Film Institute” во Њујорк. Наумовски е подеднакво успешен во театар, филм и телевизија. Покрај мајчиниот македонски, Тони зборува и англиски, српски, хрватски, бугарски и руски.  Улоги

Неговата кариера брои над 100 улоги а добитник е и на многу награди. Ова се дел од неговите проекти: “Разбудени срца“, “Кентаки кантата“, “Човекот што јадеше дијаманти“, мјузиклот “Од овде до вечноста“, култниот “Лав во зима”, наградуваните серии “Закон и ред” или “Даредевил“, серија “Биг Догс“, во филмот “Run All Night“ со Лиам Нисон и Ед Харис или во “Across the Universe“ на Џули Тејмор. Наумовски играл во “Ова не е американски филм” на Сашо Павловски, каде ја играл улогата на Боксерот. Исто така, играл и во филмот “Медена ноќ” на Иво Трајков и во филмот “Панкот не е мртов” на Сашо Павловски. Во однос на театарската игра, Наумовски остварил повеќе од 50 улоги, како на пример: “Еден лет над театарот во Косово”, “Вдовицата Шејлок – Еврејката од Венеција”, “Цар Едип” итн. За улогата на Диц, СС-офицер, во претставата “Sawbones and the Diamond Eater”, тој бил номиниран за наградата на Њујоршката фондација за иновативен театар, во категоријата најдобра улога во драма. Во македонскиот проект серијата “На терапија“. Со одлични критики за театарските улоги како Сталин, Хамлет и Едип. Ликот на војникот Владо Лазаревски во македонскиот проект, серијата “На терапија“кој ја одбележа неговата кариера.Тој е актер кој со својата харизма и длабочина, инспириран од различни традиции и култури, низ својот уметнички пат гради една уникатна естетика како во театарот така и на филмското платно.

Официјална вебстраница на актерот Тони Наумовски

www.tonynaumovski.com

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »