Press "Enter" to skip to content

На денешен ден во 1918 година на Добро Поле (Мариово) се случил пробојот на Македонскиот фронт

На 15 септември 1918 година на Добро Поле (Мариово) се случил пробојот на Македонскиот фронт.
Петнаесет дена покасно на 30 септември во Солун било потпишано примирје со Бугарија. Со ова на силите на Антантата им се отворил патот кон Турција, која потпишала примирје на 30 октомври и кон Австро-Унгарија која веќе трпела големи загуби на Италијанскиот фронт и потпишала примирје на 4 ноември.

Примирјето со Германија било потпишано на 11 ноември 1918 година, а преговорите биле започнати истиот ден кога Германската команда разбрала за примирјето со Бугарија.

„Големата војна“ започнала во Европа на 28 јули 1914 и била наречена „Голема“ бидејќи била најсмртоносна и најразурнувачка војна дотогаш. Кога започнала, сите мислеле ќе трае 4 до 6 месеци, но траела нешто повеќе од 4 години. Биле мобилизирани повеќе од 70 милиони војници, од кои над 9 милиони загинале, заедно со 7 милиони цивили. Раздвиженоста на војските довела до полесно ширење на епидемијата на Шпански грип од која се проценува дека животот го загубиле околу 50 милиони луѓе.

 

ПСВ предизвикала големи политички промени, од кои последиците се чувствуваат и денес. Познавањето на настаните од ПСВ, ќе ви овозможи многу полесно да го разберете и она што денес се случува во Украина. Нерешените прашања по крајот на „Големата војна“, придонесоа за почетокот на Втората светска војна, со што ова претходната го добила името „Прва“.

Македонскиот фронт кој е познат и како Солунски и Јужен фронт, се простирал од Орфанскиот залив во Егејско Море, до Јадранско Mоре во должина од околу 600 км. Тој минувал низ четири земји: Албанија, Грција, Бугарија и тогашна Србија во чиј состав била и територијата на денешна Република Македонија. Во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година, јужно од фронтовата линија биле стационирани силите на Антантата (француски, српски, британски, руски, италијански и грчки војски), а северно биле Централните сили (бугарски, германски и австро-унгарски). Вкупно од двете страни биле стационирани околу 1.200.000 војници. Од сите делови на Македонија биле мобилизирани околу 200 илјади војници, кои се нашле од двете страни на фронтовата линија. Србија мобилизирала околу 50 илјади, Бугарија околу 120 илјади и Грција околу 20 илјади.

Се проценува дека смртноста во Македонија била околу 27% од вкупното население, а во некои села во Мариово достигнала и до 50-80%.

На 15 септември 1923 година свечено се отворени француските воени гробишта во Битола. Во септември 1938 година, висока делегација од Франција заедно со околу 200 ветерани ја посетуваат тогашна Југославија, и по посетите на Белград, Скопје и Битола се упатуваат на Добро Поле каде на 15 септември, поставуваат споменик (кој покасно исчезнува) на местото кое и денес е познато како „Бронзена рака“. Симболично на тоа место се истура и земја од Верден која ветераните ја носеле специјално за таа прилика. Интересно е да се спомене дека денес во Париз постои улица која е именувана токму Добро Поле (Rue Du Dobro pol), што е доказ плус за важноста на оваа локација.

Текстот е преземен од веб порталот www.itarpejo.org

More from КултураMore posts in Култура »