Press "Enter" to skip to content

Промоција на романот на Александар Русјаков “Хотел меѓу две војни“ во Битола

Романот „Хотел меѓу две војни“ се врати дома – во Битола! Наградуваната книга „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, чие дејство главно се случува во градот на конзулите, беше промовиран вчеравечер во топлиот амбиент на битолскиот локал „Порта џез“. Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја освои наградата „Пегаз“ за 2021 година и е добитник на годинашнoто „Рациново признание“.

Пред присутните гости од сите генерации, Русјаков ја истакна својата љубов кон Битола и битолчани, велејќи дека отсекогаш сакал да напише роман за овој град. Иако е роден во Велес, а цел живот живее во Скопје, сепак најмногу при срце му е Битола, пред сѐ заради битолчаните.

-Чест ми е што го промовирам романот „Хотел меѓу две војни“ во Битола. Отсекогаш сум сонувал да напишам роман за љубов што никогаш не се случила… Но, и да напишам роман за Битола, од една проста причина – бидејќи одамна се имам вљубено во Битола. И тоа не во битолската архитектура и историја. Архитектурата, генерално, никогаш не ме возбудува, сеедно дали е тоа Битола, Париз или Москва, бидејќи зад секоја силна архитектура постои доволно силен земјотрес. Јас секогаш се вљубувам во архитектурата на човечката душа. Љубовта кон Битола во мене ја родија битолчаните.

Во овој роман се содржат три љубовни воздишки: првата е љубов за љубовта, втората е љубов (или воздишка) за Битола, а третата е за Македонија.

Историјата, пак, за мене е една од најубавите науки. Од една страна, го знаеме фактот дека историјата ја пишуваат победниците, а од друга страна ќе ја споменам мислата на еден генијален американски писател кој вели дека „историјата е трачарка од најголеми размери“. Јас се наоѓам некаде на средината. Историјата има прекрасни приказни со коишто човек може да си „игра“. На крајот на краиштата, историјата, ако се повторува како фарса, тогаш фарсата секогаш има своја историја. Македонија нема многу познати забранети љубовни приказни. Легендата за Елени Каринте и Кемал Ататурк е веројатно најпознатата, која може да излезе од границите на Македонија. Истражував и читав неколку месеци и сфатив дека таа љубов не се случила – затоа и поднасловот на книгата е: Роман за љубовта што никогаш не се случила. Решив љубовта што не се случила да ја измислам и да ја направам да биде совршено интересна за читателите. Делото го напишав за околу еден месец – рече Русјаков.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Промоторки на романот беа авторките Фросина Пармаковска и Маријана Котевска-Георгиева.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »