Press "Enter" to skip to content

Словенечкото здружение “Триглав“ од Битола прослави 15 години постоење (фото)

Синоќа во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, пред голем број гости свечено беа одбележани 15 години од формирањето на Словенечкото здружение “Триглав“ од Битола, а покрај официјалниот дел се одржа и културно-уметничка програма.На присутните им се обрати претседателката на Словенечкото здружение “Триглав“ од Битола, Тања Франц, која ги поздрави амбасадор на Словенија Милан Предан, градоначлникот на Битола Коњановски, членови на словенечкото здружение “Франс Прешерен“ од Скопје, гости од Словенија, членовите и останатите, и продолжи:-Нашето здружение, кои преку заедничка работа придонесоа за развојот на нашето здружение “Триглав“ од Битола, брои повеќе од 70 членови, а поттик за формирањето на словенечкото здружение во Битола и визијата за неговата работа дадоа нашите ентузијасти, меѓу кои беше и тогашниот почесен генерален конзул на Република Словенија во Македонија, во месец октомври 2007 година. Почетокот не беше лесен. Ни требаше место, не знаевме колку Словенци живеат во Битола, немавме средства. Првите средби ги имавме во привремениот конзулат на Република Словенија во Битола. Од особена важност за словенечкото здружение беше посетата на делегација од Канцеларијата за Словенците ширум светот на почетокот на 2008 година и нивната поддршка, што ни даде поттик за понатамошна работа.Тања Франц нагласи дека бројот на членови се зголемувал од ден на ден, а  денес редовно се среќаваат и подготвуваат нови проекти.-Здружението веќе тринаесет години успешно нуди дополнителна настава на словенечки јазик. Програмата за работа на нашето здружение е многу обемна, активностите вклучуваат: меѓусебно запознавање, дружење и взаемна помош, создавање социјални и културни врски со Словенија; учење и усовршување на словенечкиот јазик, запознавање на обичаите и традициите, културното наследство и историските вредности; организираме добротворни кампањи; културни средби, ја поттикнуваме словенечката културна активност со театарски и фолклорни танцови настани, изложби, дизајн на библиотека и реставрација на збирки книги, како и со организирање на литературни вечери и пејачки претстави од Словенија.
Посебен акцент во работата на нашето здружение е формирањето на хорот „Триглав“. Преку песната, хорот ја негува убавината на словенечкиот јазик, словенечките песни и култура. Нашиот хор ја претстави словенечката песна во некои градови во Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Виена.Словенечкиот амбасадор Неговата Екселенција г-дин Милан Предан, при своето обраќање рече: -Ќе зборувам на мојот мајчин официјален јазик, но се надевам дека за брзо и вашиот јазик ќе биде официјален јазик во Европската унија, а верувам дека за голем број тука присутни не го чуствувате словенскиот јазик како странски. Како прво ќе ви честитам постоењето на Словенечкото здружение “Триглав“ од Битола кое постои 15 години. Многу ми е жал бидејќи не се дружевме во изминатите две години поради пандемијата, но се надевам дека ќе продолжиме со активностите со посакувано темпо. Им благодарам на сите кои позитивно зборуваат за Словенија.Во културно уметничката програма настапија Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на клавир кои исполнија дела од Шкерјанц, Грит, Рота и Чајковски.Хорот при Словенечкото здружение “Триглав“ од Битола под диригентво на хор-мајсторот Марина Коруновска исполни дела од македонски и словенски автори, а како солисти настапи Денис Алитовски.

More from ВестиMore posts in Вести »