Press "Enter" to skip to content

Еурофарм Пелистер победи во Скопје, Еурофарм Пелистер 2 поразен во Кавадарци

Скопје 2020 – Еурофарм Пелистер 20:25

Тиквеш – Еурофарм Пелистер 2 27:25

Екипата на Еурофарм Пелистер по потешкиот пат, со притисок во финишот од мечот, успеа да слави над Скопје 2020 (20:25), а оваа победа е седма во Суперлигата по осум одиграни кола. Битолчани тргнаа феноменално, но противникот се врати и приреди мал интересен финиш. Сепак, една серија од три постигнати гола им овозможи на „зелените“ победнички да го напуштат Скопје. Ова беше седми триумф по осум кола за тимот на Валтер, единствениот кикс беше ремито со „братскиот“ тим Еурофарм Пелистер 2. Данецот Хененберг се истакна кај победникот со шест гола, четири имаше Руди Сери, а по трипати стрелаа Костески, Радовиќ, Кузманоски и Ојлески.

Серијата победи Еурофарм Пелистер 2 ја заврши на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци (27:25) во осмото коло.  Битолчани одиграа добар прв дел и се чинеше дека ќе запишат нови бодови на своето конто. Но, потоа следуваше голем пад во играта на тимот предводен од Александар Јовиќ. Нападот на гостите застана во продолжението, а тоа домаќинот го искористи за да направи целосен пресврт и во еден момент да стигне до позитива од четири гола во своја корист. Кавадарчани  ја казнија секоја грешка на противникот и направија доволна залиха, за на крај да се радуваат на нов триумф пред своите гледачи. Петре Петровиќ со седум реализации беше прво име кај Еурофарм Пелистер 2.

More from ВестиMore posts in Вести »