Блаже Докуле синоќа во Битола во Офицерски дом, со прекрасна изложба на наградени карикатури низ цел свет, заокружи 50 години творештво, од првата објавена карикатура во списанието “Екран“ во 1971 години, а поради пандемијата големиот јубилеј го одбележа со задоцнување.
На изложбата во Битола дојдоа голем број пријатели на Докуле, на неговото дело, кои сите на различен начин му го честитаа големиот јубиле, половина век карикатура. Но, најубавиот подарок за 50 годишнината Докуле го доби од далечната Австралија, од синот Гаврил, која направи анимација на неговиот стрип-јунак Чкембо.

И ладнокрвнито Докуле, на кој сме навикнати да го гледаме како “кул“ карикатурист, го понесоа емоциите, по добивањето на пораката со анимацијата на Чкембо. Колку и да се трудеше тоа го скрие не можеше, и оправдано. Да се добие анимација на Чкембо од синот, како вели Докуле, голем уметник во Австралија, кој работел анимации и за компанијата “Волт Дизни“, не е мала работа.
Но, Гаврил, од Австралија прати и обраќање до сите посетители, кое е и рецензија на изложбата на Докуле.

Писмото – рецензија беше прочитано на изложбата и ви пренесуваме во целост:
-Нешто што секогаш сум го сметал за неправилно во објави или артикли па и во најобичен муабет е описот Уметник/Уметница.
Како и да е, денес се одвива еден настан на кој за жал не можам да присуствувам, тоа е јубилејната изложба на Блаже Докуле, по повод 50 години творештво како карикатурист.

Ако некој стигна до тука и уште чита, би сакал да се обидам да напишам една кратка рецензија, не како негов син, туку како некој шо е (колку толку) ликовно образован и имал шанса да го просведочи неговото творештво.
Во творештвото на Блаже Докуле од прв поглед е очигледно дека станува збор за серии на дела каде главен дел е идејата, или самиот концепт. Ликовниот аспект во неговото творештво е оформен со едноставната цел, да биде брз метод на произведување на готови дела со цел да се пренесат сите тие идеи или критики кон јавноста во што поскор период. Бидејќи тоа е самиот концепт на карикатурата, неутрална но сепак агресивна критика на општеството. Сепак доколку го анализираме ликовниот или техничкиот аспект на делата на Докуле првото нешто што го гледаме се „тешките“ линии кои се речиси рељефни. Тие го дефинираат ликот или фигурата на цртежот на минималистички начин, со брзи агресивни движења.
Техниката на неговиот цртеж се основа едноставно на конкретни сигурни потези кои исцртуваат конкретни фигури во неколку линии од почеток до старт. Колоритот, кога е присутен е доста агресивен но исто така конкретен и сигурен во изведбата кое го дефинира целовкупниот стил на Докуле како гласна изведба со цел да привлече внимание кон самиот концепт кој тоа дело го пренесува. И како последен аспект би сакал да го посочам делот каде техничкиот аспект се оптимизира со цел да се претстави концептот што е можно поскоро.
Материјалите кои ги користи се, со негови зборови: „Абе хартија, било каква хартија да е! И дај нешо молив, стило.“ Нешто како Џексон Полок шо користеше автобои или бои за автомобили (или како и да е) бидејќи тие биле најефтини/најпристапни а побитно е да се претстави концептот одколку медиумот на кој се претставува.
После 50 години творештво, мислам дека неговите дела го издржаа тестот на времето, и бар јас мислам дека е Уметникот, Блаже Докуле.
За ликот… тој е со брада, коса порано црна сега бела, а за делото повелете во Офицерски дом и погледнете ја изложбата.