Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Александар Поповски

Во Битола на 90 годишна возраст почина Александар Поповски поранешен претседател на  Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, кој ги организирал познатите средби во Трново, борец за човекови права и слободи, почесен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, партизанот, Искра, Αλέξανδρος Παπαδημητρίου -Σπίθα сопруг, татко, дедо и прадедо.

Александар Поповски (15 февруари 1932, с. Долно Котoри, Леринско – 13 ноември 2022, Битола) македонски партизан, учесник во Граѓанската војна во Грција.

Александар потекнувал од револуционерна фамилија. Тој во партизани заминал на 17 години, бил во составот на младинска елитна чета и учествувал во сите поголеми битки. Бил апсен, мачен… Во 1947 година бил курир на партизаните, а од март 1948 година се борел. Учествувал и во битката на Грамос, која започнала на 17 јуни, а завршила на 21 август.

На 24 септември Александар бил тешко ранет. По лекувањето во Албанија, се вратил повторно назад и се борел во четата на Ѓорѓи Пејков. Учествувал во трагичната битка за Лерин. Александар Поповски неколку години во Ташкент ги чувал првите луѓе на КПГ и генералите што се повлекле по поразот. Поповски во Ташкент останал 9 години, каде што се школувал во тамошната воена академија.

-Денес во светот не постои еднонационална држава. За мене национализмот е еднаков на фашизмот. Во држава, каде се зборува и учи на повеќе јазици и сите топоними се напишани на сите тие јазици, само таму владее вистинска демократија. Ние Македонците сме за една вистинска, рамноправна, демократска Европа која не може да биде мултикултурна без мултикултурен Балкан, бидејќи патот кон Европа минува токму низ Република Македонија, рече Александар Поповски.

За својата неуморна работа, Александар Поповски е одликуван со ордени и тоа за Заслуги за народот и тоа “Сребрена Sвезда“ од Претседателството на Бивша Југославија, потоа од Претседателството на Иселеништво на Македонија, од Синодот на МПЦ -ОА, со позлатена плакета од Светскиот Македонски конгрес како прв сенатор на Македонија.

До денот на упокојувањето Александар Поповски, на 90 годишна возраст се уште беше истакнат борец за човекови права и слободи на Македонците ширум светот, и како почесен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија присуствуваше и е консултиран на состаноците кои ги одржува претседателството.

Посмртните останки на покојниот Александар Поповски ќе бидат изложени во капелата во “Св. Димитрија“, утре, понеделник, на 14.11.2022 година од 12,30 часот. Опелото ќе се изврши на ден 14.11. 2022 во 13:30 часот во црквата “Св. Великомаченик Димитриј“, а погребот на “Буковските гробишта“ во Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »