Четврти Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска, утре и задутре (21-23 ноември) се одржува во Културно-информативен центар Битола. Темата на форумот е „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“.
За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса, Лоѓ, Потсдам, Ваљадолид, Гдиња, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во аудиовизуелните медиуми како Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонската радио телевизија, телевизија „Телма“ и други. Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 21 град кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.
Тридневната програма предвидува повеќе презентации и дискусии, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови филмови од градовите-членки на мрежата за филм на УНЕСКО, неформални средби и посета на историски споменици. Презентациите и дискусиите ќе се одржуваат во Офицерски дом Битола (втор кат), а филмските проекции во киното „Манаки“. Форумот почнува вечерва со проекција на два кратки германски филмови – „Бушави приказни“ и „Натерај ја да игра“, обезбедени од Потсдам и документарниот филм „Пенси и Ајви“ од Јужна Кореја продуциран во 2020 година, а обезбеден од страна на Бусан, двата дел од филмските градови во мрежата на УНЕСКО. Филмот е наградуван на многу фестивали вклучително и Филмскиот фестивал во Јамагата, Јапонија, уште еден град од филмскиот кластер на УНЕСКО.
Програмата продолжува утре сабајле од 10 часот со воведни зборови и претставување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија), Соња Бахус од Лоѓ (Полска), Лиса Навроцки од Потсдам (Германија), Гијом Русо (Ваљадолид), Кинга Плихт и Лукаш Цичовски од Гдиња (Полска), Билјана Генова, Дијана Андреева и Ралица Асенова од Софија (Бугарија). Презентации ќе одржат и повеќе домашни претставници од аудиовизуелната дејност и тоа Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Даниела Станковска Плачковска од Агенција за филм на РСМ, Снежана Лупевска Созен, уредник на телевизија „Телма“, Марија Џиџева, режисерка, Смилка Јаневска-Саркањац од Програмскиот совет при Македонската радио телевизија, Мими Ѓоргоска-Илиевска од Управата за заштита на културното наследство, Елена Бојаџиева-Цветковска од Асоцијацијата на креативни индустрии при Стопанската комора на РСМ, Саша Станишиќ, режисер и дистрибутер. Од 13:30 часот ќе се одржи панел дискусија на тема „Состојбите и предизвиците на жените во аудиовизуелните медиуми“. Програмата продолжува со проекции на филмови од градовите-членки на мрежата на УНЕСКО.
На последниот ден на форумот ќе се одржи дискусија за соработка и проекти меѓу градовите на УНЕСКО, како и состаноци за можни точки на контакт и координација помеѓу Креативните градови на УНЕСКО и проекција на филмови. Учесниците ќе имаат можност да посетат локалитети и да се запознаат со историјата како и со локални претставници кои работат во областа на културата и филмот.
Форумот го организира Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ Битола во насока на подобрување на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми и поттинување на соработката помеѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, размена на искуства и добри практики и заедничко делување за прашања од суштинско значење во филмската индустрија. Настанот еподдржан од УНЕСКО преку Министерството за култура во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.