Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: младите и алкохолот

Алкохолот е легализиран и се што има врска со истиот е со закон покриено. Конзумирањето на алкохол е општествено прифатливо, па дури и до таа мерка што на  таа активност се гледа како неопходен ритуал во многу социјални ситуации. Секое излегување во град, концерт, прослава на родендени или било кој друг повод подразбира конзумирање на алкохол и на тој начин се создава еден пат кој неминовно води во зголемување на бројот на потенцијални зависници.

Потребно е да се подигне свеста кај младите за опасностите од конзумирање алкохол бидејќи границата се спушта се пониско. Тинејџерите се поранливи од ефектите на алкохолот затоа што имаат послаба самоконтрола, сакаат да експериментираат и немаат доволно искуство за да ги познаваат своите граници.

ОПАСНОСТИ ОД ОНЗУМИРАЊЕ НА АЛКОХОЛ КАЈ ТИНЕЈЏЕРИТЕ

Намалена способност за фокусирање и концентрација. Алкохолот ја намалува способноста за фокусирање и  концентрација  и тоа не само во моментите на консумацијата, туку и во текот на наредниот ден..

Проблеми со помнење. Консумирањето на алкохолни пијалаци ја нарушува работата на мозокот. Под дејство на алкохол многу луѓе краткотрајно го губат помнењето или имаат „дупки“ во спомените за претходната вечер.

Интензивирање на емоционалните проблеми како депресија  и анксиозност. Алкохолот е депресант и иако на почетокот предизвикува еуфорија, подоцна лицето може да премине во сосема друга крајност – депресија. Консумацијата на алкохол создава уште поголеми емотивни проблеми и кај лицата кои страдаат од анксиозност.

Намалување на успехот на училиште. Тинејџерите кои редовно консумираат алкохол стануваат дефокусирани, ја занемаруваат важноста на доброто образование и најчесто тоа резултира со намален успех.

Прерано започнување со сексуални активности. Под дејство на алкохол тинејџерите се чувствуваат порелаксирани, а истовремено нивниот мозок ја губи способноста за разумно размислување, па често се однесуваат ризично, односно влегуваат во активности кои не би ги направиле додека се во трезна состојба. Многу тинејџерки ја губат невиноста иако не се подготвени за тоа, само затоа што ја изгубиле контролата со алкохолот.

Незаштитен секс. Алкохолот предизвикува многу тинејџери да заборават на заштитата за време на секс. Тинејџерките полесно можат да бидат убедени дека не е потребен кондом и дека ништо лошо не може да се случи. Од друга страна, тинејџерите добиваат поголема самодоверба и сметаат дека можат да се контролираат, а реалноста е дека способноста за контролирање на ејакулацијата е значително намалена поради дејството на алкохолот.

Секс со непознато лице. Неможноста за трезвено размислување неретко е причината за сексуални односи со непознато лице. Можеби во моментите на пијанство, на тинејџерите сексот за една вечер со непознат/а им изгледа како најлуда авантура, но тоа може да предизвика сериозни здравствени последици. Никој не може да биде сигурен што правел непознатиот сексуален партнер претходно.

Промена на голем број сексуални партнери. Голем број на неверства се случуваат затоа што лицето било во алкохолизирана состојба. Освен тоа, полесно е разголувањето пред нов партнер во моментите кога алкохолот влијае на донесувањето на разумни одлуки.

Жртва на сексуална злоупотреба. Најчесто девојките се жртви на сексуална злоупотреба. Алкохолот ги отежнува движењата и тинејџерките стануваат немоќни за да се заштитат за време на сексуален напад. Исто така, многу тинејџерки губат свест и дури наредниот ден сфаќаат дека биле сексуално искористени.

Склоност кон други опојни супстанции како марихуана, кокаин и хероин. Тинејџерите кои консумираат алкохол полесно можат да подлегнат на притисокот на своите врсници и да започнат со употреба на опојни дроги и психотропни супстанции.

Агресивно однесување. Агресивноста за време на пијанство е поизразена кај тинејџерите. Често слушаме на тепачки во дискотеките по обилна консумација на алкохол, бидејќи во тие моменти е намален стравот и способноста за размислување за последиците.

Конфликти со родителите. Адолесцентите и така имаат нарушени односи со родителите, а кога во целата таа бура од хормони се вклучи и алкохолот, тогаш нештата лесно излегуваат од контрола. Агресивноста се зголемува и вербалните расправии брзо можат да преминат во физички пресметки.

Сообраќајни незгоди. Со полнолетството повеќето тинејџери стекнуваат и дозвола за управување со моторно возило. Но, младите возачи често забораваат дека алкохолот влијае на способноста за реагирање и ориентација, па си дозволуваат да возат под дејство на алкохол. Резултатот може да биде сообраќајна незгода, која може да им наштети ним и на нивните сопатници. Но, и пешаците кои испиле малку повеќе си го зголемуваат ризикот од несакани сообраќајни незгоди.

Труење со алкохол. Неконтролираното консумирање на алкохол во големи количини води до алкохолна интоксикација или труење со алкохол. Симптомите на труење можат да бидат: повраќање, неориентираност, неможност за контролирање на движењата на телото, состојба на бессознание, крвави очи, стаклен поглед и сл. Многу е важно во ваков случај да се реагира соодветно и лицето да биде префрлено во клиника за токсикологија каде што ќе добие стручна помош.

Лоша здравствена состојба и создавање на зависност. На последно место, но не помалку важна е опасноста од долготрајни здравствени последици. Лицата кои консумираат алкохол во големи количини сериозно си го влошуваат здравјето (болести на црниот дроб, рак, срцеви заболувања, оштетувања на мозокот, ментални болести). Последиците се многу поголеми кај тинејџерите, бидејќи во тие години телото сè уште се развива.