Press "Enter" to skip to content

Проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО Битола, ја продолжуваме исконската мисија на Охридската книжевна школа

На свечената седница на Сенатот на УКЛО – Битола и Ректорската управа, која се одржа во свечената сала на Офицерски дом во Битола, пред присутните, професори, сенатори, студенти и гостите се обрати ректорот проф. д-р Игор Неделковски, кој на почетокот на своето излагање нагласи:

-Денес, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со новите глобални текови за омасовување на високото образование ја продолжува исконската мисија на Охридската книжевна школа која ја основал Св. Климент Охридски пред повеќе од 1100 години, а тоа е да обезбеди солидно (високо) образование и светла перспектива на младите од регионот. Кога пред повеќе од 1100 години Св. Климент и Св. Наум се вратиле во охридскиот регион имале задача преку Охридската книжевна школа да го описменат локалното население на разбирлив (старословенски) јазик. Во оваа школа се подготвувал образовен кадар кој бил испраќан во учителска, проповедничка и свештеничка дејност во сите делови на денешна Македонија, Албанија и во средновековна Бугарија. Да не била Охридската книжевна школа населението од овој регион, кое било далеку од европските текови и немало шанса да се патува и образува во Европа, немало да биде образовано на начин кој бил рамо до рамо со најразвиените европски региони во тоа време.За мисијата на Св. Климент која ја продолжува Универзитетот во Битола, Неделковски додаде:

-Современиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) има слична благородна општествена мисија. Локално гледано многу позначајна од онаа на водечките европски универзитети. Ние обезбедуваме солидно високо образование за младите пред и се од регионот и државата, со што им отвораме врата и даваме надеж за нивен просперитет. Да не се универзитетите како нашиот, многу од нашите денешни студенти сигурно нема да можат да си дозволат високо образование, со тоа нивните шанси за успех во животот би биле многу помали. УКЛО им дава шанса дома да се стекнат со високо образование кое им отвора врата за подобра иднина. Впрочем фактот дека во регионот има бум на повеќе индустрии кои се поврзани со дисциплини кои се изучуваат на УКЛО (тука како пример би ја спомнал информатичката индустрија), дека има многу мал број невработени високообразовани кадри, дека голем дел од нашите студенти се успешни во светот и дека водечките бизнисмени и политичари во регионот се наши алумни ја потврдуваат нашата благородна мисија. Обезбедување квалитетно високо образование на регионално ниво. УКЛО е типичен регионален универзитет кој се простира во 6 градови.Ректорот проф. д-р Игор Неделковски во своето излагање се осврна и на проблемите со кои се среќаваат вработение на УКЛО, посебно со главниот проблем, кадарот, за што рече:

-Моментално главен проблем, кој е основа за серија други проблеми е кадарот. На УКЛО од повеќе од 300 вработени академски кадар, само околу десетина се асистенти. Доценти се 30-тина, а најголемиот број се редовни професори кои го достигнале врвот на својата кариера. Секаде во светот силата на универзитетите лежи во научниот подмладок, докторандите и  асистентите. Водечките светски универзитети се борат да привлечат квалитетен научен подмладок и на тој начин да имаат капацитет за научни истражувања, објавување на научни трудови, квалитетна практична настава. Државата од неразбирливи причини веќе 20тина години, откако се воведе трезорскиот систем и обврската да за секое ново вработување се бара согласност од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии (дури и кога се работи за постоечки работни кои се испразниле поради пензионирање, прекин на работен однос и сл.), никогаш не овозможила проста репродукција на кадарот во високото образование, а да не зборуваме за проширување.

Најплодните научници секаде во светот се младите научници – докторанди, асистенти, доценти. Улогата на искусните професори е да ги менторираат и насочуваат младите кадри, а не тие да бидат ударната сила на научните истражувања. Затоа ситуацијата е алармантна, 12 часот е одамна поминат. Само со масовно вработување на научен подмладок може да се спаси моменталната ситуација која можи да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество. Кога се работи за селекцијата на научниот подмладок исто така е битен фактор да се дефинираат прецизни критериуми при вработување. Моментално нема јасни критериуми (освен просек 8) и мора да се работи на тоа. Да не се дозволува влез на неквалитетен кадар во високото образование. Мора да се дефинира прецизна метрика за вреднување на капацитетите на оние што сакаат да станат дел од високото образование. Но секако тоа треба да биде пропратено со подобар општествен статус и примања, ако сакаме да имаме квалитетен наставно-научен кадар. Кога зборуваме за примања не мислам само на плати туку и средства за финансирање на научни проекти, учества на научни конференции, набавка на опрема.УКЛО има и големи развојни планови, рече Неделкоски.

-УКЛО бил и ќе остане динамична средина. Наредниот период ќе имаме повеќе развојни проекти. Во сите тие проекти студентот ќе биде во центарот на активностите. Прв и основен проект е отворањето на УКЛО кон заедницата. Во недостаток на асистентски кадар, ќе овозможиме стручњаци од практиката (стопанството и нестопанството) да се вклучат во практичната настава на факултетите. Ќе овозможиме дуално образование, практичната настава да се изведува во објектите на стопанството и нестопанството. Ги повикувам сите чинители од стопанството и нестопанството да сега и веднаш се вклучат во образовните процеси на универзитетот и на тој начин си обезбедат квалитетен кадар за своите организации. А студентите да добијат квалитетна практична настава.

Максимално ќе се отвориме и кон невладиниот сектор за заедничко аплицирање на проекти. УКЛО има голем научен и стручен потенцијал, а невладиниот сектор агилност и вештини во обезбедување на донации. Со здружени сили се надеваме дека ќе го зголемиме бројот на меѓународни донаторски проекти. Иако и сега тој број не е занемарувачки. Во минатите десет години преку меѓународни проекти УКЛО има донесено во државата околу 5.000.000 ЕУР, средства во ќеш. Што ќе рече дека би требало да се третира како странски инвеститор бидејќи вбризгува свежи странски пари во локалната економија.

Подаваме рака и кон политичките структури, да им го понудиме нашето знаење на објективен начин, не обременети од политичките случувања. Јавните универзитети во Република Северна Македонија се апсолутно деполитизирани институции, посебно со одредбите од Законот за високото образование од 2018 година, и како такви можат и треба да бидат свест и совест на општеството.За финансиската независност на високото образование, за која Неделковски нагласи дека е нула и потенцира:

-Но залудна е академската слобода и политичката независност ако наскоро не биде пропратена со финансиска независност која моментално е апсолутна нула. Самостојно не можеме да одлучуваме ниту за средствата од меѓународните проекти.

Неделковски најави и иницијатива за отворање на два нови факултети, за медицина и уметности и целосна дигитализација:

-Кога зборуваме за конкретни развојни проекти тука е прераснувањето на Високата медицинска школа во Факултет за медицински науки. Идната година школата слави 35 години на постење и е синоним за создавање квалитетен медицински кадар. Од друга страна повеќе од евидентен е недостатокот од доктори на медицина во државата и овој проблем не може лесно да се надмине. Веќе има факултети за медицински науки во Скопје (и тоа два), во Штип и во Тетово. Следствен чекор е прераснувањето на Високата медицинска школа во факултет. Впрочем Битола е единствениот град кој има клиничка болница, а нема факултет. За овој наш проект очекувам веќе до крајот на оваа година да поднесеме инцијатива до Владата на Република Северна Македонија.

Исто така сметам дека Битола заслужува и факултет за уметности. Во градот постои државно средно музичко училиште, еминентен народен театар, развиена ликовна уметност и сл. Сметам дека покрај Скопје, Штип и Тетово, Битола и тоа како има капацитет, традиција и кадар за факултет за уметности.

Секако заеднички елемент на сите развојни проекти на УКЛО ќе бидат дигитализацијата, одржливоста и нивната студент центричност. Да повторам, студентот да биде центарот на сите случувања и активности на УКЛО. Во тој поглед сакам да ја потенцирам одличната соработка со Универзитетското студентско собрание, Студентскиот правобранител и другите студентски тела.Неделковски за традицијата, за Советот на ректори, за студентите…

-УКЛО значи традиција. На традицијата и институционалната меморија им даваме големо значење, затоа формиравме Совет на ректори во кој членуваат сите поранешни ректори на УКЛО и кој совет ќе биде советодавно тело на актуелниот ректор. УКЛО е формално основан како универзитет пред 43 години како втор во државата, но нашата традиција датира скоро 100 години. Првата научна установа на територијата на денешната Република Северна Македонија, Институтот за тутун Прилеп е дел од нашиот универзитет и истиот е основан во 1924 година. Студентско здружение во Битола е основано во 1934 и во него учествувале студенти кои студирале на повеќе универзитети во тогашното Кралство Југославија, а голем дел од нив подоцна имале битни улоги во создавањето на современата македонска држава. Од универзитет со таква традиција, јавноста очекува да биде лидер на иницирање на развојни планови на регионот. Затоа се обидуваме и ќе се обидуваме врз придобивките од традицијата, институционалната меморија и моќта на постојните студенти и академски кадар да ја реплицираме мисијата на нашиот патрон Св. Климент Охридски во современи услови. Да обезбедиме квалитетно високо образование на широк опфат од младите во државата и регионот, а преку тоа обезбедиме општествен просперитет согласно современите европски токови.

Vivat Academia за многу години.

More from ВестиMore posts in Вести »