Press "Enter" to skip to content

На 12.12 во 12 и 12 промовирана книгата “Критичка писменост“ од д-р Даниела Андоновска-Трајковска (фотогалерија)

На 12 декемри, во 12 и 12 часот во НУ Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ Битола пред хетерогена публика составена од универзитетски професори и научни работници, наставници во основното и средното образование, студенти и др. беше промовирана книгата „Критичка писменост“ од д-р Даниела Андоновска-Трајковска, редовен професор на Педагошкиот факултет-Битола. Настанот го водеше проф. д-р Билјана Граматковски, а промотори беа проф. д-р Деан Илиев и проф. д-р Биљана Цветкова Димов. За книгата зборуваа и Димитра Десановска и Ирина Јанковска, студентки на студиската програма Македонски јазик и книжевност на Педагошкиот факултет-Битола како  корисници на учебникот.„Критичка писменост“ од проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска е универзитетски учебник наменет за високошколска настава по предметот Критичка писменост, односно по предмети чиј фокус на проучување е критичката педагогија, писменоста во современи контексти, методичка интрепретација на текст и настава по книжевност. Учебникот содржи четири дела со следниве наслови: Писменост, Текст, Критичка писменост и Методичко моделирање на критичката писменост. Учебникот можат исто така да го користат и наставниците во основното и средното образование и тоа не само тие што реализираат настава по јазик и книжевност, туку сите наставници, затоа што развојот на критичката писменост вклучува методички решенија за развој на општообразовни компетенции кои во преден план го ставаат критичкото преиспитување на значењето на текстовите од секаков вид и поврзување на јазикот со процесите на моќта во општествата. Оттука, учебникот ќе им помогне на наставниците кои методскиот пристап го базираат на активното учење при коешто ученикот е субјект во наставата и е одговорен за своето учење, на принципите за создавање на меѓукултурни релации во мултикултурни општества, на демократските принципи за социјална еднаквост и социјална правда во општествата, на создавањето на активно граѓанство и на хуманизацијата на меѓучовечките односи. „Во оваа книга критичката писменост е претставена преку когнитивна димензија која треба критички да се усвои од страна на наставниците и воспитувачите, но истата ја отвора и вратата на афективната димензија која значи живеење и дејствување како „критички писмен човек. Ја препорачувам на секој кој го сака знаењето, но помило му е да го критикува, на секој кој поучува и сака да поучува, но ужива и во учењето“ – рече  проф. д-р Деан Илиев во своето обраќање.„Високошколскиот учебник со наслов: „Критичка писменост“ од авторката д-р Даниела Андоновска Трајковска е единствен во нашата земја по проблематиката што ја прочува и е оригинален авторски труд врз повеќе основи: врз основа на консултираната квалитетна домашна и странска литература (вкупно 363 референци), врз основа на нејзините претходни емпириски истражувања и лонгитудиналното експериментално истражување кое таа го реализираше со 957 ученици на територијата на целата држава за да го тестира моделот 5Р кој е нејзин авторски методички модел за равој на критичката писменост, врз основа на нејзиното искуство како професор и реализатор на наставниот предмет Критичка писменост кој таа за прв пат го воведува во 2012 година на Педагошкиот факултет – Битола и како таков не се реализира на ниту еден друг факултет во државата, врз основа на нејзините објавени и високо квалификувани научни трудови во бројни научни списанија, како и врз основа на нејзината комплетна посветеност на постојано испитување, преиспитување, трагање и занес за откривање на нови сегменти за критичката писменост.Сознанијата од трудовите на релевантни автори се втемелени во основата на учебникот, поткрепени и вкрстени со оригинални погледи и концепти на авторката. Учебникот е составен од прашања, задачи како и проблемски ситуации кои се однесуваат на презентација на знаења, вештини и способности како услов за стекнати компетенции од областа на критичката писменост, а тоа го прави лесен за следење и усвојување. “ – истакна во своето опсежно излагање проф. д-р Биљана Цветкова Димов, редовен професор на Педагошкиот факултет-Битола.Книгата може да се најде во продажба во во книжарницата Book’s House во Битола.

Биографски податоци за авторката:

Даниела Андоновска-Трајковска (родена во 1979 во Битола) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор на Педагошкиот факултет – Битола каде активно работи од 2002 година, па сѐ до денес. Во 2012 год. за прв пат ги воведува и ги реализира  предметите Критичка писменост и Креативно пишување кои не застапени во курикулумот на ниту еден друг универзитет во државата. Реализира настава по предмети на сите три циклуси образование од областа на Методиката како што се: Методика на наставата по почетно читање и пишување, Методика на наставата по македонски јазик и книжевност, Методика  на креативното пишување, Методичка интерпретација на текст и други.Била предавач на Меѓународниот летен универзитет со седиште во Амстердам, Холандија, а била и на повеќе студиски престои во Лондон, Аризона, Болоња и др. Учесник била во многу научни и апликативни проекти, член на повеќе универзитетски и факултетски комисии, акредитиран ментор е на докторски студии, рецензент на повеќе меѓународни научни списанија, уредник на неколку книжевни списанија (главен уредник на списанието за култура и литература Раст во издаваштво на Битолскиот книжевен круг, уредник на „Книжевни елементи“, Битола: Перун Артис, „Стожер“ кое го издава Друштвото на писателите на Македонија, главен уредник на Современи дијалози: списание за култура-литература, драмска уметност, филм и издаваштво кое го издава Македонското научно друштво-Битола), член е на програмски одбори и модератор на меѓународни конференции, национален обучувач на наставници и др. Член е на: Друштвото на писатели на Македонија, Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Битолскиот книжевен круг и Македонското научно друштво – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет, а сега е секретар на одделението за литература и лингвистика. Била и во организациски и програмски одбори на книжевни манифестации. Има објавено над 100 научни трудови во референтни научни публикации во земјата и во странство меѓу кои и списанија со импакт фактор индексирани во Web of Science, 9 книги поезија, 2 книги со раскази, книга со книжевна критика, коавторска песнарка за деца, две меѓународни публикации од областа на образованието и еден универзитетски учебник со наслов „Критичка писменост“ на македонски јазик и 5 поетски книги на англиски, арапски и италијански објавени  во Обединетите Арапски Емирати, Италија и Индија. Преведена е на над 40 јазици и добитник е на значајни национални и интернационални книжевни награди.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »