Press "Enter" to skip to content

Застапеност на жените во спортските организации

Во Офицерскиот дом во Битола, денес се одржа конференција на тема: „Родова еднаквост во спортот – застапеноста на жените во спортските организации/родова дискриминација во спортот“.Настанот беше организиран во соработка со Биатлон федерацијата, а на истиот зедоа учество претставничката на Агенција за млади и спорт Татјана Блажевска, претседателката на комисијата за заштита од дискриминација, Весна Бендевска и претседателката на Советот на Општина Битола и претседателка на Комисијата за еднакви можноси, Габриела Илиевска. Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги посочи дел од активностите кои ги реализира општина Битола, од аспект на родовата еднаквост:-Денес, заедно со нас се и Оливера Наковска Бикова, Александра Здравевска, Гордана Цветковска Бошевска и Емилиа Ѓероска, кои со своите континуирани активности, ангажман и посветеност, преку своите високи достигнувања, активно и преку личен пример, придонесуваат за промоција на спортот и поттикнувањето на високите вредности кај младите, претставувајќи ја успешноста на жените и потребата за еднаква родова застапеност во сите области на човековото живеење. Токму ваквиот начин на функционирање е дел од успешното работење на општина Битола, каде во општинските програми се става посебен акцент на еднаквиот третман на сите чинители, а со тоа се почитува и родовиот аспект преку согледување на приоритети на општина Битола, кои обезбедуваат еднакви можности за мажите и жените. Во прилог на ова говорат и фактите дека: во нашата општина, претседателка на Советот е жена, локалниот економско социјален совет го води жена, за реализација на активностите од областа на спортот, одговорна е жена, а во фаза е и формирање на Совет за женско претприемништво, што јасно ја потврдува активната вклученост на жените во процесот на донесување на одлуки и тоа преку имплементација на Програмата за еднакви можности, Стратегијата за родова еднаквост, а со тоа и во сите процесите во кои, согласно законската регулатива, надлежноста е на локалната самоуправа. Со реализација на овие активности, насочени сме кон постигнување на целта за намалување на родовите стереотипи и промоција на женскиот спорт. Иако, знам дека секогаш може да се направи повеќе, ме радува фактот што Битола, веќе има големи достигнувања во областа на родовата еднаквост и создавањето еднакви можности, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање на денешната конференција.Во првата панел дискусија на тема „Застапеноста на жените во спортските организации“, свое обраќање имаше спортската репрезентативка во стрелаштво, Оливера Наковска Бикова, додека за начинот на буџетирање и родова дискриминација во спортот говореа, Александра Здравевска, поранешна репрезентативка во ракомет, Гордана Цветковска Бошевска, поранешна репрезентативка во кик бокс и спортски работник и Емилиа Героска, претседател на ПроЛокал, здружение кое својата работа ја заснова на добрата интернационална пракса, водејќи се од принципите на демократичност и вклученост.

More from ВестиMore posts in Вести »