Press "Enter" to skip to content

Претставени активностите од проектот “ДИРА“ и планот за наредните две години

Во рамките на проектот “Дигитална инклузија на возрасни Роми: стекнување знаења и вештини за е-Услуги“, во хотел “Милениум“ во Битола, се одржа настан од информативен карактер за активностите што ќе се реализираат во наредните 2 години. Координатор на проектот е финската фондација „Деаконес“, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии- Битола, Здружението за развој на ромската заедница СУМНАЛ и партнери од Италија и Србија.Проектот е финансиран од Европската Комисија преку Еразмус + Програмата, во областа на партнерства за соработка во образованието на возрасни. Целта на информативниот настан е промоција на проектните активности кои ќе резултираат со подобрување на социо- економската положба на возрасните Роми преку ИТ образование и развој на дигитални вештини и компетенции што ќе ја оспособат возрасната популација и социјално загрозените луѓе да почнат да ги користат достапните електронски уреди и услуги.Проектот ДИРА нуди платформа за учење и тренинг на возрасни за користење на е-Услуги и електронски уреди, кои го поддржуваат образованието на возрасни. Проектот има влијание врз образованието на возрасни на локално, регионално, национално и меѓународно ниво.

На овој настан се обрати Јасмина Буневска Талевска-проректор за студентски прашања, при што ја истакна важноста од реализација на проекти од образование на возрасни и вклучување на студентите во реализацијата на планираните активности. Во своето излагање ја поздрави оваа иницијатива и изрази подготвеност за поддршка на сите проектни активности, кои се од значење за Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола.На настанот присутни беа претставници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор, како и студенти, кои со свои предлози и идеи ја поддржаа реализацијата на проектот. Проф. д-р Андријана Боцевска, се осврна кон целите, задачите и активностите на проектот, додека проф. д-р Никола Рендевски, ја образложи плаформата за учење ДИРА. М-р Фатма Бајрам Аземовска од партнерската организација „Сумнал“, го истакна значењето на образованието на возрасни и смета дека ваквите проекти овозможуваат да се намали дигиталниот јаз, што е присутен кај ранливите категории, особено во ромската заедница. Викторија Михајловска ги презентираше резултатите добиени од истражувањето, што беше реализирано од страна на „Сумнал“ во изминатиот период.

Особена поддршка добивме од претставниците од Министерството за информатичко општество и администрација кои ја изразија подготвеноста за соработка. Од конструктивната дискусија за време на настанот произлегоа сугестии и предлози за подобрување на платформата ДИРА, како и фокус кон социјална инклузија на возрасните во делот на дигиталните вештини. Исто така, се разговараше и за формирање на мрежа за соработка во областа на областа на образованието на возрасни за стекнување на дигитални вештини за користење на е-Услуги.

More from ВестиMore posts in Вести »