Press "Enter" to skip to content

Денес започнува “Зимска приказна“ во Битола

-Битола, ќе има „Зимска приказна“, 8 дена, исполнета со 62 проекти на 3 локации со 300 часови активна програма, музика од сите жанрови, детска музика и детски театарски претстави, улични перформанси, новогодишен базар.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, информираше за новогодишната програма “Зимска приказна“, која од денес до 31 декември, ќе се реализира во Битола и ќе трае 8 дена на 3 локации, каде ќе бидат претставени 62 проекти. Програмата вклучува соработка на локалната самоуправа, јавните претпријатија, културните институции, бизнис секторот, невладиниот сектор и изведувачите од домашната музичка сцена. Дел од предновогодишното празнување, е и богатата детска програма.

-После минатогодишната успешна „Зимска приказна“, која ја организиравме за првпат, а предизвика голем интерес пред се кај нашите сограѓани, битолчани, но привлече и голем број гости од повеќе градови низ државата, годинава во пресрет на Новата година, го организираме второто издание на нашата Новогодишна „Зимска приказна“. И покрај големите предизвици со кои сме соочени, од аспект на економската и енергетската криза, успеавме да овозможиме како што се практикува на нашите простори, градот да блесне во новогодишен сјај, во пресрет на Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, или како што вели традицијата: новогодишната магија да владее во периодот на големите празнувања од „Свети Никола“, до „Водици“, што претставува доволно време за да се почувствува радоста во градот, а притоа да дејствуваме согласно ограничувањата кои ни ги наметнува состојбата на кризата.

Со добро планирање и благодарение на поддршката од нашите креативни соработници, употребивме дел од новогодишните украси кои се добро сочувани, набавивме неколку нови елементи и за разлика од минатата година, кога имавме една украсена локација, годинава новогодишната светлина блеска кај Офицерскиот дом, низ Широк Сокак и во Старата битолска чаршија. Верувам дека догодина, ќе опфатиме и други локации, со кои Битола, предновогодишно ќе биде се поубава. За првпат со новогодишна програма ја раздвижуваме Старата битолска чаршија, а настаните во тој дел ќе се случуваат на пешачката улица.

Оваа „Зимска приказна“, има уште една специфика, која говори за големиот чекор напред и воспоставеното партнерство на локалната самоуправа со бизнис секторот, претставуван од неколку поголеми деловни субјекти, но и угостителскиот сектор, невладиниот сектор и изведувачите од домашната музичка сцена.

ОФФ програмата ќе има улични музички перформанси на Широк Сокак и пратечка ДЏ програма низ битолските кафулиња, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

More from ВестиMore posts in Вести »