Press "Enter" to skip to content

Благој Мицевски, костимограф во Народниот театар Битола: во театарот се чувствувам како дома, а со ансамблот сме едно семејство

Жанета Ристевска

-Најдобро се пронаоѓам во театарот, иако сум работел во опера, балет. Сум бил сценограф, дизајнер, уметнички директор. Моментално сум режисер во НТ Битола, но најкомотно се чуствувам како костимограф.

-За да бидеш добар костимограф мораш да бидеш добар психолог. Костимот треба да се вклопи во ликот кој го претставува,

-Моја неостварена желба, да бидам сликар.

-Дизајнирањето на облека во основа има цртање и сликање.Разговорот со Благој Мицевски го започнавме спонтано, најпрво за неговата професија. Тој е мултимедијална личност, костимограф, дизајнер, сценограф, режисер, уметнички директор, со љубов кон театарот, како што ни кажа, негов дом. Дипломирал дизајн на текстил и облека на Технолошки факултет на Универзитетот во Загреб во 1991 година. Магијата на театарот го привлекува и таму ја започнува кариерата. Најпрепознатлив како костимограф, најнаградуван и најуспешен. Добил  14 пати награди за костимографија. Режисер на многу претстави. Неговата претстава „Без паника“ наградена со Гран При и една меѓу трите претстави во НТ Битола со 100 изведби. Соработувал со врвни режисери и театарски работници во Македонија, Балканот, но и пошироко. Работел на проекти во Словенија, Братислава во Национална опера и балет, Националниот балет во Анталија, Турција.

-За моите 30 години кариера, доаѓа како секоја втора година да добивам награда, а тоа е многу“, вели за да продолжи „Уште од 1991 година во НТ Битола бев вклучен на проекти, а официјално вработен 1992/3 што значи оваа година се заокружени 30 години кариера, јубилеј кој го одбележав со изложба на фотографии и костими, со наслов „Опера, Балет, Театар“.За себе

-Уште од најмала возраст, најблизок контакт со најразлични  материјали, кројки, дизајн… гледав дома. Мојата мајка Јорданка Мицевска беше позната шивачка, а работеше во фабриката “Иднина“. Таму одев и на пракса додека студирав. Љубовта кон цртањето и моите почетоците во уметноста беа во ликовната секција на наставникот Петар Спировски во ОУ„ Даме Груев“.Чест ми беше што на неодамнешната изложба по повод мојот  јубилеј, имаше цртежи од него. Подоцна учев во ликовното студио на еден од најпознатите графичари  Стојан Апчевски. Тоа и ми беа подготовки за приемните испити. Моја неостварена желба беше да бидам сликар. Дизајнирањето на облека во основа  има цртање и сликање, кое денес е заменето со компјутерски дизајн.Средно образование

-Средно образование продолжив во Гимназијата „Јосип Бро Тито“. Кога се отвори културолошка насока во трета година, ние бевме прва генерација кои учеа на истата. Група ученици, јас, Петар Горко, Сузана Живорадиќ Брезовец, Гордана, Јулика Шунда учевме заедно и понекогаш се вклучувавме во театарот на проекти. Најпрво глумевме во аматерски претстави. Подоцна јас давав идеи и  креирав  костими за потребите на тие претстави. Уште тогаш имавме успеси со учество на Фестивалот за аматерски драмски театри во Кочани. Љубовта кон театарот трае и до ден денес кај сите, ние сме на некој начин вклучени во култура на различен начин. Уште додека учев на културолошката насока, знаев дека сакам да студирам мода. Но, ме влечеше и театарот. Љубовта кон театар и костими ми ја всади Бјанка Аџиќ која работеше костимографија. Магијата на театарот, љубовта кон мода, дизајн се поврза и од тука и изборот на факултетот. Со тоа не некој начин подоцна ја определи и мојата професија – костимограф.Факултет за дизајн на облека и текстил

-По завршувањето на  средно образование се запишав на  факултетот за дизајн на облека и текстил на Технолошкиот факултет на Универзитетеот во Загреб. Образованието го дополнив на магистерски студии по дизајн. Подоцна завршив магистерски студии за театарска режија на ЕСРА. Моментално сум режисер во НТ Битола.Народен театар  Битола

-Од 1993 година и официјално се вработувам во НТ Битола, а претходно бев вклучен на различни начини во тетарот. Уште на почетокот креативен со многу нови  идеи, бев  забележан од  неколку режисери. Започнав успешна соработка со  Владо Цветановски, Љупчо Георгиевски Бубе на многу проекти. Тоа беше вистински период на експанзија на битолскиот театар. Многу претстави, гостувања, награди…Подоцна со Валентин Светозарев станавме тандем во работа на голем број претстави меѓу кои многу наградени. Работевме и во многу други театри. Валентин Светозарев беше назначен за директор на НТ Битола и го водеше театарот 6 години. Во тој период бев на место уметнички директор. Многу успешни проекти произлегоа од тој период.

Интернацинална кариера

-Работев на многи проекти во Словенија, Братислава во Национална опера и балет, во Анталија во Националниот балет. Можам слободно да кажам од моето искуство дека најдобри и многу успешни проекти се  реализираат во Словенија. Таму е се добро оргазнизирано. Исто така и во Националната опера во Братислава се работи на претстави со многу костими и огромен буџет. Во Турција е многу добро да се работи бидејќи е земја која е “рај на материјали“ и има многу можности за реализирање на креативни идеи.За костимографијата…

-Костимографијата значајно уметнички придонесува за претставата да „блесне“. Но на сцената  се познава се. Имено нашата работа е многу видлива на сцена. Нема импровизирање. Костимот треба да се вклопи во ликот кој го претставува, затоа костимографот треба да биде и психолог. Потоа дали некој костим ќе „блесне“ зависи од материјалот кој треба да биде избран, како на него ќе се рефлектира светло. Се случува и најдобар, квалитетен и најскап материјал да изгледа не така добро како што е, и обратно. Тука доаѓа до израз искуството, но и креативноста да се „поигрува“ со материјалите. Тргнувам од тоа која е идејата на режисерот за костимите во претставата, потоа со колкав  буџет се располага, временски прериод кој го имаме… Тоа придонесува да не се занесеме со нешто што не може да се дозволи и во финансиска смисла, но и во време. Никогаш не сум дозволил да не се подготвени костимите за премиера, да се доцни. Во оваа смисла сум голем професионалец.

Изложбата – „Опера, Драма, Балет“ привлече многу внимание…

-Изложбата заокружи еден период од мојата кариера, последните 10 години, бидејќи не можеше да се опфатат сите костими во моите 30 години работа. Концептот на изложбата се состоеше од два дела, едниот изложени костими од Битолскиот театар од претстави по дела на Шекспир и другиот дел, триесет фотографии во голем формат кои ја претставуваа мојата  работа тука  и во светот, а се однесува на последната декада од мојата триесетгодишна кариера. Фотографиите се од претстави од Опера Драма Балет, како што е насловена и самата изложба, а во соработка со режисерите Диего Де Бреа, Џон Блондел и кореографката Рисима Рисимкин. Многу ми е значајно што со изложбата произлезе дигитален каталог кој на пеесет колор страници го документира овој настан со краток текст и многу фотографии. За дигиталниот каталог има многу позитивни реакции од сите кој имаа можност да го разгледаат.Идни планови

-Некои проекти висат во воздух. Некако се навикнавме сите само да се договараме и да чекаме. Ќе набројам некои од проектите кои се планирани за во иднина. Соработка на проекти со Диего Ди Бреа во Нова Горица и премиера во месец мај. Во Санта Барбара и Џон Блондел премиера на „Вујко Вања“. Во април на фестивалот за танци соработка на претстава со кореографката Рисима Рисимкин. Потоа гостување на Шекспир фестивалот во Верона. Работа на еден проект продолжување на претставата „Без паника“ која доби Гранд при на фестивалот „Гола месечина“ во Скопје. Таа се вброи во трите претстави на НТ Битола кои се одиграни 100 пати.На приватен план

-Покрај многуте мои патувања, успевам да ги пратам скоро сите културни настани во нашиот град. Секојдневно доаѓам во кафе бар „Пајтон“ на кафе муабет со пријатели. Голем локал патриот сум и сметам дека Битола има капацитет да понуди нешто добро. Мило ми е што почнува да доаѓа нова, млада публика во театарот. После корона кризата сите се опоравуваме постепено, се враќа публиката во театарот и нашата енергија исто така. Бидејќи сите ние кои на различен начин сме вклучени во театарот тешко не погоди периодот без претстави и публика.Мојот син Ангел некако е опкружен со театар ушта од мал, на различни начини. Но нема да тргне по овие патеки. Уште од мал кога беа потребни деца во претставите. Имено најсигурно е да се тоа нашите, заради тоа што ние сме тука со нив, особено за помала возраст. Доживеа популарност за кратко со настапи во Кина и претставата „Детето сонува“. Настапуваше пред триилјадна публика. Потоа се сликаа со него, му даваа подароци. Почуствува како е да си актер. Но после тоа кажа „Доста е не сакам да бидам актер“. Се израдуваав на некој начин. Јас го почитувам неговото мислење и избор. Негова определба ќе биде Филолошки факултет група англиски јазик и книжевност. Ако се земе дека мојот прв индекс беше на овој факултет, за секој случај ако не ме примат во Загреб, тогаш сметам дека е добар неговиот избор.Ако местото каде работи го чувствува “како дома“, како што кажа низ разговорот, тогаш таму се чувствува спокоен, сигурен, среќен. На тој начин и ја дава цела своја креативна енергија. Не случајно е најуспешниот и најнаградуван костимограф, препознатлив на свој начин и со ова  Благој Мицевски  бренд на НТ Битола, нашиот град и пошироко.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »