Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Малдиви (1) (фотогалерија)

 Подготвил: Жанета Ристевска

Во годината што изминува 2022, нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својот “пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континетнти.-Немам отидено само Јужна Америка, Австралија, Антарктик, Алјаска… Но тие се на мојата карта на идни патувања кои се надевам дека ќе се реализираат оваа или во иднина.

Вака започна Лидија Стефановска за своите патувања и нејзината авантура која започна 25 ноември 2021 година до последното патување крстарење на 3 континенти кое заврши 10 декември 2022 година. Малдиви, Мексико, Јордан, Занзибар, Танзанија, Јордан, Тунис, Египет, Кипар…

– „Годината која изминува 2022 година ми донесе богатство на впечатоци и доживувања. Светот е толку убав и различен, шарен и спокоен, бурен и непредвидлив, егзотичен и предизвикувачки, забавен и несекојдневен… едноставно, треба да се види вели Лидија за својот “Пат околу светот“, кој во неколку продолженија ќе го објавуваме на порталот bitolanews.mk

Нејзината авантура „Пат околу светот“  ја сподели со нас низ нејзини патеписи и фотографии. За една година толку многу поминати милји, што сметав дека е еден вид рекорд, затоа сметав дека вредат да бидат објавувани во неколку објави. Со ова и дестинации кои некои ќе ги одберат за своите патувања. Започнуваме по светските меридијани да сонуваме и патуваме со Лидија и започнуваме со Малдиви – вистинскиот рај на земјата.Меридијаните се замислени бројки, ама Малдивите се реалност која постои. Грстиви од атоли распрскани по Индискиот Океан, како бисерен ѓердан  истурен во синилото на топлите води е првата глетка од авионот кога се спуштате кон Мале, главниот град на Малдиви. Со брзи чамци љубезните домаќини ќе ве сместат во Мафуши и авантурата започнува.Во Малдиви е рај на земјата

Капењето во бистрите води на Бикини Бич, овошјето и коктелите сервирани на плажа, газењето по тло што не е песок ами иситнет корал, се само увертира во убавината. Еден прекрасен папагал го храневме со папаја, а тој питом и вечно гладен, е вистински празник за очи и фотографија. “Снорклингот“ е задолжителен на Малдиви. Пливате покрај јата од делфини, ги галите шарените желки, нежно ги допирате разнобојните корали,  прекрасниот морски свет ви е сервиран на дланка. На Кафу ќе се одморите со задолжителна фотосесија, ќе ви запалат оган среде остров и ќе ви подготват вечера. Вистинска журка.На Сенд Бенк почнува возбудата, тука сте првпат во контакт со ражите, ги галите, ги храните, а тие рапави и брзи, внимавате да не бидат стапнати нивните опашки или вашата рака да не се најди во нивната уста. Вистинското адреналинско доживување е пливањето со ајкули. Многумина ме прашаа дали ми беше страв, дали се тоа ајкули кои не јадат месо, дали тоа беше во базен… Такви ајкули не постојат, сите ајкули јадат месо и живеат во нивната природна средина, во океанот. Тоа беше исклучителен предизвик, немаше двоумење, тоа беше момент за кој се живее. Откако ќе ви ги кажат инструкциите, океанот е ваш, повелете на средба со еден од најмоќните предатори, нејзиното височество, ајкулата. Големи и моќни, розево-бежови по боја, рапави, танцуваат околу вас, а вие минорни, љубопитни, се радувате ако ве допрат, ве снимаат и уживате во моментите кои се незаборавни, сонот станува јаве. Една желба која се креираше при читањето на програмата за Малдиви, се исполнува. Никогаш, ама баш никогаш не помислував дека ќе пливам со ајкули. Чудна е некогаш животната приказна…На Малдиви по првпат бев  на ноќен риболов, почетничка среќа, три риби од Индискиот Океан беа мојот улов. Кајакарењето на Малдиви бара многу заради силните водени струи, но е фантастично.Познатите вечери на плажа со запалени свеќи, прекрасна храна и музика ги преплавуваат сите сетила, уживање за паметење. Направиле лулашки на плажа, по нивните кафеани, но ги има и во вода. Неизбежен е островот Гули, се фотографирате до бесконечност, глетка вредна милион долари, а вие и лулашката сте централната фигура. А небото со бели како памук развлечени облачиња, а тиркизниот океан, а сонцето кое безмилосно ве печи и добивате прекрасен бронзен тен, е, тоа е нешто што мора да се доживее.Само на Малахини Куда Бандос, ресорт со пет звезди ќе добиете алкохол. Малдиви е Муслиманска земја во која не се служи алкохол, а затоа ќе се изнапиете безалкохолни пива од сите светски брендови, ги прилагодиле за нивниот пазар и се повеќе од одлични. Во овај ресорт како и други слични на него, (секојдневно ги гледаме на рекламни спотови и фотографии), ќе се чувствувате повеќе од пријатно… туризам од висока категорија. И тука имав блиска средба со неколку помали ајкули, па нели е тоа нивниот природен хабитат, а јас натрапникот?

Мале, главниот град е место каде што врие како во кошница. Врвулица од луѓе од разни раси, бои, вери, националности, нивните знаменитости, а нивниот покриен пазар е вистинска атракција. Ако по плажите јадевме егзотични овоштија, тука видов растенија за кои не знаев дека постојат.Луѓето на Малдиви се мирољубиви и насмеани, љубезни и питоми, жените традиционално завиткани, сиромашни и скромни, постојано нешто градат, се развиваат, ако се изгубите по земјените сокачиња не се плашете, тие се добри, сите си возат моторчиња, си ја живеат нивната секојдневниот, сите ќе гледаат во вас со нивните крупни очи, ќе бараат да сте соодветно облечени… Ако одете на Малдиви ќе ја доживеете магијата на рајот на земјата.Патувањето е култура на живеење, пасија и љубов, желба за спознавање на светот и различностите во него“.

Следува:  Авантура Мексико