Press "Enter" to skip to content

Горната Гимназија одбележа, 130 години – воспитно образовна институција (фотогалерија)

Денес во Офицерски дом во Битола беа одбележани 130 години од работата на Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола, како воспитно образовна институција.На прославата присутни беа учениците, професорите, градоначалникот на Битола со соработниците, а на сите им се обрати директорката Лидија Споа која рече дека Гимназијата како образовна институција, се вели, дека има клучна општествена улога, неопходна за реализација на духовните можности на човекот.-Гимназијата е систем од научни, креативни и мотивирачки вредности, кои се клучни во секој општествено-образовен систем, кој се стреми од учениците да создаде самостојни поединци кои ќе бидат градители на Татковината и Градители на Светот во целина. Македонскиот народ, од Првото заседание на АСНОМ во 1944 година па до денес, веќе се ослободи од трауматските точки на негирање на јазикот и нацијата низ историско-политичкиот контекст, и доби можност да гради образование по своја мерка и на свој стандардизиран македоснки јазик. Така, Гимназијата “Јосип Броз Тито“- Битола е првата Гимназија во Република Македонија во која започна да се изведува настава на македонски јазик и оттогаш до денес е место во кое се образоваат низа успешни генерации, рече Споа, а за тоа што денес претставува Горната Гимназија, како елитна средношколска институција рече:-Денес, со гордост потенцираме дека нашата Гимназија обележува 130 години институционално постоење како образовен ентитет што сведочи за мената на времињата низ која таа останала единствена константа. Таа како и секогаш, останува афирматор на севкупните позитивни промени на свеста што треба сите нас да ни укаже дека треба да се интегрираме на личен и колективен план. Зад нас е година што од нас ги исцрпи најкреативните потенцијали што ги вложивме да ја направиме Гиманзијата уште поубаво место за интелектуален напредок на наставниците и на учениците. За тоа зборуваат нашите резултати за освоените награди по сите предмети, поаѓајќи од опшитнските, регионалните, државните и меѓународните натпревари и олимпијади.Во своето обраќање, градоначлникот на Битола, Тони Коњановски, поранешен ученик во Гимназијата рече:-Во своето 130 годишно институционално постоење, нашето средно општинско училиште Гимназијата „Јосип Броз Тито“, како едно од најстарите, најреномираните и најквалитетните училишта во Македонија, докажа дека квалитетниот наставен кадар, кој низ годините работел во училиштето, образувал успешни генерации кои своето огромно знаење, продолжиле да го докажуваат низ големи достигнувања во медицината, архитектурата, градежништвото, инженерството, информатичката технологија, новинарството и многу други области и додаде:-Како некогашен ученик на Гимназијата „Јосип Броз Тито“, со гордост можам да потврдам дека, ова училиште отсекогаш негувајќи ги квалитетите, македонскиот јазик и култура, било и останало место за интелектуален и научен напредок. Тука се одржал првиот училишен час по македонски јазик во цела држава по завршувањето на Втората светска војна, во гимназијата се образувале голем број академици, ректори на битолскиот и скопскиот универзитет, градоначалници, почесни конзули и многу други значајни личности во сите области од општественото живеење. Верувам дека и во иднина Горната гимназија ќе биде симбол на квалитетно образование, а нејзините сегашни и идни ученици ќе ја испишуваат македонската историја.Пред присутните беше промовиран и краток документарен филм по повод 130 години од работата на Гимназијата како воспитно- образовна институција. По овој повод во просториите на Гимназијата се изложени копии од интересни документи од Гимназијата, започнувајќи од почетокот на 20. век кои се селектирани од Историскиот архив во Битола и поставена е и изложба на ликовни дела од ученици.На платото пред Офицерскиот дом по завршувањето на промоцијата на кратки0т филм за Гимназијата настапат музички бендови на учениците од Гимназијата.

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »