Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Мексико (2) (фотогалерија)

Подготвил: Жанета Ристевска

Во годината што измина 2022, нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својота авантура  “Пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континенти.

Патувањата се сон кој се сонува со отворени очи, се доживува со цело срце и душа,кога емоциите го надвладуваат разумот. Овој пат со Лидија патуваме и сонуваме во Мексико.

За да се излета до Мексико сити ( Мешлико) па до Канкун и Плаја Дел Кармен потребни се само 18 часа авионски лет од Истамбул. Дали вреди таков напор за да се стигне до Мексиканскиот Залив и Јукатанскиот Полуостров е безвредно прашање. Секако, таму каде што се формира Голфската Струја, каде е Мајанската култура, каде што Кукулкан ќе се спушти по пирамидата на Чичен Ица на денот на Еквиноксот, Карибите…Мексико, една прекрасна држава во која мојот предмет на интерес и цел на патувањето беше Јукатан, а во него, Плаја дел Кармен, град со повеќе стотини илјади жители и трипати повеќе туристи. Мексиканската храна, бурито, такос, чилакилас, позоле, енчилада, гвакамоле… а без уличниот колач „Маркезита“ се нешта на кои нема да одолеете. А после вечерите ве чекаат веселите улици преполни со распеани и бучни мајанци, маријачи,  луѓе кои ги емитираат древните обичаи, семејства со мали и заспани дечиња кои пеат по улиците за некој пезос, колку што милувате, подадете нешто оти од тоа живеат. Скапи бутици и ресторани, бордели и просечни кафеани, ноќни клубови со гласна музика и мноштво поднапиени туристи, насмеани и тажни мајански  лица… тоа е миљето тука, така и никако поинаку.Под Јукатанскиот Полуостров тече подземна река, најдолга од тој вид на светот и таа ги формира познатите Ценоти-подземни езера со слатка вода. Тоа е доживување кое предизвикува радост и задоволство, среќа и вчудоневидување. Пливате со заштитен елек во пештера, во ладна езерска вода, па пливате во отворени Ценоти опкружени со бујна вегетација за вас комплетно непозната. Ве водат струите на водата во самата река. Најхрабрите прават скокови во вода од карпите, глетки за паметење. Најубава е Хубику Ценота, сместена во пештера, длабока со боја на вода како црно мастило, отвор со светлост која паѓа на еден грандиозен крст, полно со капачи и еден шаман со тревки кои чадат и ве замајуваат.Ако нешто е особено тука на Јукатан, тоа е секако Светското чудо на Новиот Свет, „Чичен Ица“, културен и политички центар на Маите. Вештиот водич додека ве вози низ џунглата, ќе ви ја раскаже фасцинантната историја и култура на Маите, а мене ме убеди да си купам и мајански календар па дури и крштелно (застаклено си виси дома на зидот, дојди па разбери го ако можеш). Чичен Ица најверојатно основана во 7ми век пред нашата ера, разрушуван од Шпанските конквистадори го содржи во себе особениот храм Кукулкан, 9 катна пирамида и Божеството на мезоамериканската змија која величествено ,, се спушти” во 12 часот на 21.03.2022, денот на еквиноксот-равнодневницата. Моментот пред пирамидата е мост помеѓу две димензии, материјалниот и духовниот свет. А ние на вистинско место во вистинско време, заедно со морето од народ кој специјално беше дошол за овај настан од целиот свет.Шпанските освојувачи извршиле исклучително влијание на овие простори, изградиле многу градови, меѓу кои и прекрасниот Валадолид. Има таму еден плоштад со клупи за заљубени парови кои не смееле да седат еден до друг па еден татко смислил новитет, седат еден наспроти друг. Жените во традиционална носија и парадата…На Солферино ќе ги видите и прегрнете само 900 години старите дрвја, ќе видите како растат зачините и преку Островот на страста ќе стигнете до Холбокс. Пливате во топлите води на Карибите а наспроти вас е Флорида, истиот песок, истите тиркизни и топли води.

На Рио Лагардос лагуната која е природен резерват на многу птици и џиновските  крокодили кои ве гледаат право в очи, ќе ги видите најубавите розови фламинго птици. Ќе се изнамачкате со лековитата кал по која едвам газите оти пропаѓате во неа и се тетеравите натаму, наваму. А патот од таму води до Лас Колорададас, еден од најважните моменти на нашето патување по полуостровот Јукатан. Соленото езеро, црвено, рефлектирајќи се на врелото сонце ни ја пружи можноста да ги направиме магичните фотографии. Нова техника на фотографирање со мобилен телефон.Возбудата расте кога имате предизвик како тој на фармата на крокодили, ги држите в раце, ги галите, ги храните. И пак ме прашаа дали ми било страв, а јас пак обожувам вакви предизвици, забавно е, несекојдневно, исклучително и храбро, да излеземе од комфорната зона.Еднодневната посета на познатиот остров Козумел е авантура за паметење. Изнајмивме комбе, го завртивме целиот остров, ги посетивме скоро сите плажи, се искапивме во силните бранови на Карибите, бевме најблиску до Куба.На урнатините на Тулум доаѓате во суптилен допир со мајанската цивилизација, глетки кои го одземаат здивот.Има еден изгубен град во тропската џунгла, Коба, бисер од кој застанува здивот. Пирамиди кои чекаат да бидат истражувани, реалност преплатена со имагинација за минатото, магичен вртлог во времето, цивилизациите, настаните. Волшепство. Вонвременска димензија, допираме и чувствуваме.Пловењето со катамаран до Исла Мухерес е незаборавно. Немирно море, високи бранови, ветар, топли карибски води кои не те оставаат рамнодушен. Била прогласувана за најдобра плажа на светот повеќепати.

Ако сакате хедонизам во Мексико, повелете на Тулум. Егзотика измешана со бохо стил, хотели, барови и ресторани по белите песочни плажи, високи палми кои се протегаат до небото, тиркизно Карибско море, место за најдобри забави. Место за најдобри фотки, забави по плажата, луѓе од цел свет, од секакви провиниенции, невидени работи ќе сретнете таму… Сакате тулумарење? Таму е вистинското место, не се двоумете.Кога ќе одите во Мексико задолжително пробајте пржени бубачки, ги продаваат на плажа, онака со единица мерка од една чаша, необично но вкусно. Не заборавајте да си купите Пончо, таму, зад пирамидата на Чичен Ица, сувенири, пазарете се за традиционален фустан кој го везат вредните жени оти ќе ви стои добро и ќе ви остани за спомен.

Ете тоа е Мексико, Јукатан, видено со моите очи.