Првиот ден по Христовото раѓање, Божик, петок, 7 јануар, 2022 година, во црквата “Света Недела“ во Битола, свештениците Отец Пенчо и ѓаконот Александар, одржаа света Божествена литургија.Посебна радост за свештениците и за верниците беше тоа што на Светата литургија присуствуваа голем број на верници, посебно млада популација, кои кои претежно живеат во овој дел на градот, а и присутни беа и други кои беа дојдени во црквата од другите делови на Битола.
-Христос се родил во пештера, во Витлеем! Таа пештера не е убав трем, а не е ниту амбар или житница, такво нешто може да биде само сон на фантазерите и играчка за малите дечиња, но не и пештера во која се родил Христос. Вистинската пештера, била дом на животните, древна бедна пештера во сиромашните земји, и не била градба со столбови и капители, налик на раскошен амбар наменет за децата на бадниковата вечер.
Ѓаконот Александар го прочита пред присутните и Посланието на Владиката Петар, каде беа посочени актуелните проблеми на денешницата, а тука беше речено за работите кои не одвраќаат од Верата, а тоа се прави на разни начини.
-Се градат, цркви, манастири, но многу повеќе бројни се отворањата на кладилници, казина, дискотеки. Сајтовите каде се прокламира верата, љубовта се помалку се читаат, а за сметка а тоа се отвораат и читаат содржини каде доминираат соблазните содржини, а тоа посебно го прават младите. За жал оние млади кои го негуваат традиционалните вредности, верата, љуботна кон семејството, оние кои млади кои имаа почит кон постарите, од страна на неивните врсници се третираат како заостанати, стои во Посланието од Владиката Петар, прочитано пред верниците во црквата “Св. Недела“.
Отец Пенчо ја кажа и молитвата за Светата Причест, а потоа со причесна ги послужија верниците кои ги одржаа Божиките пости. На крајот од службата присутните беа послужени и со нафора, за нивно здравје и на нивните блиски.
Сите млади верници кои се причестија со Светата причест и го целуваа Светиот крст добија на подарок издание Библија за млади читатели.
-Денес е голем ден, го славиме Христовото раѓање. Јас сум тука редовно во црквата, па и сега кога е голем празник, ја слушам литургијата, а се и во наредните денови ќе доаѓам. Нека дојдат сите, нека не седат дома, нека дојдат во црките, да слушаат литургии и да се помолат за сите, ни рече чичко Васко.
Богослужби во црквата “Света Недела“ ќе се изведуваат и наредните денови, а свештениците ги поканија верниците да присуствуваат на сите, за заедно да го слават Христовото раѓање.
На верниците, свештениците им порачаа дека на овие денови се слави Христовото раѓање, а не смрта и воскреснувањето, па затоа не треба да се посетуваат гробовите на мртвите. Но, најголем број на битолчани денес се упатија кон гробовите на своите најблиски.
Верниците кои за куќна слава го имаат Божик по завршувањето на Службата “кренаа лепче“ за здравје.
Текст и фото: С.Ристевски