Подготвил: Жанета Ристевска
Во годината што измина 2022, нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својота авантура “Пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континенти.
Патувањата се сон кој се сонува со отворени очи, се доживува со цело срце и душа,кога емоциите го надвладуваат разумот. Овој пат со Лидија патуваме и сонуваме во Јордан.-Загадочен, инспиративен, волшебен и мистериозен е Источниот свет. Блискиот Исток е место каде што сакам да патувам, навраќам јас тука одвреме навреме. Без оглед на континуираните состојби и тензии што тука траат со векови, има една убава земја, оаза на мирот, едно прекрасно Хашемитско кралство кое се вика Јордан. Masalhea Jordan ! Сместено во пустина и со само еден град излегува на море.
Мерхаба Аман! Така ве поздравува главниот град. Тој е изграден од бел камен, мешавина на старото и новото, сместен меѓу седумте ридови и долината на реката Јордан. Опкружен е со Цитаделата, руините на храмот на Херкулес, Умјад палатата и Византиската Црква. Град со три имиња, Рабат Амон, Филаделфија (во време на Римското царство) и денешниот Аман. Глетката врз Аман од Цитаделата ( Jabal Al Qal’a) е вонвременска. Јорданскиот Национален музеј содржи артефакти стари 700000 години, празник за очи!
Сината џамија е место кое пленуваше, грандиозна, полна со мир, а ние облечени по строгите муслимански прописи. Место по моја мерка во Аман беше стариот град, преполно со дуќани за злато и текстил, менувачници, сувенирница, атрактивни улични продавачи на сок, колачи, сладолед, пазарот преполн со овошје и зеленчук. Ги купувам тука најубавите урми што сум ги пробала по земјите на Левантот, смокви, ванила. Има зеленчуци кои првпат ги гледам, ми даваат да пробам овоштија кои не знам како се викаат. По улиците ми наточија еден сок за кој што и денеска не знам од што беше, а вкусот не се заборава.
Џераш е следната дестинација во Јордан. Континуирано населен град веќе 6500 години, скриен под пустинскиот песок со векови, најдобро презервиран Римски провинциски град, откриен и реставриран во последните 70 год. А во него, Адријановата капија, улицата со колонадите, Храмовите на Зевс и Артемида, театрите, спектакуларните плоштади, купатила, фонтани, зидини, хиподром, амфитеатар…мешавина на две моќни култури Грчко-Римски свет во медитеранскиот басен помешани со старите традиции на Арапскиот Ориент.
Патувајќи по Кралскиот пат стар 5000 години се пристигнува до Мадаба, едно од најзаборавените локации во Светата Земја. (Мојот пријател и водич Душан Михалек перфектно добро објаснува дека не само Израел е Светата Земја.) Мадаба е ,,Градот на мозаиците” , место каде ќе си купите мозаик од вештите раце на луѓето кои неуморно работат а се со физичка попреченост, виртуози на својот занает. Во Ортодоксната црква St. George е византискиот мозаик од 6ти век изработен од два милиони парчиња природно обоен камен и претставува ремек дело во Јордан.
По Пустинскиот пат ќе стигнете до планината Небо- влез во Светата Земја. Се верува дека е место каде што починал Мојсеј. Раните Христијани тука доаѓале на аџилак. Милениумски, во 2000 година местото го посетил Папата Јован Павле Втори кој ќе каже дека ова е Патот на Мирот. Во чест на неговата светост тука е подигнат споменик. Од тука се гледа: Мртвото Море, Западниот брег, Реката Јордан па дури и Ерусалим.
Некои учени кога ја толкуваат Библијата ќе речат дека местото на крштевање на Исус Христос е во Бетанија, во Јордан. Изграден е тука Баптистериум, и велат дека таму е вистинското место… Тука Реката Јордан е природна граница меѓу Израел и Јордан, се веат двете знамиња. Еден Романски поп врши служба и крштевање од израелска страна, а ние пак само се брцнавме во светата река оти имавме дозвола од само 45 минути за престој и заминавме испечени од врелото сонце, само 42 степени. (Во Јарденит, во Израел го направив своето повторно крштевање, таму и валиден сертификат за аџилак се добива).
Сега патот по вторпат ме одведе на едното и единствено Мртво Море. Криптодеоресија, најниската точка на површината на земјата, 412 метра под морското ниво. Овојпат од Јорданската страна. Богат 33 процентен коктел од сол и минерали и неизбежното лебдење на него. Тука не се обидувајте да пливате, тоа е невозможно, ама пак затоа премачкајте се со кал, лечебна е, кожата ќе ви се стори бебешка. Успешно е експлоатирано во козметски и медицински цели Мртвото Море. Сеуште ги користам неговите продукти.
По Кралскиот пат до топ дестинацијата во светот- ПЕТРА, едно од седумте светски чуда на Новиот Свет.
Преку Сик, најпознатиот кањон на светот каде се снимени многу филмови, карпи повисоки и од 80 метри кои се прелеваат во прекрасни бои како само природата можела да ги создаде за да бидат единствени и препознатливи, се доаѓа до Петра. На 07.07.2007 во7 часот Петра е прогласена за 7. Светско Чудо на Новиот Век. Петра е уникатен, голем, единствен и прекрасен град издлабен во чиста карпа од Набатејците, како работливи арапски луѓе кои се населиле овде пред повеќе од 2000 години, претворајќи го во важен јазол за свилата, зачините и другите трговски патишта што ја поврзувале Кина, Индија и Јужна Арабија со Египет, Сирија, Грција и Рим. Откриен е во 1812 од Швајцарскиот археолог, патник и патеписец Johan Ludwig Burckhardt. Секогаш на вакви грандиозни места ја чувствувам мојата маленкост, човекот наспроти природата. Истото чувство го имав и на Гранд Кањонот. Еден човечки живот во компарација со милионите години. Пријатен беше мојот престој во Петра, приготвија луксузен и беспрекорно украсен во роденденски стил апартман. Ме воодушевија, а роденденската торта со свеќи беше украс на свечената вечера. Целата група и персоналот ми пееја во еден глас. Моменти за паметење.
Малата Петра е бела заради бојата на карпите. Тука Набатејците се доселиле пред 2400 години. Интересни ликови, локалци се фотографираат со вас за некоја пара, тезги со дребулии, сувенири и текстил. Ќе си ги чувам во преполнетите витрини дома оти ми се од таму, оти тие, Бедуините, ги направиле, секогаш ќе ми се навраќаат спомените.
Преку Кралскиот пат, преку Пустинскиот пат возејќи по “Караван Сарај“ се доаѓа до Пустината Вади Рум. Црвена е песокта која ви навлегува во патиките додека се качувате по дините а сонцето врело како сач ве печи безмилосно. Недогледни предели, пустинско сафари со џипови, до местото каде што претстојувал Лоренс од Арабија. Пустината нуди смиреност, возбуда, убавина, историја стара илјадници години… вреди да се види.
Сурова е пустината, ноќе е ладно, ама спиењето во пустина…луѓето специјално доаѓаат да спијат во Оаза за да се смират од стресот. Таков сон, мирен, спокоен, длабок, само во Оаза. Спиење во пустина во ,,Хотел со илјада звезди”-звезденото небо “Al Sul Tanah luxury Camp“, место за одмор и добар сон, сабајлето сте комплетно рефреширани. Залезот и изгрејсонцето во Вади Рум, слики за насловна страна на престижен магазин.
Патувањето продолжува од Вади Рум по Караван Сарај и Пустинскиот Пат до Акаба, место каде што Јордан излегува на Црвено Море. Со размена на територии помеѓу Јордан и Саудиска Арабија, од само 25км, Кралот Хусеин и овозможи на својата земја излез на Црвено море. Целиот народ го сака и слави, особено кога е нивниот празник “Денот на независноста”. Од плажата на Акаба се гледаат трите држави: Египет, Израел и Јордан… “глетка за сите пари”!
И ние бевме дел од големата прослава, 76 години од независноста на Јордан- многу среќни лица, прекрасна храна, наргиле, песни, колорит од бои на овоштија и зеленчуци, цвеќе и многу развеани јордански знамиња. А јас, странец, облечена по европски, ме гледаа како да сум од друга планета. Едвам фатив муабет со неколку девојки кои беа студентки, знаеја англиски, љубезни ама не знаеја каде е мојата татковина. Ако, сите бевме среќни на свој начин. Ми советуваа каква комбинација за наргиле да пробам, велат било убаво, а јас немам храброст… можеби, некогаш потаму…
Да се управува брод-подморница и да се има воодушевувачко нуркање во Црвено Море е несекојдневно доживување со силен емотивен предизвик. Водичот ви дава од водата се да допрете со рака, да подржите школки, корали, звезди… ама све враќате назад. Тука се води грижа за морскиот свет како никаде на друго место каде што сум гњурела. Секоја чест!
Убав е Јордан, држава со ред и поредок, луѓе кои ја сакаат својата земја и својот Крал, љубезни и насмеани. Само Јордан нема нафта во тој предел од светот, ама има фосфати, нема војни, ами има мир, ја има Петра, Аман и Акаба која ќе биде конкуренција на Шарм Ел Шеик.
Одете во Јордан, во пролет, раззеленето е и не е жешко, ставете го на вашата патувачка листа и исполнете си ја желбата.