Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Африка (5) (фотогалерија)

Подготвил: Жанета Ристевска

Во годината што измина 2022, нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својота авантура  “Пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континенти.

Кој континент го сакате? Мојот одговор е спремен: ,,Африка” Зошто баш Африка? Бидејќи е егзотична, врела, особена, дива, предизвикувачка…  Без оглед на кој дел од неа се наоѓам, тоа е за мене предизвик, енигма која треба да ја одгатнам. Овој пат беше Тунис. Еден краткотраен одмор на плажите на Средоземно море во Тунис, беше замисла уште пред Пандемијата.Патувањето во време на Корона беше компликувано, некаде невозможно, а некаде остварливо па така се случи Тунис. Некој ми рече: “Немој да ја испуштиш Сахара”.Па тоа е предизвик, како да го пропуштам си мислев во себе додека го надлетувавме Медитеранот. Ами ,,Англискиот пациент”, ,,Војна на звездите”, ,,Малиот принц”, Генерал Ромел, каравани со камили… мноштво од елементи се поврзани со Сахара.  А јас трагач по возбуди, да стапнам сегде и да видам се, си ветив дека ќе одам. Била најсувата пустина на светот, сурова и жешка, ноќе ладна… па каква да биде, пуста пустелија… Ама Сахара не е само врела песок, усвитено сонце дење и море од звезди на небото ноќе. Таа има душа. На патот кон Сахара, првата дестинација: Ел Џем. Мало место со срдечни жители а јас и тука ги сретнав истите мозаици како во Јордан. Влијанието на Римската Империја. Да, империја може да биде држава која се протега на три континенти, тоа е правилото, а Римската е прва империја во светот. Амфитеатар трет по големина во Римската империја, изграден во 3. век врз Пунските остатоци во Тунис, тогашна Картагина. Собирал 30.000 публика, секој сместен според општествениот статус, посебни простории за гладијаторите и лифтови за животните кои ненадејно биле уфрлани во гладијаторските битки. Патот продолжува по утврдената рута.Пустината е составена од 3 дела: зелен дел каде се засадени  55 милиони маслинови стебла, каменитиот дел каде растат палми и цитрусни растенија и песочен дел каде скоро и да нема живот. А ние се движиме кон Матмата. Попатните паузи се возбудливи, за некоја паричка се сликате со локалците со камелеони, камили… Mатмата е селото на Берберите! Berber- наречени од Грците (секој што не зборувал грчки бил varvaros). Amazigh или Imazighen-гордо се нарекуваат себеси слободни луѓе, етничка група во северна Африка. Живеат со своите повеќе од скромни куќи под земја, секогаш на температура од 18 степени. Љубезни се и скромни. Колку е тука животот симплифициран, колку малку им треба за живот. Работат рано сабајле и навечер, преку ден се под земја, во своите куќи, неиздржливо жешко е напладне.  Има и две познати имиња во светот по потекло Бербери: Zinedine Zidane и Karim Benzema. Сакав да сретнам и Туарег, ама водичот се смешка и вели дека е скоро невозможно. Тие се движат низ пустината по свои дестинации.Патот продолжува, а каде, ако не во Оаза. После брзото сместување се случува она вистинското: На јавање со камили во Сахара.  Едно прекрасно зајдисонце како што може да се посака. И пустината има своја душа, закономерности и своја убавина. Вистинска убавица беше мојата камила, како лаѓа по песочните дини ме лулаше наваму натаму. Кога ќе јавате камила само препуштете и се нејзе, следете ги нејзините движења, не се грчете со телото, не се плашете, уживајте, тоа не се доживува секојдневно. Движете го телото во нејзиниот ритам, таа ве води. Пауза  за фотосесија е задолжителна.Сонцето паѓа зад дините, се прпелкаме по ситната песок, како деца кога си игравме, а ветерчето што дува ја носи песокта и ве шиба по телото. Целите сме полни со песок. Па нели сме во Сахара. А еден прекрасен Арапски коњ кој беше во придружба на караванот, ме плени со својата елеганција, убавина, накитеност… скапи и ценети се тие.А оазата не чекаше со својот базен да не освежи. Ако во Јордан водата во базенот беше релативно студена, овде беше топла. Вистинско освежување среде пустина. Спиењето во пустинска оаза овозможува особено мирен и спокоен сон. И пак би отишла да преспијам во оаза, таму е мирот. Оазата е рај на земјата, ќе речат тие што знаат како стојат нештата во Сахара и колку е непребродлива пустината. Патот до оазата трае со часови, а патникот има време за размислување. Douz (клуч) оазата ја напуштаме и патувањето продолжува до најголемото солено езеро во Северна Африка, Degueche! Исто како во Мексико, црвено обоено. Минералите и солта си го прават своето.Се упативме подлабоко во пустината кон Tamaghza… Во каменитата Оаза, Tamaghza.  Chebika! Природата направила чудо, среде пустина водата дава живот. Убавината на пустината е што во неа некаде се крие бунар, рече еден пилот кој ја надлета Сахара. Меѓутоа, тој пилот беше поетска душа…. Antoine de Saint-Exupery, авторот на “Малиот принц“.Тој што ќе ја надлета Сахара ноќе, ќе види како пустината се претвора во море од мастило… Тешка беше патеката и стрмна, низ тесни процепи се минува, сонцето пече, ама крајната дестинација е фасцинантна. Среде пустина, водите од планината Атлас од Алжир, тука направиле рај. Завлегуваме уште подлабоко. На оддалеченост од 45.000 км. од капсулата на “Аполо 17” на пат кон месечината, земјината топка изгледа речиси како полн круг што сјае исончан пред заднината од мрачната вселена. Набљудувана од таму, нашата планета е синкава, модра од море и бела од бели облаци обрабена со тенок стаклест прстен, атмосфера. Облаците ги има насекаде освен над северниот дел на африканскиот континент каде што над големото пространство со црвеникава боја нема ниту едно облаче. Над Сахара небото е постојано ведро, во најмала рака, веќе десетици илјади години, постојано исто – над главата дење сонце и ноќе ѕвезди, а под нозете најсувата од сите пустини на Земјата. Доживеав да видам фатаморгана и лудо пустинско сафари по дините. Бескрајот на врела песок и уште пожешко сонце, не доведоа најдлабоко во Тунискиот дел од Сахара, Tozeur. Место каде е снимен дел од Star Wars на Џорџ Лукас. Сега сме само на  250 км. до Алжир. Со кого да се сликаш ако не со едно момче кое чува в раце пустинска лисица. И тогаш си помислив на соодветната историска фигура… Ромел. Од секаде по некој сувенир. А од Сахара што да се купи…. од среде пустина… а да биде автентично… Пустинска роза ( природно формирани кристали) и Шкорпии во формалин… Ќе беше премногу ако купев и змија (секако веќе препарирана), нема да се вклопи во домашниот амбиент. После два дена и поминати 1.200 км. стигнавме до нашата последна дестинација Kairouan. Тој бил центар на исламското образование во 9. век, еден од најпознатите градови во исламскиот свет. Mosque of Uqba или The Great Mosque е најпроминентното здание во овај град, (затворено за туристи), а муслиманите ако 4 пати дојдат тука ќе биде еднакво на аџилак во Мека. 

Поминатата рута низ Сахара, поголема по површина од САД, сурова,  жешка, застрашувачка, бескрајна, недоодна, а сепак волшебна, мистична, бескрајно привлечна, за мене е еднакво на исполнување на една  од моите визии со кои соништата ми се претвораат  во остварени желби. Да, го послушав советот да не ја испуштам Сахара, а тоа вредеше за сите пари!