Press "Enter" to skip to content

Промоцијата на книгата со раскази “Брливо шилеже“ од Божин Андоновски

Во Малата сала на Центарот за култура – Битола се одржа промоцијата на книгата со раскази „Брливо шилеже“ од Божин Андоновски. Книгата „Брливо шилеже“ во издаваштво на Пелагонски културно-научни средби – Новаци е седма книга на Божин Андоновски. Промотори и рецензенти се универзитетските професори д-р Златко Жоглев и д-р Гордана Стојаноска, проф. Ѓорѓи Лазаревски и д-р Весна Калпаковска. Настанот го водеше уредничката на оваа книга проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска.

Најновото прозно остварување на Божин Андоновски, „Брливо шилеже“ содржи вкупно 23 раскази и тоа: Брливо шилеже, Пријателство без мерка, Како кобилчето станало коњче, Лошиот ден, Третиот непендек, Синџирот, Претскажувачи, Рајските дуљбии, Зетот кој не пиел ракија, Што е сигурно – сигурно е, Како ракијата стана вода, Петрониеви лудории, Добрина – наспроти ѓаволско масло, Големиот грев, *Бати стопанката и кравата, Окле и ушле, Неподелена ракија, За кого како, Си мислеше роговите убаво ќе му стојат, а потоа му порасна и опашка, Кога се работи не треба да се јаде, Слатките и мачката, Стојко Блакачот и Зеленко.Според проф. д-р Златко Жоглев „Раскажувачката постапка се заснова на лично раскажување и (пре)раскажување од ангажирани раскажувачи. Божин Андоновски најчесто ги пренесува раскажувањата на раскажувачите директно, задржувајќи ја оригиналноста (автентичноста) и сочноста на нивниот јазик при раскажувањето со што може да се каже дека книгата добива дополнителна вредност…. Божин Андоновски книжевно ги обработува расказите и во нив внесува многу луцидни и креативни коментари поврзани со народната традиција и верувања кои всушност и служат како инспирација за повеќе раскази од книгата… Станува збор за едно многу интересно дело, во кое авторот целосно се посветил и внел многу животно искуство и емоции и дека по прочитувањето на книгата, нема да можете да бидете рамнодушни. Напротив, таа ќе ве натера сериозно да се замислите за значењето на многу човечки доблести (пријателство, љубов, добрина, верност, итрина, мудрост итн.), но и за човечките слабости (претерувањето/неумереноста, нечесноста, неверството, ароганцијата, кабадајлокот, лошотилокот итн.). Ќе Ве натера да се замислите за смислата на Вашите и туѓите животи“.

Професорката Гордана Стојаноска истакна дека „„Брливо шилеже“, дело на авторот Божин Андоновски, уште со својот наслов најавува содржина која, во најмала рака, ќе биде урнебесна. Два арахаични збора чие значење се губи под навалата на нови модерни зборови во речникот. Брливо, збор чија етимологија ја наоѓаме во болеста на мозокот кај овците која се нарекува брл и од која овцата се врти во круг. И шилеже, одрастено јагне, јагне годиначе, јагне одбиено од цицање или доцна објагнето јагне. Во делото, во 23 раскази или искази на луѓе инволвирани во тие згоди и незгоди, како и сеќавања на самиот автор, се откриваат времиња и настани преку кои авторот прави конструкција и реконструкција на историјатот на еден регион. Иако повеќето раскази навидум имаат цел да насмеат и расположат, ако се спуштиме подлабоко во нив, тие раслојуваат и опишуваат многу битни општествени настани и состојби во времиња толку различни од денешните… Стилот на Божин Андоновски е лесен и богат. Во делото се застапени и многу архаизми и изворни народни имиња за предметите и процесите. Зачуван е и начинот на кој се зборувало, непосредноста на комуникацијата и блискоста, сплотеноста и едноставноста на луѓето од неговото минато. Божин Андоновски, по којзнае кој пат, пишува вредно дело и од заборавот откорнува и зачувува уште едно парче историја“.

А д-р Весна Калпаковска, претедателка на Пелагонските културно-научни средби искажа задоволство од можноста да зборува за книгата и го истакна заклучокот на Ѓорѓи Лазаревски кој вели дека „писателот Божин Андоновски има објавено повеќе дела со различна тематика, а особено со објавувањето на ова дело, тој се вброи во најпродуктивните автори со објавени книги со поезија и проза од битолскиот крај. Публикацијата „Брливо шилеже“, е една од неговите дела кои сведочат за тоа колкава е неговата поврзаност со родната татковина Македонија, со неговата Пелагонија, од која живее инспиративно, црпејќи различни теми во своето творештво“.

Божин Андоновски (1953 год., с. Врањевци) е автор  на седум книги, оносно две трилогии и една збирка со раскази.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »