„Навредата кон новинарите е потценување на граѓаните“, „Работиме за граѓаните, не за политичарите“, „Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата“, „Без локални медиуми вистината не е целосна“, се дел од пораките кои денеска новинарите и снимателите ги испратија од пред Владата и Собранието.
На денот кога се одбележуваат 77 години од постоењето на Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), заеднички го изразија незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.
Пораките на ЗНМ и ССНМ беа испратени преку јавно обраќање на претседателите на двете здруженија, како и преку новинари и медиумски работници кои беа жртви на физички и вербални напади.
До Владата и до Собранието на РСМ беа доставени барања:
-Да престане негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари
-Крај на агресивниот државен пи-ар
-Поддршка за колегите од внатрешноста во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати
-Обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти, за традиционалните, но и за новите медиуми
-Имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера, за обезбедување независно и функционално работење на јавниот сервис и регулаторот
-Брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите