Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Занзибар (6) (фотогалерија)

Во 2022 година нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својота авантура  “Пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континенти.

Патувањето е култура на живеење, пасија и љубов, желба за спознавање на светот и различностите во него. Патувањата се сон кој се сонува со отворени очи, се доживува со цело срце и душа, кога емоциите го надвладуваат разумот, моменти за кои се живее. Спомените нити се купуваат ниту се продаваат, тие едноставно се доживуваат, тие се лична сопственост која никој не може да ви ја одземе.  А светот е толку убав и различен, шарен и спокоен, бурен и непредвидлив, егзотичен и предизвикувачки, забавен и несекојдневен…едноставно, треба да биде виден.Каде на пат, ако не пак во Африка. Овајпат малку подалеку, на еден волшебен остров наречен Занзибар, дел од Танзанија. Во земјата каде е потребно да го знаете волшебниот збор: Хакуна Матата. Во земјата на насмеани, среќни, мирни и добри луѓе. Во хотел од колонијален стил, во Стоун Таун, главниот град на Занзибар, се чувствувате прекрасно, релаксирано…тука времето е сосема друга димензија. Поле, поле… без брзање и без нервоза… само релаксирано. Си велам како е тоа можно. Е тука ќе ви покажат дека може и така да се живее животот, ќе ве опоменат дека сте Electricity European Lady, ви велат да не брзате… како времето да застанало.Авантурата започнува со Накупенда, островор од бел песок обиколен со тиркизните и топли води на Индискиот Океан, остров кој што за неколку часа ќе го снема. Нај егзотично овошје, скара, сувенири, облека, смеа, пливање, сончање, и… полека , полека плимата ќе го направи своето. Брзо и вешто мештаните се пакуваат и прибираат во чамци, а ние најхрабрите остануваме во океанот до крај, додека целиот не го прекрие водата. Со пливање и ние стигнуваме до нашето бротче. Небото е волшебно, над Индискиот Океан секогаш има бели развлечени облаци, ама сега е висока сезона и дожд нема да има. Стоун Таун ноќе е многу забавен. Локална улична храна има во изобилство, продаваат по тезги текстил, дребулии, сувенири, нудат многу работи тука, неверојатни понуди слушате… Вечерата  е во отмен ресторан, заради предострожност, сепак тука е Африка. А тука, за разлика од Малдиви, иако е муслиманска земја, произведуваат и точат алкохол. Нивното пиво Килиманџаро, мора да се проба. Тукашното население се капи во Океанот до доцна во ноќта, а ние бараме одмор после толкав пат и интензивен ден. Кога излегувам од хотелот мојата прва омилена точка е куќата на Фреди Меркјури, мојот најомилен пеач на сите времиња. Глас кој со право е прогласен за најдобар вокал. Какви емоции се тоа за мене.И уште еднаш одиме на Накупенда, целодневна посета. Започнуваме од осека, кога водата е многу далеку и имате морски свет во изобилство под вашите нозе.  Време за фотосесии,  секој според идеата, добивате прекрасна тогаш зготвена свежа морска храна, овоштија кои е невозможно да се дојадат бидејќи ги има отповеќе. Тоа трае се до плимата кога нашиот волшебен остров ќе го проголта океанот.

Следна дестинација е Prison Island, магичен остров, замислен како затвор за робови, претворен во карантин за жолта треска.  1873 официјално е укинато ропството, но сепак одредено време бил место за нелегална трговија со робови. Исто така Prison Island е наречен и  Островот на желките (поклонети од Султанот од Сејшелите) кои се стари стотоци години. Најстарата, има само 195 год. Какво доживување, ги храниме со листови од зелка,  а тие ни позираат за безвременски фотографии. Незаборавно искуство.Кога зборуваме за Prison Island треба да се спомене и факултативниот разглед низ Стоун Таун, ропството. Ќе ве однесат во просториите каде биле чувани робовите и ќе ви ја раскажат таа потресна приказна која никого не го остава рамнодушен. Ќе ве однесат и во црква во Mkunazini (област во Стоун Таун), на пазарот Darajani Market каде има изобилство на риби, овоштија и зеленчуци, текстил… Ќе го разгледувате градот во кој има необични порти,со шилци за заштита од слонови. Велат оти  се увезена култура од Индија оти тие долго време го поседувале Занзибар. Има прекрасно кафуле на Кипонда кое ми асоцираше на американското Rain Forest Cafe.

Следниот ден се упативме во Kizimvani, фармата со зачини. Впрочем голем дел од заработката на населението се темели на одгледување зачини, луѓето тука живеат од природата. На Занзибар нема индустрија, ми рекоа дека се сиромашни но среќни, живеат едноставно и премногу скромно. Некои обработуваат дрво и од тоа живеат, а само 10 проценти знаат англиски и се во туризмот. Дојдов до заклучок дека не знаат за приватна сопственост. Водичот вели дека тој и уште тројца момци имаат стан и дека тој е негов, ама плаќа ќирија. И повторно прашав дали во селото од каде потекнува има куќа, а нашиот водич ми шепоти дека се толку сиромашни што живеат во куќарки покриени со палмини лисја, спијат на земја и наместо перница користат стара автомобилска гума. Ми вели дека луѓето по селата не знаат за пари и нивното значење. Овие луѓе мислат дека живеат во демократија, оти се што не е ропство е демократија. Добиваат алишта и обувки на бизарен начин, им ги истураат на сред плоштад оние работи од хуманитарна помош и секој со среќата, кој што ќе зграби. Се наоѓам во шок. А Амур, локалниот водич широко насмеан ми вели: “Акуна Матата”. Си ја продолжи тој турата низ фармата, објаснува до детал. Некои работи ми се познати од Мексико, ама не се, овде е Африка. Еден младич вистински шоумен ни направи скеч а повозрасниот ни демонстрира берење на кокос.  Какво шоу, како го обработува и сервира сето тоа, вкусот на свежиот кокос… не останав рамнодушна, си пазарив: кардамон, бибер, индиско оревче, каранфилче…

Кога ќе одите на Пеџе е посебна убавина. Тоа е селото каде што цвета уметноста и трговијата. Без уметничка слика изработена од нивни раце нема заминување. И една маска од абоносово дрво, и статуи со маса и… нема крај. Тука океанот ви доаѓа во прегратка, игравме на силните бранови како деца, цела група фатени за раце наспроти брановите. Ние пркосевме ама плимата на Занзибар е исклулително интензивна. Тука по плажата се шетаат високите и дотерани Масаи. Ќе ве однесат на многу плажи, ама на Menai bay, која што е конзервирана област, по првпат видов дрво Баобаб. Импресивно големо, старо…како од емисиите на Национална Географија.Следниот ден беше особен. Посета на локално училиште и донации за децата. Нешто носев, нешто прикупив за дечињата ама не знаев што ме очекува. Ги оставивме донациите кај директорите оти ако му подадете вие, сите ќе се нафрлат на вас и ќе ве повредат. Децата пееја и рецитираа а учителките имаа стап поголем од децата. Само едно степче растворено и замрзнато е нивниот оброк в училиште. Тие деца се гладни. Нивните погледи ме пронижаја. Тие крупни очи полни со тага и нивниот срамежлив поглед и денденес го чувствувам. Девојките повиени по муслиманската традиција ве гледаат срамежливо и го веднат погледот, бегаат. Ако некој некогаш ме праша за тие луѓе, јас длабоко интимно во себе ценам дека се несреќни и многу сиромашни. Каква лекција за скромност за сите нас. Се обвинив себеси како не носев повеќе работи… не ја знаев вистинската вистина. Следеше контрастот, The Rock, ексклузивен и скап ресторант поставен на една проминентна карпа среде океан. Незаборавни моменти, чист хедонизам. Фотографии и доживувања кои само може да се посакаат. На Blue Lagoon ги видовме за првпат морските звезди во сите бои. А пак на Kae Beach имаше едно незаборавно зајдисонце проследено со весела журка и танцот на Масаите. На Mnemba Island најхрабрите се обидоа да пливаат со делфините по кои возевме со брзи глисери. Вообичаено пливаат во парови, прават исти потскокнувања во водата, а сега беа цели јата. Ние си го обавивме снорклингот помеѓу јатата разнобојни риби.Деновите се нижеа. И така дојде ред за исполнување на една дамнешна животна желба: САФАРИ ВО АФРИКА. Микуми е еден од четирите Национални Паркови во Танзанија. Седнати во отворени џипови со телефоните в рака, со водич и шофер започна патувањето низ саваната. И таа е поделена на три  дела: онај со високи дрвја, дел со ниско стеблеста растенија и тревнатиот дел од саваната. Почнувајќи од слонови, зебри гнуа, стрвинари па се до заспаните лавови. Најадени спијат и се протегаат. Нилски коњ и крокодил, мајмуни, птици, дрвото Баобаб, диви свињи, импали, бафала, газели… На крај ни го приредија најубавото, онаа која сите не плени, една и единствена, грацилна и елегантна, воодушевувачки убава, особена, украс на саваната… Жирафата. Не можев да и се до нагледам, празник за очи. А на ручекот имавме меѓу масите мајмуни кои вешто и брзо скокаа. Одеднаш еден мајмун ни го грабна овошјето. Спасувај телефон, ранци, капи оти може да ги открадне за дел од секундата. И вторпат се врати да си го доземи цело, а смеењето до солзи е незаборавно. Најважно е што ми се исполни една дамнешна животна желба, како што јас милувам да кажам: “Да го видам светот со сопствени очи”.

Одлично беше сместувањето на Kendwa Rocks, забава на плажа, тетоважи со ‘Кна, пазарење кај Масаите, фотографирање со нив, сончање, капење…Се на Занзибар е поврзано со плимата. Едно предручек тргнавме до плажата на Nungwi. Патем шопинг на уметнички слики и украси, ама мора да брзаш оти водите ќе надојдат, ќе се случи плимата. Вешто се следи тоа на апликација на мобилниот телефон. Тука беше врвот на купувањето, се заокружија списоците а и некое парче плус. А враќање до хотелот? Морето е подигнато за неколку метри. Се пазариме вешто и заминуваме со чамец. 

На Занзибар се најубавите зајдисонца. Сонцето паѓа зад океанот, водите добиваат златно жолта боја, руменило го облива небото. Инспиративни, величенствени и волшебни се овие глетки. Таа смиреност и спокој ги нема насекаде, ова е исклучително место. Да, тука е се “Поле поле”, таква е културата на живеење. Занзибар, дел од мојата сакана Африка, вредеше да се види!