Press "Enter" to skip to content

Жени инженери кои стојат позади големи проекти во градежништво и енергетика

“BV Business Group“ е една од најкрупните бизнис групации во овој дел на Македонија која делува во повеќе индустрии како што се градежништво, енергетика, нови технологии, едукација и угостителство. И во ваков свет, логично е да доминираат мажите, со оглед на стереотипите кои владеат се  уште за машки и женски професии. Денес е 8 март, па на денот кога се потсетуваме на историските мигови и значењето на овој празник, решивме да ги истакнеме нашите жени кои го менуваат тој свет на стереотипи со своите професии секојдневно.

Во BV Business Group има над 30 припаднички на понежниот пол, кои во оваа бизнис гранка, која според многу стереотипи е машка, успешно се носат во кариерата и постигнуваат одлични резултати. 8 март е само повод да ви ги претставиме нашите жени во техничките науки, кои стојат зад најкрупните проекти на кои се работело или работи во наведената групација.  Милена Карловска – дипломиран градежен инженер  

-Во БВ Инженеринг работам со полно работно време девет години.  Секој изведен проект на кој сум била дел од него за мене претставува различно искуство, среќа и гордост на успешно завршена работа. Статистиката покажува дека сé повеќе има студентки на Градежниот факултет, што е знак дека се урнати сите предрасуди, односно жената „машки” излегува на терен.

Христина Поповска Галевска – машински инженер

-Во БВ Инженеринг работам полни три години. Во овие три години се соочив со работа од повеќе области, но комбинацијата на машинството со градежништвото не замислував дека ќе биди толку интересна и дефинитивно останувам во тој домен. За мене не постои машко-женска професија,жените мислам се поодговорни и повеќе внимаваат на деталите и мислам дека е привилегија да работиш во т.н. “машка професија”.  

Весна Пајаковска – дипл. сообраќаен инженер

-Во оваа комапнија сум 2 години и веќе имам значаен број на проекти позади себе. Би го издвоила проектот за изведба на водоводна мрежа во индустриската зона Петилеп, прв водовод таму и предизвик за мене. Јас не гледам нееднаквост, можеби гледам дека во многу нешта дека сме поспособни од мажите.Зорица Попова – дипломиран градежен инженер   

-Во БВ Инженеринг сум вработена скоро 9 години. Како најубави моменти секако дека ќе ги издвојам нашите проекти кои ги работиме во делот на битолската Касарна, исто така би ги изделила и проектите поврзани со ЕВН АД Македонија и уште многу многу други, како во нашиот регион така и ширум Македонија. Нашата професија се уште се смета повеќе како дел од машкиот свет, отколку како дел од женскиот. Тоа е така, зашто реално гледано и во светски рамки, во текот на историјата на градежната индустрија женската популација не била толку застапена на ова поле. Но, со текот на времето, баш ме радува дека овие стереотипи се рушат и се надевам дека во многу брза иднина ќе има изедначеност помеѓу машкиот и женскиот свет, во светот на градежништвото.

Стефанија Богдановска – дипломиран градежен инженер  

-Вработена сум во БВ Инженеринг две години. Вклучена сум во многу проекти и сите подеднакво ми значат. Реално, се уште бројот на жени кои работат во градежништвото е многу помал за разлика од тоа колку мажи се бават со оваа професија, па затоа можеби и се смета дека сеуште е машка. Но, сепак иако сме помалку бројни од мажите, успешни сме и многу добро се снаоѓаме во оваа дејност, па воедно ги кршиме и стереотипите на т.н. машка професија.    

Теодора Сакурмовска – дипломиран градежен инженер    

-Повеќе од две години сум дел од тимот на БВ Инженеринг. Секој проект на кој сум работела ми значи многу, затоа што од секој сум научила нови работи, сум се соочила со многу нови ситуации и предизвици. Но, би издвоила еден од проектите на кои работам во моментот – Изградба на станбен објект А2 – семејно домување во згради во Битола. Тоа е првата паметназ града -Х7, еден капитален објект кој ќе обезбеди паметно, софистицирано, удобно и безбедно живеење. Нашата професија се смета за машка, според некои затоа што носиме големи одговорности, работиме на терен, пратиме законски регулативи, менаџираме градилишта, координираме фазисти и буквално го носиме на грб целиот процес од лист хартија до реализиран проект. Но, сметам дека понежниот пол доста добро знае да се носи со предизвиците на оваа професија со што полека, но сигурно ги руши предрасудите за градежништвото како машка професија.

Анѓела Србиноска – дипломиран градежен инженер

-Јас сум нов член на тимот, 10 месеци како сум во БВ. И од старт сум вклучена целосно во многу проекти. Би го издвоила проектот за „Конзервација и реставрација на црквата Св.Ѓорѓи во с.Курбиново“. Уживам во секој миг од работата во овој значаен објект од културното наследство за Македонија. Во ова кратко работно искуство сретнав повеќе жени во инженерството. За мене професиите немаат пол (род). Инспирирана од Марија Кири и Едит Кларк гледам и размислувам по примерот на упорните жени, не според луѓето кои прават поделби”.