Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Кипар (7) (фотогалерија)

Во 2022 година нашата сограѓанка Лидија Стефановска, специјалист – ортодонт од Битола, на својота авантура  “Пат околу светот“ помина над 100.000 км и посети егзотични места на 5 континенти.

-После волшебното патување на Занзибар набрзина дојде едно краткотрајно патување. Едно прелетување над Медитеранот, еден мал ама волшебен остров кој се вика Кипар, започна со раскажување на своето патување, нашата сограѓанка, Лидија Стефановска, која овој пат го прави тоа за Кипар, и продолжува:-Ларнака е градот во кој што слетавме, трет по големина во Кипар, сместен на југоисточната страна на островот со излез на отворено море. Неговите почетоци се 6000 години пред нашата ера и затоа го добил статусот на најстар град. Овај шармантен град е подигнат врз остатоците на античкиот град Китион. Тој е туристичка атракција со многу природни убавини, брегот со шеталиштето Финикудес кое е најпопуларен и омилен дел од градот за вечерните прошетки што ги правевме. Оивичено е со високите палми, а на самиот брег има мноштво од прекрасни и монденски кафулиња и ресторани, барови и таверни. Паралелно со него е улицата Ermou шопинг оаза,  па неизбежната Laiki Geitonia со најдобрите коктел барови, тврдината, плажата Мекензи и симболот на градот, црквата Св. Лазар изградена на гробот на Св. Лазар во 9 век. Вредно е да се спомене и соленото езеро кое во зима е полно со вода и е врталиште на илјадниците розе фламинго птици. Следна дестинација на моето патување во Кипар беше Никозија, што на грчки значи бел град, а тоа е главниот град на државата. Некогаш наречен Ледра (сега главна улица), преименуван од француските крстоносци, или Левкозија, таму каде се доближуваат Тродос и Киринејските планини. Во Никозија има многу знаменитости, Фамагуста Гејт, Катедралата Св. Јован, кипарскиот Народен Музеј, Фондацијата на Архиепископот Макариос, првиот претседател на Кипар, стариот кварт, плоштадот Охи (судбоносното  “не” на фашизмот)…И одеднаш преку тесните сокачиња на Трипиотис доаѓате до Фенеромени. Никозија е единствен главен град во светот кој што е поделен на два дела. После краткотрајната инвазија во 1974 год.Кипар е поделен на грчки и турски дел. Од тогаш тука претстојуваат Сините Шлемови на ООН, мировна мисија со континуиран престој. Тука на Фенеромени си вадите пасош и преминувате во турскиот дел на Кипар. Водичот ќе ви даде до знаење дека треба да ја следите зелената линија по главната улица  Ледра. И одеднаш како да се наоѓате на Бит Пазар, типична чаршија со дуќани, златари, мајстори од сите врсти, бутици, кафани и чајџилници, тезги… врие како во кошница. Има и покриен Ан, дуќани за текстил, кожа, а нема да одолеете на турската баклава, боза, потурени колачи и лимонада. Само турското население од пред 1974 год. има можност да влезе во грчкиот дел, а полесно влегуваат кипраните со грчко потекло во турскиот дел. Поделби, деликатна тема, а сите сме само луѓе на овај свет. Тоа го оставам на политичарите и историјата, тие ќе го кажат своето. Пријатен беше нашиот престој во Никозија кој го заокруживме со неизбежното Сувлаки и Митос. Аја Напа е дестинација која е неизбежна на Кипар. Тука се најубавите плажи и хотели, вистински хедонизам, место за уживање. Бидејќи Кипар е сончев околу 340 дена во годината, тука е секогаш време за годишен одмор. Снежно белите плажи се меѓу највисоко рангираните во светот. Аја Напа беше најжестока конкуренција ба Акапулко до 1974 г. Тука е и Блу Лагун, место за воодушевување, поглед што одзема здив. Од тука го гледате тиркизното море и брановите кои што се прекршуваат во пештерите на карпите над кои што стоите. Ме потсети на Синиот Прозорец на Малта кој што постоеше при мојата посета таму, кој за жал се сруши.Нашата траекторија за тој ден продолжува кон Енкоми, село кое што е во турскиот дел на Кипар. Тука е црквата на Св. Варнава, еден од седудесеттминара апостолите, меѓу најраните ученици во Ерусалим. Син на утехата е Св. Варнава. Неговиот гроб бил непознат со векови, но после Халкидонскиот собир биле откриени неговите мошти и тие ќе послужат за основање на Кипарската црква како апостолска, а денес автокефална. Тука на ова место се наоѓаат неговите мошти, неговиот гроб и прекрасната црква која го носи неговото име. Патеката не носи на само 6 км од Фамагуста, до Саламина. Основана од Теукер кој не можел да се врати дома после Тројанската војна бидејќи не успеал да се освети за својот брат Ајакс. Тука има рани археолошки пронајдоци од 11 век пред нашата ера. Бакарната руда по која го добил Кипар името (латинското име е Cu-cuprum) е присутна во овај регион. Исто така има траги од Феничаните и Асирците кои по првпат тука доаѓаат до бреговите на Средиземно Море. Во нивна чест се исковани и првите монети во 6 век пред нашата ера. Имале влијание и Хомеровоте епови на ова место. Се смета дека е родното место на Афродита. Александар Македонски го управувал овој град а потоа Птоломеевата Династија се до нивното инкорпорирање во Римската Империја. Има силна рефлексија врз Саламина и Византија со обновувањето од страна на Царот Трајан и Хадријан. Убаво е видлив Гимназиумот во кој младите жители вежбале спортски и мисловни активности, прекрасни колонади од тоа време. Тука е и палестрара каде била статуата на Август. Уништувана од земјотреси и обновувана особено од Византискиот император Константин втори како рано христијански град, Саламина и до ден денес постои како археолошко наоѓалиште, како еден споменик, испишана историја на Медитеранот низ вековите. Градот Фамагуста е нашето последно одредиште на Кипар. Град со богата историја.  Основан од Филаделф втори од Династијата на Птоломеј (исто како во Јордан, градот Аман) бил мало рибарски село кое поради з бегови те на населението поради арапските инвазии прераснал во мало но значајно пристаниште. Лузињаните крстоносци го развиле во полноправен град со големо значење за Источниот Медитеран. Во средниот век особено под власт на Венецијанската Република или кога Џенова го владеела островот, бил значајно пристаниште за трговија со земјите на Левантот место каде што бил патот на свилата. Богатите трговци и сопственици на бродови живееле во Фамагуста во луксуз и во средината на 14 век тука живееле најбогатите луѓе на светот. Сметале дека нивното богатство може да се мери со бројот на изградени цркви па така Фамагуста ја крунисале како “Област на црквите”. Фамагуста денес е град каде има една прекрасна црква Св. Никола претворена во убава џамија, многу зидини, објекти на кои јасно се гледаат грбови на познати Венецијански семејства… Има една црква наречена Светото Тројство (за мене со исклучително значење) а во неа служеле три реда на Крстоносци, Темплари, Витези… како милувате, место кое го претвориле во ноќен клуб. Каква иронија на судбината. Има во Фамагуста и бодликава жица која го заштитува онај дел од градот во кој  живееле грците до 1974. Прекрасни куќи во распаѓање, 109 празни хотели, цела индустриска зона… жална глетка. А каде е тоа население? Избеглици во самиот Кипар, во грчкиот дел. Видов јас непосредно до хотелот мали бараки и си помислив дека се можеби вили за викенд. Не, тоа се куќите на внатрешно расселени кипрани, луѓе кои не успеале да се издигнат како фениксот од пепелта, останаа заглавени меѓу два света. Ни кажаа дека повеќемина добро се снајдоа, станаа успешни, се радувам за нив. Ете таква е Фамагуста, полна со контрасти, убава и жална, богата и славна, без плажи а на прекрасно море, прекрасни ресторани со вкусна храна, сончева и светла, за некои жално минато, за нас туристите атрактивна и привлечна. Кипар е место со неверојатна убавина и карактеристична култура, остров со повеќе од 10 милениуми историја со преплетени освојувачи, разрушувачи и градители. Место со перфектна клима, чист воздух, восхитувачки убави бели плажи, широки променади, кафулиња и ресторани со локална храна, скапи хотели, светски брендови од секој  аспект.  Кипар вреди да се види. Ставете го Кипар на вашата патничка листа и нема да зажалите.