Press "Enter" to skip to content

Битолчани и покрај дождот ја испочитуваа традицијата во чест на 40 маченици, се искачија на Кркардаш, на Баирот, над Битола (фотогалерија)

Вечерва 21 наспроти 22 март, ниту дождот, релативно студеното време, не ги спречи битолчани, пред се помлади, секако во помал број, да се искачат над Битола. Кај манастирот посветен на Светите четириесет Битолски и Севастополски Преподобни Маченици, или како битолчани го викаат Кркардаш, да ја испочитуваат традицијата, да се помолат за здравје и запалат свеќа.Вообичаено е потопло,  велат баирчани, улиците кои водат, скалите за искачување и дворот на манастирот полни. Но оваа година најголем дел од нив поради дождот, доаѓањето го одложија за утре.   Домаќинот на Кркардаш, Диме Павловски –Џими вели дека тие биле подготвени, но за жал дождот си го направил своето.-Без разлика на дождливото време, ние направивме и оваа година одбележувањето на празникот  Св. 40 Маченици да помине како треба. Се одржа вечерната Богослужба, а утре рано ќе ја имаме и Утринската Богослужба, па сите оние кои не дојдоа вечерва тоа може да го направат утре, за кога очекуваме и повеќе битолчани. Ние баирчани сме секогаш тука, да ги пречекаме нашите сограѓани прво на Манастир, а потоа и дома на гости, како било и години наназад. Во Манастирот, свештеници од преспанско-палагониската епархија одржуваа богослужба, а голем број битолчани стрпливо чекаа да ја целуваат Иконата на светите маченици.Не само лицата кои се задолжени околу организацијата на службата, подготвени беа и тезгите на кои битолчани купуваат “шеќерна волна“ и “шекерни јаболчиња“, за што Раде кој е препознатлив за сите деца од Битола со неговата “шеќерна волна“ вели дека утре ќе дојдат дечињата да се израдуваат, а секако и повозрасните, да се присетат на младоста.-Не го личи вака денот, на Кркардаш, но фала му на Господа имало и вакви денови кога врнело од годините. Но, ние сме тука, како и секоја година, да му служиме на Светците, да помагаме да се одржува манастирот. Секако тука со нас си и ти Саше, секоја години и ва време на Короната, кога беше најтажно. Се сеќавам кога уште во 9 часот го затворивме манастирот. А наредната со снегот. Поминаа тие лоши времиња, па сме тука пак сите, утре ќе се роди нов ден и сите битолчани ќе ги испочитуваат 40 Маченици, рекоа баирчаните Ицо Тасевски и Петар Митров, дел од екипата домаќини кои годинава, како рекоа се “појачани“ со синот на Петар.Но, и останатите Баирчани се “зафатени“ со празникот, а покрај тоа што редовно се на Манастир, тие ги имаат отворено вратите од своите домови за гостите од цела Битола. Вечерва на Кркардаш, на оваа света вечер се будат спомени, но и се раѓаат спомени, ја сретнавме Маре Дамчевска која ни рече:-Ова е празник на Битола, но најмногу за нас, Баирчани. Овој ден за моето семејство кое живее на Баирот, бил секогаш голем празник, посебно поради тоа што мојот татко Мирко Груевски, пред 50-тина години беше домаќин на Манастирот и има дадено голем придонес за изградбата на Кркардаш, за да изгледа вака како е сега. Посебно ме врзуваат спомени за овој ден не само поради татко ми, туку и пради радоста која чувстувавме кога се искачувавме тука, кога дома ги пречекувавме роднините и пријателите. Ме радува што традицијата продолжува, еве тука сум со ќерка ми и наследниците, иако е врнежливо и ладно, тие се тука, на Манастор, како ние велиме. Сакам да им го честитам празникот на моите Баирчани и на сите битолчани. Посакувам секогаш Манастирот да биде полн со верници, а домовите на Баирчани полни со гости од цела Битола.А, дека традицијата и гостопримството кои ги негуваат Баирчани ќе продолжат, доказ  е познатиот глас кој не покани на гости.-Ајде Саше повели на гости, не бегај, отворена е куќата, ни довикна Ице Ѓеоргиевски – Бајче, кој на балконот од неговата куќа ги чекаше гостите, како и секоја година.По вечерното бдеење  наутро на Кркардаш  ќе се одржи  Света божествена литургија, на која се очекува да има голем број на верници. Утрешниот ден ќе дојдат оние кои не дојдоа вечерва на Кркардаш, да запалат свеќа и да се помолат на Светите 40 маченици за здравје и среќа. 

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »