Press "Enter" to skip to content

Денес е Лазарева сабота, ден пред Цветници и осум дена до Христовото воскресение, ден кога Христос го воскреснал Лазар

Православните христијани денес го слават еден поголемите празници Лазарова сабота, денот на кој Исус Христос го воскреснал Лазар, кој бил три дена мртов.

Лазарова сабота е еден од поголемите христијански празници кој спаѓа во празниците од пролетниот циклус и има променлив празник, но секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.

На Лазарова сабота се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. Сето ова е само предвесник на Христовото воскресение.

Во Битола и во Македонија  овој празник има големо значење и масовно се прославува низ целата земја. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни. Има повеќе лазарски песни и се користат според личниот, семејниот или општествениот статус на лицето за кое е наменета песната. Песните обично се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок.

Лазар беше Евреин по потекло и припаѓаше на сектата фарисеи и син, како што некаде стои, на некој фарисеј по име Симон, од селото Витанија. Додека нашиот Господ Исус Христос одеше по земјата заради спасение на нашиот род, Он се спријатели со Симона. Бидејќи Христос често разговараше со Симона, зашто овој, последниов, високо го ценеше учењето за воскресението на мртвите, и Он често влегуваше во неговиот дом, Лазар стана негов близок пријател и не само тој, туку и неговите две сестри Марта и Марија.

Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта уште му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. 

Исус го праша народот: „Каде го положивте?” И веднаш го одведоа кај гробот. И, кога го тргнаа каменот, Марта рече: „Господи, веќе мириса (смрди), бидејќи веќе има четири дена.” Тогаш Исус, откако се помоли и пролеа солзи над него, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!” И веднаш мртвиот излезе, го одврзаа и си отиде во својот дом.

Ова необично чудо предизвика завист кај оние Евреи кои негодуваа протв Исуса. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Првосвештениците помислуваа да го убијат дури и Лазара, бидејќи мнозина, гледајќи го, приоѓаа кон Христа. Но тој, кога ги разбра нивните планови, побегна на островот Кипар, каде што престојуваше. Подоцна апостолите го поставија за епископ на градот Китеј. Откако таму поживеа добро и богоугодно, триесет години по неговото воскреснување, пак умре и беше погребан таму, правејќи бројни чудеса.

Неговите чесни и свети мошти, пронајдени таму благодарејќи на едно божествено видение, премудриот цар Лав ги пренесе во Константинопол, во црквата што тој ја изградил во негова чест, и чесно и свечено ги положил во десната страна од црквата на влезот од храмот крај ѕидот спроти олтарот. Неговите свети мошти и сега се наоѓаат таму, испуштајќи некаква неискажливо пријатна миризба.