Press "Enter" to skip to content

Од патувачкиот дневник на битолчанката Лидија Стефановска, “Пат околу светот во 2022 – 100 илјади километри на 5 континенти“ – Три континенети (8) (фотогалерија)

Заради разни патувања  многупати сум го прелетувала Средоземно Море, или краткотрајно сум била по неговите плажи. Гледајќи го Медитеранот од висина, азурно син, разбрануван, длабок, убав, добив една идеа, да прошетам и по него, да прокрстарам макар и по еден негов дел. И така би. Едно прекрасно крстарење наречено “Три Континенти”.  Патувањето започна од Атина, од пристаништето Пиреа. Сместени во надворешна кабина од која се набљудуваат високите бранови, особено навечер, во луксузен крузер се впуштив во нова авантура.  Ќе трае пловењето низ морските широчини долго на почеток, Египет и не е така блиску. А свечените вечери во луксузните ресторани преполни со вкусна храна и исклучително љубезен персонал, забавите, игранките, дискотеката… тоа беа работи кои полека ги осознававме. Тука започнуваат дружењата, новите пријателства кои се случуваат на сите патувања, обновување на стари другарувања оти презафатеноста не разделила, се неизбежен дел и овојпат. 

Првиот континент е Африка, а во него Египет, пристаниште Порт Саид. Ако сте ја читале Египетска сонувалка од Божин Павловски знаете за какво место станува збор. А јас по третпат во мојот омилен Египет, трета виза во пасошот. И имам своја цел, знам за што најмногу идам… да, за бесценетиот артефакт, не можат да ја измерат неговата вредност, а јас сум негов пасиониран љубител. Пристигнуваме на време во Каиро, а тоа е исто онакво како пред неколку години, бучно, гужва во сообраќајот, куќите се секогаш без покриви, Нил мирно си тече со илјадници години, таму е Замалек, новиот музеј е скоро готов, растрчани египќани во нивниот машки свет… И еве сме пред Египетскиот Музеј. Започнува обиколката низ музејот а водичот објаснува само најбитни работи. Та да се зборува за Египтологија треба со месеци да се кажува за сите династии, за сите Фараони, тоа е море од информации кое е невозможно тукутака да се објасни. Независно од мојата професија, моја пасија е токму ова, особено осумнаесеттата династија на стариот Египет. Возбудата расте, не сакам да ја напуштам групата и едвам чекам да одиме на вториот кат. И таму, пред мене, лице во лице со нешто кое ме плени: Златната маска на Тутанкамон. Онемена стојам и ја гледам, по вторпат во животот, а не можам да се до нагледам. 

Моќта ги отвора своите крилја за оние кои ја заслужуваат, а смртта ги шири своите крилја на секој кукавица. Вака пишувало на најскапиот артефакт на светот, Златната маска на кралот ТУТАНКАМОН! Овојпат за разлика од претходно кога ни ги одзедоа фотоапаратите, дозволено е сликање, царство за моите сетила, ме облеваат емоции, среќата нема крај. 

Патот не води до Гиза, Платото кое е најпознато на светот. А на него распослани со илјадници години, тука стојат и ги пречекуваат милионите туристи, Египетските Пирамиди. Кеопсовата, Кефреновата и Микереновата. Повторно пред едно од светските чуда на Стариот свет. Имаше патници кои се одважија и влегоа во една од пирамидите, искуство кое се памети. Јас, трагачот по возбуди, го направив тоа при првата посета на овај пирамидален комплекс, ќе го паметам тоа клаустрофобично чувство за цел живот. Овојпат јавањето на камила е задоволство плус бидејќи вештите камилари прават исклучително добри фотографии со вашиот телефон. За некоја ситна пара ќе направат чудо, препуштете им се, знаат повеќе од што можете да замислите.А под пирамидите за кратко ќе ве одвезат до уште едно светско чудо, Свингата. Висока 73,5 метри, со глава на човек (се смета дека е главата на Фараонот Кефрен) и тело на лав изградено од монолитен блок, е една од најстарите градби на светот. Таа е митолошко суштество  кое се појавува во повеќе антички култури. Сликањето пред Свингата на зајдисонце има посебен шарм. Моменти кои вечно ќе живеат во мојата меморија, во мојата душа оти тука е колевката на цивилизациите. Тука започнува една голема историја на светот.

А  посадата на Крузерот не пречека со музика за да продолжиме со пловидба до следнот континент Азија. Ашдод во Израел е следното пристаниште. Не чека тука нашиот водич, мојот драг пријател Душан кој по вторпат ќе не води низ Светата Земја. Шалом-мир е поздравот во оваа земја каде со илјадници години нема мир. Ерусалим еден од најстарите градови на светот, сместен во близина на Јудејската планина, помеѓу Средоземно и Мртво Море е епицентарот на нашиот интерес. Најсветиот град за Јудеизмот, Христијанството и трет по ред на светост за Исламит. Поделен на четири населби: еврејска, христијанска, исламска и ерменска. Од висина ја гледаме панорамата на Светиот град и проминентната Ал Акса со Златната Купола, светиња на светињите, место каде што започнал светот. Тука имаат пристап само луѓе од исламска вероисповед кои треба да знаат одредена сура од Куранот. Ние мирно го гледаме тој светски познат видик, се фотографираме и креираме незаборавни спомени. Поминуваме во Гециманската градина, Маслиновата Градина се до Базиликата на Агонијата (Црквата на сите нации). Во нејзина непосредна близина, слегувајќи длабоко надолу одиме до гробот на Богородица, Мајката Божја. Во Библијата е запишано дека таа се успала, дошол Ангелот Божји да и’ каже дека дошло нејзиното време, што значи никогаш не починала ами се вознела на небото (Вознесение) и така нејзиниот гроб се само светли карпи нешто налик на карпата на Голгота. Тука се гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и нејзиниот Јосиф. А нас патеката ќе не одведе до најсветото место, место кое сакаат да го посетат барем три до четири милијарди луѓе на земјината топка, Христијаните, Исусовиот Гроб. Тука е друга димензија, преминување од реалното во духовното, вонвременско и надреално, а тука е, се е допирливо а имагинативно, чувства што секој ги доживува на свој особен начин. Некои плачат, некои треперат, благ занес се шири во воздухот измешан со мирисот на миро и темјан. Се чека во редици додека трите цркви заеднички богослужат ама не пречи воопшто, целта е висока, да се поклониме на Исусовиот гроб. Се молиме, по некој збор за размена на мисли и емоции, фотографирање оти ова мора да биде посведочено и со фотографија. Ни доаѓа редот, по четворица внатре и многу кратко.Се поклонувам на Исусовиот гроб на мермерната плоча, ја кажувам својата молитва бесчујно, во себе, во своите мисли, контемплативно. Го разгледувам  тесниот простор по втор пат во животот, си велам дека морам да запомнам се’ оти ова трае многу кратко време, иконите внатре, Исус распнат на крстот, ламбадите, кандилата, светилките… какво место Господе Боже… Да, особено и исклучително, како нестварно а сепак реално, тука сум, да, си потврдувам дека јас сум тука на најсветото место. Ме обзема среќа оти по вторпат го доживувам истото чувство, на божјиот гроб. Тука немам храброст да сликам, не сум достојна за тоа. Без вртење грб, наведнати, излегуваме и се гледаме меѓусебе. Ни се случи поклонување на Исусовиот Гроб.Од тука во истата црква, црквата на Светиот гроб, продолжуваме до Вечниот оган. Ги палиме снопчињата од по 33 свеќи и така си го носиме дома Вечниот оган. Плочата на Миропомазувањето е исклучително место во оваа црква, таков мирис на миро, зрачи со смиреност. Ова е плочата каде беше положено Исусовото тело после неговато симнување од крстот и брзо припремено за погреб. Тој беше помазан и завиткан во плаштеници бидејќи Евреите вообичаено така ги подготвуваа своите мртви за погреб во тоа време. Се пробиваме низ мноштвото верници до погорниот кат. А тука, Голгота, местото каде што Исус бил распнат и ги поминал последните мигови од својот живот. Перфектно застаклено, а тука до него прикажано распетието. Непосредно до него Ангелскиот камен за кој се верува дека е фрагмент од каменот што го запечатил гробот на Исус.

Како да се замине од ова свето место… Следно место е Витлеем, таму каде што е роден Исус, Синот Божји. Витлеем е палестински град јужно од Ерусалим на Западниот Брег.  Библиското родно место на Исус, тоа е главна христијанска дестинација за аџилак.  Раѓањето е обележано со инкрустирана сребрена ѕвезда во грото под црквата Христово раѓање од 6 век, која го дели плоштадот Мангер со црквата Света Катерина од 15 век и џамијата Омар од 1860 година. Тука е единствено место каде што Богородица е насмеана на иконата, радосна заради раѓањето на Синот Божји.Колкава е количината на радост и среќа што може да се понесе од тука? Јас немам одговор, не може да се измери, може само да се доживее.

После посетата на Светата Земја, отпловуваме кон третиот континент, Европа.  Повторно на Кипар, ама овојпат Лимасол. Си го заокружувам Кипар како остров. Лимасол е град на јужниот брег на Кипар.  Познат е по вековниот замок Лимасол, дом на Кипарскиот средновековен музеј и неговата колекција на керамика и надгробни споменици.  На морскиот брег се наоѓа Скулптурниот парк Прокимеа (Молос), со скулптури од кипарски, грчки и меѓународни уметници.  На североисток се наоѓа Археолошкиот музеј Лимасол, каде се изложени артефакти од неолитот до римскиот период. Прекрасна прошетка додека грее топлото кипарско сонце иако е веќе декември. Ручек, кафе во убаво друштво, шопинг се неминовност и рутина.И повторно на Крузерот кој не води до следната дестинација Родос. Пристаниште Линдос. Линдос е град на грчкиот остров Родос.  Познат е по акрополата на врвот на карпата, која содржи монументални порти од 4 век и релјефи од околу 280 п.н.е.  Храмот на Атина Линдија се наоѓа над претходниот храм.  На пониското ниво на локацијата е замокот на витезите на Свети Јован од 14 век.  Меѓу варосани згради во градот, црквата Богородица од Линдос има фрески од 15 век. А тука меѓу тесните улички, дождот кој истураше, пазарењето по прекрасните дуќанчиња, снимаа филм. Ха, ха… нема да ме видите на големото платно, тоа си е нивна работа. Патот продолжи до градот Родос.Родос е главен град и поранешна општина на островот Родос во Додеканезите, Грција.  Родос е познат уште од антиката како место на Колосот од Родос, едно од седумте чуда на античкиот свет.  Цитаделата на Родос, изградена од Hospitalliers, е еден од најдобро зачуваните средновековни градови во Европа, кој во 1988 година бил прогласен за светско наследство на УНЕСКО. Сликањето пред овие знаменитости е неминовност. Тука е најубавата Еуфорбија на светот, на Родос, голема како цело дрво, впишана е во книгата на рекорди. Се чекаат редици за слика повеќе. Улицата на витезите е една од најдобро зачуваните средновековни улици во Европа.  Улицата се протега од плоштадот пред витешката болница до Палатата на Големиот мајстор.  Покрај улицата, посетителите ќе најдат седум гостилници кои ги претставуваат седумте земји од кои дојдоа витезите од редот на Свети Јован. Каква фотосесија ќе си приредите тука… фантазија.

Пловењето на Крузерот и забавите, обраќањето на Капетанот на бродот, убавата храна и музика не носат до следното одредиште Кушадаси. Кушадаси е туристички град на плажа на западниот брег на Егејското Море во Турција. Тој е место од кое се отскокнува во посета на класичните урнатини во блискиот Ефес, кое што е исто така и една од главните дестинации  на крстарењето.  Кушадаси и  неговото  шеталиште на брегот на морето и пристаништето се преполни со хотели и ресторани.  Само крај брегот, на островот Гулаб, постои византиски замок кој некогаш го чувал градот, поврзан со копното преку насип. Сепак нашата цел е Ефес.

Ефес бил антички пристанишен град чии добро сочувани урнатини се наоѓаат во денешна Турција.  Градот некогаш се сметал за најважниот грчки град и најважниот трговски центар во медитеранскиот регион.  Низ историјата, Ефес преживеал повеќекратни напади и многупати ги менувал своите господари, освојувачи. Градот во своето време бил познат по блискиот храм на Артемида (завршен околу 550 п.н.е.), кој е означен како едно од седумте чуда на античкиот свет. Нејзините многу монументални градби ја вклучуваа Библиотеката на Целзус и театарот способен да собере 24.000 гледачи.Ефес бил град примател на едно од посланијата на Павле, една од седумте цркви во Азија на која се зборува во Книгата на Откровението, Евангелието според Јован можеби било напишано таму.  Градот бил уништен од Готите во 263 година. Иако подоцна бил обновен, неговата важност како трговски центар опаднала бидејќи пристаништето полека било поплавено од реката Кучукмендерес.  Во 614 година, делумно бил уништен од земјотрес. Денес, урнатините на Ефес се омилена меѓународна и локална туристичка атракција.   Во 2015 година, урнатините беа прогласени за светско наследство на УНЕСКО.

А како врв на денот беше посетата на Куќата на Дева Марија. Куќата била откриена во 19 век следејќи ги описите во пријавените визии на блажената Ана Катерина Емерих,  римокатоличка калуѓерка и визионер, кои биле објавени како книга од Клеменс Брентано по нејзината смрт. Додека Католичката црква никогаш не се изјаснила за или против автентичноста на куќата, локацијата сепак добива постојан проток на аџилак од нејзиното откривање.  Ана Катерина Емерих беше прогласена за блажена од папата Јован Павле Втори на 3 октомври 2004 година.

Католичките аџии ја посетуваат куќата врз основа на верувањето дека Марија, мајката на Исус, била однесена во оваа камена куќа од Свети Јован и живеела таму до крајот на нејзиниот земен живот. Светилиштето има заслужено неколку папски апостолски благослови и посети од неколку папи, вклучувајќи ги Павле VI, Јован Павле II и Бенедикт XVI. Тука е и светата вода од трите чешми.

 

Испијте голтка од која било метална чешма и посакајте желба.  Локалните урбани легенди велат дека секоја чешма наликува на аспект од животот.  Едното го одразува богатството, другото означува здравје, а последното е плодноста.  Не се етикетирани, но од која и да пиеш, ќе ти се случи. Најдобро решение беше комбинација од трите чешми.  На крајот од турата, стигнуваме  до ѕидот на желбите, познат турски концепт кој се појавува и по дрвјата.  Додека врзуваме личени предмети, како салфетка, марамче или парче хартија, не забораваме да посакаме (запишеме) желба. А вода си понесовме и за дома.И така дојде крајот на нашето патување, повторно до Атина која е главен град на Грција.  Тоа беше и во срцето на Античка Грција, моќна цивилизација и империја.  Во градот сè уште доминираат знаменитости од 5 век п.н.е., вклучително и Акропол, тврдина на врвот на ридот. На Акропол се антички градби како храмот Партенон со колонадите. Музејот на Акропол, заедно со Националниот археолошки музеј кои содржат скулптури, вазни, накит и друго од Античка Грција.  Панорамски разглед на Атина и слободна прошетка. А таа убава и шармантна како секогаш, новогодишно украсена, пулсира во своето урбано живеење, врвулица од луѓе по плоштадите Омониа и Синтагма. На Емру и Монастираки ќе ручаме, ќе го пиеме последното кафе и ќе евоцираме свежи спомени од последното патување.

Секое патување е ново доживување, откривање на нови пространства, други цивилизации, култури, навики, обичаи. Секогаш се раѓаат  нови пријателства, настани за паметење, мигови исполнети со смеа, радост, среќа, духовност…  Спомените нити се купуваат нити се продаваат, тие само треба да се доживеат! Да останеме во добро здравје, преполни со среќа, успешни, во мир и благосостојба како сопствена така и во целиот свет. Довидување до некое следно патување.