Поклон пред бардот на македонскиот журнализам, Свето Стаменов, е насловот на книгата на авторот Милан Јазбец што беше промовирана во Домот на АРМ во Скопје.
Книгата на радио интервјуа со познати личности од земјава и странство на новинарот на Македонското Радио, Радио Скопје, Свето Стаменов е обемно дело од 620 страници во кои се поместени значајни настани, документи и сведоштва од поновата македонска државотворна традиција. За книгата, за нејзината оригиналност и значење за современото македонско новинарство, говореа еминентни личности и авторитети од науката и политиката.
Така, промоторите универзитетски професори, д-р Трајан Гоцевски, д-р Цане Мојановски, д-р Васил Тоциновски, д-р Елена Јованова-Груевска и д-р Димитар Пандев, сите во свој стил и од свој професионален агол изнесоа свое критичко видување за значењето на ова оргинално журналистичко дело.
Инаку, авторот д-р Милан Јазбец е универзитетски професор по дипломатија во Љубљана, познат словенечки дипломат кој во периодот од 2016 до 2020 година беше словенечки амбасадор во Република Македонија. Како осведочен пријател на Македонија, на 5 мај во Љубљана ќе промовира книжевно дело на првата македонска поетеса Даница Ручигај која животот го загуби 1963 година, во катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Д. Ристевски