Press "Enter" to skip to content

Во Битола, во Офицерскиот дом, официјално отворена Европската куќа (Europe House) 

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во Офицерскиот дом во Битола, во рамките на активностите на Денот на Европа 2023, официјално ја отворија Европска куќа (Europe House).

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, изјави дека Офицерскиот дом во Битола е избран да биде Европска куќа од фактот што ЕУ го цени културното наследство.

-Класичната убавина на Офицерскиот дом и модерната убавина на Европска куќа резултираат електрична хармонија на архитектура, дизајн и публика. Бидејќи ЕУ во нејзиниот најпопуларен слоган вели дека ги обединува различностите. Ги обединува јазиците, културите и историјата, рече Гир.За вицепремиерот Битиќи ова е еден среќен ден бидејќи овој реконструиран импозантен објект кој долги години беше запуштен и оддаваше лоша слика денеска освен што претставува објект на кој уживаат не само битолчани, туку и туристите кои доаѓаат во Битола туку ќе биде и прозорецот на младите битолчани кон ЕУ.

-Куќата на Европа е вратата и прозорецот на Битола за ЕУ. Во домот на Европа младите битолчани во наредните години ќе креираат важни мрежи за создавање партнерства со младите во ЕУ, и затоа оваа нова куќа на Европа ќе биде отворена за младите, но и за уметниците и другите граѓани“, рече Битиќи во неговата порака и му се заблагодари на амбасадорот Гир за реконструкцијата на Офицерскиот дом со средства на Европската Унија.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека на овој начин се создаваат подобри можности за развој на креативниот потенцијал на младите луѓе, преку стекнување на европски искуства и континуирана соработка:-Европската иднина на нашиот град можеме да ја изградиме само преку создавање на подобри услови и нови можности во кои креативниот потенцијал на младите луѓе ќе продолжи да се развива, надградува и насочува кон реализација на нови идеи и проекти значајни за Битола. Во пресрет на Денот на Европа, како што најавивме пред неполни 3 месеци, денес ја отвораме „Куќата на Европа“ во Битола, затоа што веруваме во потенцијалот на нашите млади, во нивниот ентузијазам со кој ќе продолжат да ги градат вредностите, донесувајќи ја Европа во Битола, собирајќи го европското искуство, без да заминуваат низ европските земји. Со многубројните културни настани, докажавме дека, Офицерски дом, може да биде успешна приказна за промоција и развој на културното наследство. Посакувам успешна работа на „Europe House“ во Битола.

Реконструкцијата на објектот и неговата околина чинеше 59 милиони денари (околу 960.000 евра), од кои 53 милиони денари беа обезбедени од проектот за локална и регионална конкурентност преку ЕУ фондови.

Отворањето на Europe House вклучува повеќе активности. Започна со работен состанок и дебата со студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“, а продолжува на Широк Сокак, Магаза и Пацио каде што ќе бидат отворени две изложби. Програмата завршува со концерт на локални бендови на платото на Офицерскиот Дом и диџеј сет во Бар Јагода.

More from ВестиMore posts in Вести »