Press "Enter" to skip to content

Сашо Шамбевски – Шамба за 15 години “Портал“: посебна енергија и убави моменти низ сите овие години, повторно би ги поминал (фотогаларија)

-Среќен сум што сум опкружен со луѓе кои го сакаат, ќе го продолжат и наследат бизнисот и кафе бар “Портал“, рече на прославата за 15 години од отворањето во Новиот пазар.

Жанета Ристевска

Со забава и луда журка синоќа кафе бар “Портал“ во Нов пазар Битола одбележа јубилеј 15 успешни години работа. Забавата траеше до доцна во ноќта, а за убавата атмосфера се погрижија оние кои редовно ги забавуваат гостите низ години, група “Деспина“ ди-џеј Шваба и ди-џеј Зоре. На јубилејот присуствуваа голем број гости:  роднини, пријатели, деловни партнери и соработници. Најголем дел од нив редовни посетители на кафе бар “Портал“ кои доаѓаат уште од првите денови.Низ фотографирањето некој прокоментира: „Да бидеме барем на фотката какви што бевме пред 15 години, помлади!“, сепак енергијата иста синоќа сите се потсетија на времето кога излегувале, без оглед дека поминале 15 години каде сите поминувале убави моменти и спомени тука.-Точно пред 15 години на 9 мај 2008 се отвори ова кафуле на ден познат и како ден на победа, а славиме во сабота на 13 мај. Прославуваме 15 години јубилеј со голема луда журка сите ние кои постојано сме тука од првиот ден, а тоа се и голем дел од моите вработени и гостите. Има еден момент за овој кафе бар кој ќе го нагласам, што константно работи со  луѓе, со шмек на маалски кафич.  Имено атмосферата во кафе бар “Портал“  е таква да секој мора да помине тука. Можеш неформално облечен, по тренерки што се вика да си дојдиш на кафе муабет, на следење и навивање натпревар фудбал, ракомет, првенство, дерби… Ретко каде или можеби ни на едно место во Битола ја нема оваа опуштена атмосфера. Така да и сам да излезеш ќе најдеш некој. Чувство како  да си дома и го пиеш своето кафе.Вака  започна Сашо Шамбевски или како битолчани го знаат Шамба сопственик на кафе бар “Портал“ во Новиот пазар, кој со носталгија, возбудено започна да зборува присетувајќи се на деновите и идејата да се отвори кафе бар „Портал“ на ова место, и за се она што следуваше низ овие години.-Во тој период можам да кажам беше доста храбра и ризична одлука. Имено кога го зедов дуќанот за да се отвори кафичот, во Новиот пазар работеа само неколку бизниси, мали кафетерии, бутици и сл. Никој не веруваше дека во тој дел на градот ќе  се излегува, на начин како во кафулињата  на Широк Сокак и ќе заживее. Но, во тој период ми се укажа приликата да го земам овој дуќан  и имав голема желба  да отворам свој сопствен бизнис. Така јас го отворив кафулето со голем ентузијазам, енергија и да нагласам со љубов кон оваа работа. Ризикуваав многу, но ќе нагласам со голема помош на пријатели кои ми помогнаа за многу работи. Подоцна  дојде и отворањето на “Портал – 2“ на Широк Сокак, каде има друга шема на излегување, карактеристишна за онаа на Широк  Сокак.  Иако и таму имаме постојани верни гости. Сега е  проширен со приклучување кон другиот кафич „ИН“, но сакавме тоа што беше  „ИН“ да остане , а овој да е посебен кафич. Проширена е и терасата, постојано вложуваме во бизнисот што е добро, вели Шамбата и продолжува:-Едноставно се пронаоѓав во ова работа која секогаш ме исполнуваше, а ме исполнува и сега. Сигурно дека ако нештото го правиш со многу љубов тоа и ќе има успех. Ако се вложиш во работата со жар и пожртвуваност таа и ќе даде плодови. Секако дека искуството ми помогна да увидам како треба да се однесувам. Сега како надреден кон моите вработени, односно персоналот во кафе барот. Од тогаш низ сите овое години, вложувам во реновирање на кафе бар  „Портал“.  Постојано го обновуваме ентериерот. Така со новиот модерен шанк, се доби еден нов изглед на цел  ентериер. Нашата убава тераса со зеленило и цвеќиња ја одржуваме. Внатрешниот дел е поинтимен на секој агол плазма телевизор, за секој кој ќе дојде да му е пријатно и удобно.За себе…

-Јас сум комуникативен  човек, сакам дружење,  сакам да ширам пријателства. Морам да кажам дека домашното воспитанието за една личност е мошне значајно за тоа како ќе се однесуваи надвор од домот, на работа. Јас сум воспитувам во хуманистички дух, каде човекот и негова почит е на прво место. Израстен сум во социјализмот во традиционално семејство каде рамноправноста меѓу луѓето беше најважна, без разлика кој е и што е, а дружењата во тој период беа големи. Тоа како дете го гледав низ дружењата на моите родители. Тоа сигурно остава траги во секоја личност. Тогаш луѓето несебично си помагаа, не си завидуваа и беа вистински пријатели. Сето тоа јас сега како да го пренесувам и кон другите, се разбира тука се на прво место моите деца, а во односите со  моите вработени кои се вкупно 40 во двете кафулиња „Портал 1 и 2“ . Ќе кажам голем дел од нив се мои роднини. Многу блиски сестра ми на прво место, внуците, тројца први братучеди,  баџанаци и многу други кои работеле и додека биле студенти.  Сите велат „бегај од роднини“ но јас немам такво искуство. Со сите сум во коректни  односи. За сите овие години низ вашата работата, Ве знаат како чесен, коректен односно газда кој комуницира со своите вработени на еден поинаков начин од кој постои во предрасудите кога се спомене „газда“, како го постигнувате тоа?

-Со моите вработени сум многу близок и имаме многу коректни односи, а некои од нив се уште од првиот ден на овој кафе бар, тие се со мене веќе 15 години. Сме поминале се и добро, тешко, лошо… Бидејќи знаете не секогаш се е добро и супер, не течи мед и млеко. Еве ќе ја кажам ситуацијата со корона кризта многу не погоди сите. Цели 2 години, имаше затварања и што се не поминавме,но полека се опоравуваме и сега е добро. Сите сакаме да остане лошиот период зад нас. Ќе кажам дека секогаш сум се трудел да бидам  фер како кон сите, а и тие се со мене, и јас многу ја ценам нивната пожртвуваност. Веќе кажав дека се мои роднини и тоа блиски, значи кај мене владее непотизам во вработувањето.. Обично велат подалеку од роднини во работата и сите имаат некое лошо искиство. Кај мене не е така. Ако е некој добар за оваа работа, и сметам дека ќе се снајде го земам да работи.  Но ќе нагласам дека се што ќе се договориме го исполнувам. Редовно плата, без задоцнување, одмор и се што следува. Затоа пак и тие се фер кон мене. Имам доверба кај сите и кај вработени, деловни партнери, добавувачи, потоа ДЏ, музички групи секогаш соработувам со истите, на пример. Сакам да сум доследен и коректен.Што значи за тебе лојалност на персоналот кон тебе и ти кон нив?

-Мое мислење е дека енергијата и атмосферата во кафулето го дава персоналот кој постојано е со гостите и тие ја прават атмосферата за гостите да доаѓаат и станат редовни гости, муштерии. Тоа ја претставува лојалноста. Кафе бар „Портал’  не е само Сашо Шамба туку и сите вработени тука, сите кои доаѓаат тука или сите кои придонесуваат за кафе бар „Портал“ да биде она што е, низ сите овие години. Некои од врабоетни од првиот ден ќе ги кажам Коче најпрво, 11 години беше тука од почетокот (сега не тука), потоа Милчо, Снежето, Горан меѓу првите кои се до ден денес во кафичот. Набројав само некои со кои започна кафе бар Портал. Има и многу други, но не би набројувал, за да не изоставиме некој. Тие се коректни, но и јас кон нив. Редовно солидна плата, дневница, платен одмор. Еве ќе ви кажам пример кога треба да се бојадисува или реновира – кафе бар “Портал“ не се затвара, бидејќи 20-30 луѓе мои пријатели и целиот персоналот се собираме и тоа го правиме за една ноќ. Сето тоа е некако ударнички и нели потсетува на работните акции од социјализмот. Се разбира оваа група се собираме и за дружење, а тоа се  некои тури кои ги организираме заедно и сите одиме било да е тоа спортско првенство или други значајни настани или други неформални дружења на екскурзии. Исто така фер сум и во односите со другите сопственици на други кафулиња во градот, мои колеги  да речам се почитуваме имаме заеднички теми за разговор. Имаме и свое здружени, еснаф.Воспитанието што го добивте од Вашите родители сигурно го пренесувате и на своите деца. Каков сте како татко и како сопруг?

-Тоа што го гледаат децата, така и прават. Сигурно дека со моето однесување тоа им го пренесувам на моите две деца кои уште од мали еве тука доаѓаат, гледаат и веќе помагаат заедно со вработените околу средување на тревата околу кафулето или некои помали работи, влегуваат во шанкот мијат, прават кафе  и сл. Гледаат дека и јас работам и не се срамев да работам од секогаш било така, бидејќи сакав сам да заработувам.  Знаете мое мислење е дека сите ние како личности и карактер  сме исти било да сме тука, или во друга држава. Значи  работиш напорно, можеш да се докажеш и успееш овде. А, сето ова е тие да се учат на обврски уште од мали.  Со мојата сопруга Јасмина сме повеќе години заедно, прво како дечко и девојка заедно работевме во бутикот кој беше наш прв бизнис. Потоа ми стана сопруга и без нејзина поддршка и љубов не би можел да се посветам на работата. Тука исто би ја истакнал и улогата на моите и родителите на мојата сопруга без чија помош не би постигнал многу работи, а тука морам да го споменам чувањето и грижата за децата. Значи само со поддршка на целото мое, и на сопругата пошироко  семејство може да се се има успех во работата и секако во животот.За крај ќе кажам дека за овие 15 години имало многу убави моменти. Повторно би ги поминал, бидејќи биле повеќе убави  од лоши. А и тие лоши, сум се трудел да ги завршам со добро и убав муабет. Среќен сум што сум опкружен со луѓе кои го сакаат овој кафе бар, лојални се и ќе го продолжат бизнисот понатаму. Тука се моите деца кои се надевам ќе ме наследат. Посакувам за 20 годишнината повторно да се гледаме за убаво.