Press "Enter" to skip to content

Нобеловецот Ден Шехтман свечено ќе биде промовиран за Почесен професор на науки на УКЛО

Проф. д-р Ден Шехтман од Израел, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година за откривањето на квазикристалите, е новиот Почесен професор на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола. Свечената промоција, на која на д-р Шехтман ќе му бидат врачени инсигниите на Универзитетот – Дипломата и Oдората за Почесен професор, ќе се одржи утре, 26.05.2023 г., во 10 часот во Офицерскиот дом во Битола.

Промовирањето на д-р Шехтман за Почесен професор на УКЛО го најави ректорот на Универзитетот проф. д-р Игор Неделковски на средбата со медиумите. При тоа тој нагласи дека ова е прв пат на нашиот Универзитет да присуствува еден нобеловец, прв пат на нобеловец да му се предложи и тој да се согласи да биде избран во звање Почесен професор и со тоа да прифати да биде дел од УКЛО.Професорот Шехтман е член на четирите најмоќни академии на науки во светот: на Израелската, Европската, на Руската академија на науки и на Американската национална инженерска академија. Како професор работел на Институтот за технологија во Хаифа, Израел. Во периодот од 1986 до 2008 година, проф. Шехтман има добиено вкупно 11 итенарнационални награди и признанија.

На чинот на промоцијата, покрај ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, за професионалната и сестрана кариера на д-р Шехтман ќе говори претседателот на Рецензентската комисија, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска, а официјалната одлука на Сенатот на УКЛО за доделување на звањето Почесен професор ќе ја прочита претседателот на Сенатот на Универзитетот, проф. д-р Николче Јанкуловски.

На свечениот настан, на кој проф. д-р Ден Шехтман ќе одржи пристапно предавање, ќе присуствуваат претставници на академската заедница на УКЛО и личности од општествено политичкиот и културниот живот во градот и Републиката.

More from ВестиMore posts in Вести »