Press "Enter" to skip to content

Вечер на сцената на Народниот театар во Битола премиера на претставата “Брод за кукли“

Вечер на сцената на Народниот театар во Битола премиерно ќе биде изведена претставата “Брод за кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.

Драмата Брод за кукли ги извлекува на сцена суштинските проблеми на човекот, неговите стравови и егзистенцијални прашања земени од познат контекст – бајката каде, како што античките трагичари тоа го правеа со митот, и ставени во нов дискурс постепено добивајќи нов идентитет.

“Брод за кукли“  е приказна за една или за сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија на неостварени бајки. Во случките од својот живот ги препознава образецот на бајките, оние вистински бајки коишто не учат дека животот не е ниту малку убав, дека во животот има и вештерки и зли волшебници и опасни чудовишта и дека сешто може да не чека во некои темни соби на крајот на ходникот, на крајот на ова се. Сите ние сме во позиција да го преиспитаме нашето живеење и и малкумина од нас сме задоволни од сопствениот живот. Тие бајки без среќен крај го одбележуваат животот на луѓето на овие простори, тука каде што ние живееме, каде се се случи по распадот на земјата, со распадот на економскиот и политичкиот систем и создаде нервозни, гладни и понижени луѓе кои живеат несреќен живот. Таа потрага по смислата на сопствениот живот во серии на неоствареност е нешто што ја прави величенствена оваа поезија на Милена Марковиќ, како литературно така и како сценско дело, ќе рече режисерот, Кокан Младеновиќ.

Во претставата играат: Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Авротката на текстот Милена Марковиќ е поетеса, драмска авторка, сценаристка, редовна професорка на ФДУ – Белград, со еден збор уметница чиј ангажман ги разорува митовите и стереотипите, ја пресоздава стварноста и егзистенцијалната реалност во моќни и потресни слики. За нејзината поезија и сценарија има освоено многу награди, а напишала и драми кои со огромен успех се изведуваат на меѓународната и домашната сцена.

-Единствено чудовиштата и уметниците остануваат живи, за нив се раскажува и од нив се плашат луѓето. Понекогаш не победуваат ни оние кои се добро позиционирани на почетокот, туку оние кои имаат чудо. Затоа има уметница во оваа драма. Таа има чудо во себе. Освен што е чудо, таа е и чудовиште,  вели Марковиќ.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »