Press "Enter" to skip to content

Како да станеме туристичка дестинација пристапна за сите? (фотогалерија)

Обука за пристапен туризам во рамките на проектот „Алтеративно туристичко искуство – Алтернативно патување“ во Битола

​Што е пристапен туризам? Што е пристапен туристички производ и пристапна туристичка услуга? Каква е законската регулатива во однос на пристапноста на меѓународно, на европско и на локално ниво? Што е веб-пристапност и какви алатки ни се достапни за подобрување на пристапноста на веб-страниците и содржините што ги објавуваме на интернет? Како да го промовираме пристапниот туристички производ или услуга? Ова се дел од темите од денешната обука за пристапен туризам што се одржа во ресторанот „Корзо“ во Битола, во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола. На овој настан, кој е дел од прекуграничниот проект „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ (АЛТЕР ТРИП), учествуваа четириесетина претставници на бизниси и институции од туристичкиот сектор од повеќе градови одпрекуграничниот регион на Грција и Северна Македонија.​Предавачи на обуката беа членовите на Здружението на граѓани за социо-културен развој – ВЕРИТАС, и тоа: проф. д-р Иванка Нестороска и проф. д-р Ристо Речкоски од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид и д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски од НУ Завод и музеј – Битола, институција која повеќе години вложува во пристапноста на своите содржини и активности.​„За пошироката јавност, се чини дека пристапноста и понатаму останува загатка. Истото се однесува и на туристичките работници, односно сите оние кои работат или раководат со туристички и угостителски бизниси, институции од областа на културата, туристички агенции и други дејности кои се привлечни за туристите. МОБИЛНОСТ Битола и сите други здруженија на лица со попречености, долги години се огласуваат за овој проблем и се чини дека никој не ги слуша, но пристапот овој пат ни е да укажеме дека вложувањето во пристапноста е исплатлива, и често не многу скапа инвестиција. Особено кога станува збор за веб-пристапност, каде што одредени прилагодувања можеме да направиме и сами. Побарувачката за пристапен туризам расте, а ние – и како земја и како регион – имаме потенцијал да се брендираме во пристапна туристичка дестинација што ќе нуди содржини во текот на целата година“, рече Ивона Јанкова, менаџерка на проектот АЛТЕР ТРИП, и додаде дека сите партнери се задоволни од одзивот на туристички работници кои учествуваа на трите обуки. ​„Она што ни беше најважно на овие обуки е засегнатите страни прво да сфатат што подразбира пристапноста, да проценат дали нивните бизниси или институции се пристапни и какви мерки можат да преземат за да ја подобрат состојбата. Исто така, да знаат и како да ги промовираат своите производи и услуги, врз основа на постоечките услови што ги имаат. Ова е особено важно, бидејќи во текот на проектот наидовме на многу случаи каде што се тврдело дека одреден објект е пристапен, а на лице место се воочиле многу пропусти. Тоа најмногу се должи на недоволната информираност, па мислам дека со овие обуки од експертите од двете земји, барем малку им ги отворивме очите на сите учесници за сите придобивки од пристапниот туризам“, додаде таа.​Слична е ситуацијата и во Грција, а како што нагласи и проектниот менаџер на грчкото Министерство за внатрешни работи (Сектор Македонија и Тракија), д-р Јоанис Коѕијамбасис, треба да се води сметка за целосен пристапен туристички производ. „Кај нас имаме повеќе добри примери за пристапност кога станува збор за музеи и културни институции, но има и доста случаи во угостителскиот сектор каде што пристапноста не е на завидно ниво. Тоа секако придонесува за помала посетеност и пократок претстој на туристите, бидејќи сѐ што привлекува туристи, оди во пакет“, објасни тој. ​Проблемите најдобро се решаваат со пристап од повеќе гледни точки, затоа различните експертизи на сите вклучени во проектот придонесоа да се создаде една комплетна слика за пристапноста, и во туризмот и воопшто. И со денешното предавање и со прирачникот којшто го подготвуваат експертите на ВЕРИТАС, ќе се создаде добра претстава и насоки за подобрување на пристапноста во туризмот. Со едноставни и илустрирани примери, секој туристички работник ќе ги добие сите потребни информации на едно место. ​Сепак, мора да спомнеме дека имаме одлични примери за пристапност од двете страни на границата. Такви примери се Музејот во Битола, чии содржини се достапни за лица со различни попречености, потоа Музејот во Пела, Археолошкиот музеј во Солун… Најдобриот пример за физичка пристапност во нашиот регион е Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, а како што соопшти директорката Лефкија Гажоска, веќе имаат планови наследството на Тоше да стане уште попристапно за сите посетители. ​За туристите и посетителите со попреченост да можат полесно да дојдат до информации каде можат да одат, тимот на АЛТЕР ТРИП прибира податоци за сите пристапни локации во прекуграничниот регион и ги мапира на платформата на проектот. Секоја локација е рангирана според степенот на пристапност за лица со намалена подвижност, со оштетен вид и со оштетен слух. Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ е дел од ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија“ 2014-2020 и е ко-финансиран од Европската Унија и од Националните фондови на земјите учеснички. 

More from ВестиMore posts in Вести »