-Денес во Битола за првпат имаме Ротари Дистриктна конференција на која се сумираат резултатите од работењето во ротаријанската година, која е на истек, и се носат важни одлуки за понатамошното функционирање. Најчеста пракса е овие конференции да се одржуваат во местото од каде што потекнува Гувернерот на Дистриктот, а тоа е Битола, на сегашниот Гувернер, Раде Христовски, и претставуваат добра можност, покрај со ротаријанските работи, гостите на конфернцијата да се запознаат и со културата, историјата и знаменитостите на местото.
-Ротаријанец сум од 1998 година кога се формира првиот клуб во Битола, тоа е овој постоечкиот каде што сум член и ден денес. На почетокот немав некое познавање за ротати, ме поканија да бидам член во клубот, размислив малце, видов кој е составот во клубот, прифатив, и не згрешив. На почетокот бевме 25 основачи на клубот, сега од тој прв состав сме останати пет, некои заминаа природно, не се на овој свет, некои се откажаа од разлилни нивни причини. Имаше и такви кои дојдоа мислејќи дека тука ќе заработат нешто, а кога видоа дека тука не се заработува, туку напротив се трошат сопствени средства за да помагаме на заедницата и каде има потреба за помош, сами си заминаа, ни рече Раде Христовски, Гувернер на Ротари Дистриктот 1912 (Македонија и Словенија), на почетокот на разговор по повод денешниот голем настан.За тоа каде Рорати клубот од Битола има помагано Христовски и на што посебно се израдувал кога помагале вели:
-Бројни се проектите на овој битолски Ротари клуб, мене лично ме израдува, и бев директно клучен во тоа, кога од италијански ротари клуб ни се јавија ако ни е потребно возило за “брза помош“ да ни подарат. Тоа и се случи, го донесовме во Битола, јас го презедов од нив, а посебно ми направи ќеф, бидејќи тоа возило се возеше 10 наредни години и помогна на многу наши сограѓани и на институциите, во недостаток на возила во тој период. Инаку имаме и многу други проекти, а некои мали проекти ја прават комплетната слика за ротари клубот во Битола. Ние почнавме со комплетна лабараторија за медицинско училиште во Битола, а тоа ни беше првиот проект кога се основавме. Потоа ги направивме рампите за лицата со попречености кога немаше ние една рампа, следуваа донациите во медицински центар на различна опрема. Во соработка со ротари клуб од Автралија дониравме 1.000 дојавувачи за пожар во основните и дел од средните училишта во Битола, компетна библиотека во Демир Хисар и околните села…За големата чест да биде Гувернер на Ротари Дистриктот 1912 (Македонија и Словенија), Христовски вели:
-Во Ротари не добивате ништо материјално, пари и не знам што, но добиваме нешто друго, пријателства насекаде каде се дружиме со ротаријанците, кои што вредат многу повеќе од било каква материјална корист. Инаку, Гувернер станав бидејќи сите овие 25 години како член на Ротари клубот, сум активен, не сум имал нити една година без некоја конкретна активност во Ротари, повеќе се ангажирав од другите, ги следев новостите и правилата во Ротари. Според сето тоа кога предлагавме Гувернер од Македонија, клубот ме предложи мене. Некако се погодија сите работи и јас сум Гувернер на Ротари Дистриктот 1912 (Македонија и Словенија), прв од Македонија, што посебно ми причинува задоволство. Гувернер на Дистрих 1912 Северна Македонија и Словенија, но да појасниме што тоа значи. Дисрихтот е територија, а Ротари Интернационал ги дели териториите на Дистрихти и поставува еден гувернер, еден одговорен за таа територија, за клубовите и ротаријците на таа територија. Ние сме во заеднички дистих со Словенија, а имаме 52 клуба во Словенија и 26 во Македонија, вчера е регистриран последниот, а ќе има уште еден. Гувернерот е одговорен да го промовира ротаријаството, да ги организира обуките, да работи на ширење на ротаријанството, за зголемување на членството, за учество во фондациите…Г-дине Христовски, како Гувернер на Ротари Дистриктот 1912 (Македонија и Словенија) може ли да ни кажете повеќе за филантропската мисија на Ротари заедницата?
-Ротари е глобална мрежа од 1,4 милиони лидери и пријатели, организирани во преку 46.000 клубови, кои решаваат проблеми во заедницата и кои гледаат свет во кој луѓето се обединуваат и преземаат акција за да создадат трајни промени – низ целиот свет, во нашите заедници и кај нас самите. Решавањето на вистинските проблеми бара вистинска посветеност и визија. Повеќе од 118 години, луѓето од Ротари ја користат својата страст, енергија и интелигенција за да преземат акција за одржливи проекти. За решавање на сите тие проблеми во општеството, во Ротари Интернационал е формирана Ротари Фондацијата, без која не би можело да се решаваат големите проблеми. Ротари Фондацијата им помага на членовите на Ротари да го унапредат светското разбирање, добрата волја и мирот преку подобрување на здравјето, обезбедување квалитетно образование, подобрување на животната средина и ублажување на сиромаштијата. Ротари Фондацијата е поддржана исклучиво со придонеси од јавноста, членовите на Ротари и пријателите на Фондацијата. Тие придонеси, подароци и донации се трансформираат во услужни проекти кои ги менуваат животите на илјадници луѓе ширум светот. Но, мораме да спомнеме дека Ротари не функционира исклучиво преку средства на Ротари Фондацијата. Многу значајни се и индивидуалните придонеси на ротаријанците преку нивните клубови, со кои се решаваат помалите проблеми во заедниците каде функционираат. Сметајте дека секој Ротари клуб во текот на годината решава по неколку такви проблеми.Имајќи предвид дека на глобално ниво, како и на локално, општествата се соочуваат со сериозни економски и социјални предизвици, како Rotary International и Ротари клубовите во Македонија помагаат и придонесуваат за полесно и поефикасно справување со овие предизвици?
-Ротари клубовите од Македонија се дел од Ротари Интернационал и од мрежата која е одамна изградена. Тоа подразбира дека и македонските клубови функционираат по истите правила како и секој друг клуб каде било на земјината топка. Секој Ротари клуб од Македонија, прво, на различни начини придонесува за поддршка на Ротари Фондацијата, што дава за право повратно да се користат средства од истата. Секако дека се води сметка и има строги правила за целите на користење и начинот на добивање на средствата. Имаме бројни примери за искористени средства за проекти на македонски клубови. Покрај тоа, повторно ќе споменам дека членството на Ротари во Македонија решава голем број проблеми кои не се многу големи преку индивидуални донации во рамките на клубовите. Дури, можам слободно да кажам, членовите полесно се определуваат за ваков вид помош и поради поедноставното прибирање средства. Ротари клубовите во Македонија цениме дека направиле помош од околу 3.000.000 долари.
Колку е раширена, препознаена и прифатена мисијата и визијата на Rotary International во Македонија?
-За жал Ротари се уште не е доволно препознатлив во Македонија. Иако корените на Ротари во Македонија се уште од 1931 година со првиот клуб во Скопје, а потоа и во Битола во 1935 година, кои функционирале до почетокот на Втората светска војна. Во повоена Југославија, Ротари клубовите биле забранети, но во 1995 година, прво е возобновен Ротари клубот Скопје и Ротари се враќа на овие простори. Сега во Македонија имаме веќе 26 Ротари клубови и десеттина Ротаракт клубови (клубови на млади од 18 до 30 години). Има повеќе причини за недоволната препознатливост на Ротари во Македонија. Тука, пред се, е долгогодишното непостоење на Ротари клубовите на овие простори, потоа поранешната генерална политика на Ротари да се помага, а тоа да не се промовира во јавноста, како и поврзувањето на Ротари со одредена мистика и тајност, што апсолутно не е така, па префрлањето на македонскиот Ротари во различни дистрикти, помал број клубови и слично. Но, секако дека последниве години се става фокус и на претставувањето на Ротари во јавноста и очекуваме дака во иднина ќе бидеме повеќе препознатливи.Дали може да ни посочите неколку проекти во земјава со кои особено се гордеете како член и особено како Гувернер на Ротари Дистриктот 1912?
-Проектите што се реализирани се многубројни и секогаш има нови или такви на кои се работи, така што набројувањето би било премногу долго. Јас овде ќе го издвојам последниот проект од типот на Глобал грантови, кој го реализираше Ротари клуб Скопје Центар, а се состоеше од набавка на медицинска опрема за потребите на Ковид центарот во Скопје во вредност од 122.000 американски долари и беше изработен заедно со УСАИД и програмата Hearts of Europe. Вредно е да се спомене дека Дистриктот 1912, односно ротаријанците од Македонија и Словенија, многу брзо реагираа на катастрофалниот земјотрес во Турција и донираа 50.000 долари сопствени средства.
Г-дине Христовски, Вие сте прв Македонец кој досега ја извршувал функцијата Гувернер на Ротари Дистрикт. Вашиот мандат завршува оваа година. Што е она што би го истакнале како најважно од ова Ваше искуство?
-Во добивањето на оваа гувернерска функција во Ротари, најважно пред сѐ е што Македонија по првпат се запиша во историјата на Ротари Интернационал со Гувернер на дистрикт од Македонија. Тоа треба да претставува гордост за секој ротаријанец од Македонија. Истовремено оваа фуннкција ја потврдува нашата еднаквост во познавањето и практикувањето на Ротари со ротаријанците од регионот. Тоа ни дава полно право да сметаме дека во Македонија го имаме потребното познавање за Ротари и треба веќе сериозно да размислуваме за зголемување на бројот на ротаријанците, односно да се стремиме кон исполнување на услови за формирање самостоен македонски Ротари дистрикт.Денес ве очекува Дистриктната годишна конференција во Битола, на 10 јуни. Може ли да ни кажете кои активностите се предвидени за време на конференцијата?
-Да, на 10 јуни за првпат имаме Ротари Дистриктна конференција во Битола. На Ротари конференциите се сумираат резултатите од работењето во ротаријанската година, која е на истек, и се носат важни одлуки за понатамошното функционирање. Најчеста пракса е овие конференции да се одржуваат во местото од каде што потекнува Гувернерот на Дистриктот и претставуваат добра можност, покрај со ротаријанските работи, гостите на конфернцијата да се запознаат и со културата, историјата и знаменитостите на местото. Со тимот од Сојузот на Ротари клубови и Ротари клубот Битола се определивме за тридневна програма, која започна вчера со пречек на гостите од Словенија и од другите градови од Македонија, кои ќе дојдат во Битола, и имавме исклучително добра можност заеднички да го проследиме концертот на КУД „Танец“ од Македонија и „Коло“ од Србија. После концертот следуваше заедничко дружење и поголемо запознавање помеѓу нас. Денес 10 јуни, започнуваме со посета на Народниот музеј во Битола, па потоа во КИЦ (Офицерски дом) имаме промоција на книгата „Анталогија“, која настана во време на Ковидот и во која свои творби имаат македонски и словенски автори. Книгата е на Македонски и на Словенечки, а македонската промоција ќе биде пред почетокот на конференцијата. Паралелно, во Офицерскиот дом ќе имаме поставено продажна изложба на уникатни графики на академскиот сликар Диме Темков, кој е Македонец, а живее и твори во Словенија и, истовремено, е ротаријанец. Конференцијата ќе се одржи во Народниот театар во Битола со почеток во 12:30 часот, а потоа ќе имаме заеднички ручек. Во вечерните часови, во Хераклеа Линкестис на гостите ќе им ги презентираме македонските вина. Следниот ден, 11 јуни, пред заминување, гостите ќе имаат можност за кафе на Широк Сокак, разгледување на Битола и можност за посета на античкиот локалитет Хераклеја линкестис.Кои се актуелните теми, активности и цели што се во фокусот на Ротари Дистрикт 1912 и неговите клубови?
-Секогаш актуелна тема во Ротари е бројот на членството и нови клубови. Оваа ротаријанска година имаме два нови Ротари клубови, а на повидок е формирање на уште еден. Следни цели се фокусирање за остварување поголем број Глобал Грант проекти (тоа се проекти поголеми од 30.000 долари), спроведување еколошки проекти и, секако, проекти кои се однесуваат на обуки за Ротари.
-Може ли да ни кажете кој е клучот на успехот на мисијата на Rotary International, која датира од 1905 година?
-Клучот на успехот на Ротари е пред се во организационата поставеност, јасно поставените правила, процедури и практики во функционирањето внатре во организацијата, како и за секоја област во која Ротари е инволвиран. Исто така, многу битен момент за успехот на Ротари е членството, кое најечесто е составено од лидери во сопствената професија.
Дали може да го замислите Вашиот живот без Ротари?
-Членувам и сум еден од основачите во Ротари клуб Битола од неговото возобновување во 1998 година и се уште со радост го чекам состанокот секој понеделник во 20 часот. Сите овие години Ротари длабоко се врежал во мојот живот и претставува и начин на живеење. Сигурно животот без Ротари би бил помалку исполнет.