Проектот “Kids Classical Music Camp“ ќе се реализира од 12 до 16 јуни во Битола. Главен организатор и лидер во овој проект е здружението “Пијано“ од Битола, а партнери во проектот се здружението “Gradus Ad Parnassum“ од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште “Tefta Тashko – Koco“ од Корча од Албанија.
Раководните лица на здружението “Пијано“, Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска истакнуваат дека на овој петти повик од “Western Balkan Fund“ и втор повик кој што е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани се 36 проекти, по 6 од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот “Kids Classical Music Camp“ на здружението “Пијано“.
Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект е предвидено и споделување на знаења, па така во текот на проектот ќе бидат реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија. 37 учесници од кои 30 ученици и 7 професори заедно од трите држави ќе земат учество во проектот. На 14 јуни во Офицерски Дом ќе се одржи концертот на учесниците во овој проект.