Press "Enter" to skip to content

Одржана промоција на дипломирани инженери и магистри на Техничкиот факултет – Битола (фотогалерија)

Свeчената промоција на дипломирани студенти и магистри од Техничкиот факултет – Битола се одржа денес во Офицерскиот дом во Битола, а на пригодниот настан промовирани се  67 нови инженери и додели дипломи за 11 магистри.Честитки за успехот на новата генерација инженери и магистри на ТФБ со лично присуство изразија ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска  – Талевска.Ректорот Неделковски им порача да бидат горди бидејќи Техничкиот факултет отсекогаш бил синоним за квалитет. Со рационалното размислување инженерите “креираат светови“ и затоа, да останат инженери во текот на целиот живот. Деканот, проф. д-р  Митко Костов нагласи дека инженерството не е само професија, тоа е повик и дисциплина која ја користи моќта на науката,  математиката, иновативноста, за да ги трансформира идеите во реалност. Влијанието на инженерството достигнува далеку, допирајќи ги животите на поединците и обликувајќи ја иднината на општеството.Посебно признание Техничкиот факултет – Битола упати до дипломците кои во текот на студиите постигнаа највисок просек: Видановска Мирјана, Петреска Христина, Чалеска Стефани, Трајковски Виктор, Макреовска Ивана и Петковска Сара. Доделена е и награда од МАКО СИГРЕ за најдобро дипломиран студент на студиската програма ЕЕС. Ова високо признание и парична награда од десет илјади денари  се врачени на дипломката Мирјана Видановска. “Битола њуз“ бележи дел од изјавите на дипломираните инженери со највисок просек остварен во текот на студирањето:ХРИСТИНА ПЕТРЕСКА

-Со моето студирање стекнав бесценето знаење и искуства кои се фундаментална основа за професионална иднина. Техничкиот факултет – Битола нуди можности да станеме квалитетни инженери кои ќе бидат ценети, успешни и препознатливи во општеството.
Знаењето и трудот секогаш носат успех, а целта на успехот не е да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи.ВИКТОР ТРАЈКОВСКИ

-Да се започне студирање на Технички факултет – Битола е предизвик за секој матурант на свои 18 години, па така беше и за мене. На самиот почеток за прв пат се сретнавме со колеги од различни места и градови па така започна еден период на спознавање едни со други и ширење на нови познанства кои покасно прераснаа во пријателства. Самото студирање ми претставуваше задоволство поради тоа што учевме од високо образовани личности, нашите професори, кои секогаш беа достапни за нашите прашања и нејаснотии. Покрај учествата во различни студентски конференции, работилници, проектни задачи, би го издвоил учеството во проектот на WUS organization (Career transition support) кое учество многу ми значеше за започнување на самата работна кариера. Во поглед на мојот висок успех на мислење сум дека просекот не го дефинира знаењето, знаењето се стекнува преку пракса во област на својата струка.СТЕФАНИ ЧАЛЕСКА

-Да се студира на Технички факултет е голем предизвик. Прифајќајќи го големиот предизвик, со многу труд и работа ја постигнав титулата машински инженер.
Најголемиот придонес за мојот успех се должи на можностите што ги нуди Технички факултет-Битола. Прво стручниот кадар, голема благодарност до сите професори кои ме воведиа во светот на инженерството и ми овозможија да се остварат моите соништа.
Исто така еден од факторите за потик во учењето е доделувањето на стипедии, овозможувањето практиканство во фирми, кое допринесува позитивно искуство, соработка и запознавање со колеги, инженери кои имаат голем придонес во општетвото. И како најважен фактор за стремење кон висок успех е содветното вработување.
Студирањето на Техничкиoт факултет – Битола и постигнувањето висок просек секако влијае на мојот личен и професионален развој, бидејќи да си успешен значи да си остварен. САРА ПЕТКОВСКА

-Пред се сакам да се заблагодарам на деканатот и наставниот кадар на Технички Факултет – Битола, како и на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, за максималната посветеност која е на завидно ниво. Според мое лично искуство се соочив со доста посветени професори кои максимално се трудеа да го пренесат своето знаење преку теоретскиот и практичниот дел. Исто така во текот на студиите бевме навремено известени за сите потребни информации и целосно насочени од студентската слижба на ТФБ.
Покрај позитивната страна од наставниот кадар стекнав позитивни впечатоци од моите колеги, кои покрај колегијалноста, прераснаа во дружења и во приватноста.
 Мојот личен успех претставува голема чест за напорната работа и посветеноста што ја вложив во текот на студиите, бидејќи успехот го бара тоа, како и упорноста што има големо влијание. Верувајте во себе и во вашата способност да успеете. Користете ги вашите вештини и знаења за да одговорите на предизвиците со кои се соочува нашето општество и секогаш стремете се кон извондредност.МИРЈАНА ВИДАНОВСКА

-Сакам да се заблагодарам за оваа награда, како и на професорскиот кадар на Техничкиот факултет во Битола, кои ми помогнаа да го постигнам овој успех. Искрено, многу се изненадив кога ја добив информацијата дека сум избрана како најдобар дипломиран инженер на електроенергетскиот отсек на Техничиот факултет, на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола. Студирањето на Техничкиот факултет, ми остави впечаток на место каде што можам да се дружам и истовремено да го учам тоа што го сакам. Едноставно, ги учев работите што ме интересираат и уживав во секој проблем кој што ми се појавуваше додека студирав. На ТФБ се запишав со голема љубов и желба да научам што е можно повеќе за електроенергетиката. Исто така, Техничкиот факултет ќе му овозможи на секој, добар поглед кон иднината, бидејќи навистина техничките науки се многу ценети, и ќе ве ценат ѝ како човек сите на кои ќе им кажете дека имате завршено на Техничкиот факултет, а особено електроенергетски отсек. Студирањето во изминатите четири години ми помогна во однос на самодисциплината, ми даде една голема мотивација за успех, да бидам амбициозен човек, да излезам од т.н. комфор зона и да помогнам на човек на кој што му треба помош. Се на се, моите импресии од ТФБ се исклучително позитивни. Запознав колеги кои се пријателски настроени во секој поглед. Исто така, сакам да го продолжам моето изучување на електроенергетиката и да не застанам само тука. Наградата од МАКО СИГРЕ е мотив за секој млад човек кој што има свои соништа што сака да ги оствари, а за мене претставува мотивација плус да продолжам да учам и да бидам вклучена во работи кои што ќе го променат светот. Едноставно нема поубаво чувство од успехот за кој што сами сте заслужни. И секогаш се водам по тоа, кога и да имам барем малку слободно време да прочитам книга или да учам некоја нова вештина. Ми беше голема чест да учам од најдобрите професори, да имам прекрасни колеги и да ја добијам оваа награда.

https://uklo.edu.mk/blog/promocija-na-diplomci-magistri-na-tfb/