Press "Enter" to skip to content

Светска поетска награда за проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска прогласена и за амбасадор на културата

Реномирана поетска награда, златен медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки се вклучени во богатиот творечки опус на професорката д-р Даниела Андоновска-Трајковска од Педагошкиот факултет – Битола. 

На Светскиот поетски фестивал во Крајова, Романија, таа јa доби престижната награда за поезија „Михаи Еминеску“ за 2023 година, што ја доделува истоимената меѓународна академија на чело со универзитетскиот професор д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки. 

Според академската рецензија, професорката Андоновска-Трајковска поетската награда ја  доби за нејзиниот оригинален стил на пишување кој ги осветлува секојдневните аспекти на животот и постоењето. На  Фестивалот што се одржа од 16 до 21 јуни 2023 учествуваа триесет и двајца значајни поети од целиот свет (САД, Шпанија, Чиле, Мексико, Аргентина, Белгија, Сенегал, Конго, Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија, Косово, Италија, Индија, Северна Македонија и Бразил). Професорката од Педагошкиот факултет – Битола, д-р Даниела  Андоновска-Трајковска, покрај наградата „Михаи Еминеску“ за поезија, доби и Златен медал за заслуги во областа на културата во национални и меѓународни рамки, а беше прогласена и за амбасадор на културата.

Деновиве исто така излезе и нејзината поетска книга на романски јазик со наслов „Човечињата од хартија и Бог“ во издание на познатата издавачка куќа од Букурешт „Еикон“ во препев на реномираниот романски поет, преведувач и уметник Константин Северин. Рецензијата за книгата е напишана од д-р Елена-Брандуша Штеичиц, професор по литература на Универзитетот „Штефан цел Маре“ од Сучеава и член на Научното друштво на Романија која истакна дека книгата се одликува со својата оригиналност во стилот и модерниот израз, а Андоновска-Трајковска е значајна поетеса во светски рамки со големо влијание врз книжевноста и градењето на вкусот кај читателската публика. 

Поетската книга „Човечињата од хартија и Бог“ од професорката д-р Даниела Андоновска-Трајковска беше претставена на Фестивалот „Михаи Еминеску“ на 20 јуни во Крајова, а на 24 јуни 2023 беше промовирана и на Меѓународниот саем на книгата „Alma Mater Librorum“ во организација на Универзитетот „Штефан дел Маре“ во Сучеава од страна на издавачот, Валентин Ајдер, и универзитетските професори д-р Елена-Брандуша Штеичиц и д-р Мирчеа А. Дикону, проректор на Универзитетот.

https://uklo.edu.mk/

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »