Press "Enter" to skip to content

Пеце Матевски, директор на РЕК “Битола“ и неговиот тим за тековните активности во Комбинатот, за ремонтот, транспортниот систем, јагленот, недостаток на кадри, мензата… (фотогалерија)

Директорот на РЕК “Битола“ – Пеце Матревски и неговиот тим деновиве ги отворија вратите во Комбинатот и во обиколка заедно со новинарите ги посетија, термоелектраните каде во тек се ремонтите на блоковите, рудникот каде се поместува по 30 години преносната трака, депонијата каде се складира јагленот, работничкиот ресторан каде се вршат последните подготовки за сервирање на топол оброк за вработените, а зборуваа за кадарот, вработувањето во Комбинатот и недостатокот на стручни кадри, за дуалното образование…

Комбинатот се подготвува за наредната грејна сезона, термоблоковите во РЕК “Битола“ влегоа во ремонт

Генералниот директор Пеце Матевски за подготовките за наредната грејна сезона и ремонтите на блоковите рече:– Нашиот комбинат веќе активно се подготвува за следната грејна сезона. Покрај тоа што минатата грејна сезона беше успешна, сега ги правиме подготовките да имаме што поуспешна следна грејна сезона и што постабилно производство. Нашето производство за првата половина од годинава е над 102%, додека, пак, ја завршивме грејната сезона со над 300 илјади тони јаглен на залиха на депонија. Веќе сме во ремонтни активности и тоа работиме на Блок 1 каде што ремонтот ќе трае 45 дена, а потоа продолжуваме со ремонт на Блок 2, рече Пеце Матевски, директор на РЕК Битола.

Александар Пасков, директор на Термоелектрани, за престојните ремонтни активности додаде:-Во тек е ремонтот на првиот блок, започна на 12ти овој месец, ќе трае 40 дена, планирано е да се пушти околу 20 јули. Најголем акцент ќе се стави на котелот, бидејќи со него има најмногу проблеми и блокот се исклучува најчесто од проблеми со него. Потоа, почнува ремонтот на вториот блок, ќе има кус преклоп, што значи десетина дена двата блока ќе бидат исклучени истовремено. Овој ремонт ќе трае 60 дена, а вториот блок ќе го вклучиме околу 5 септември. Заедно со негата што е направена на третиот блок, зимската сезона да ја дочекаме со ситe три блока и сите да бидат подготвени за работа.

По 30 години поместување на јагленовиот систем

Паралелно со ремонтните активности се работи и на поместување на јагленовиот транспортен систем, за што генералниот директор Пеце Матевски рече:-Паралено со ремонтот на Блок 2 ја започнавме, можам да речам една од најголемите операции во рудниците каде што ќе имаме поместување,односно внатрешна трансформација на јагленовиот систем. После 30 години со овие активности, овој транспортен систем ќе биде преместен со што ќе се создаде можност во работа да бидат ставени нашите багерски единици кои ги набавивме изминатите две-три години. Откако ќе се завршат сите активности ќе имаме поголема откривка на јаловина, односно ќе имаме поголем ископ на јаглен бидејќи целта е да ја одржуваме депонијата полна константно и да имаме стабилно производство во текот на грејната сезона. А, за тоа колку јаглен и со каков квалитет  е, Матевски додаде:-На депонија има над 300 илјади тони јаглен, но не се добива истиот квалитет како порано, што создава проблеми. Јагленот што го копаме во “подинските серии“ не е истиот од пред 30 години, сега овој јаглен има околу 30 проценти пепел. Се соочуваме со сериозни проблеми, но со тимот и работниците успеваме да имаме стабилно производство.

Директор на “Рудници“ Димитар Петковски, за овој голем зафат рече:-Оваа голема активности воедно претставува ремонт на јагленовиот систем кој долги години се наоѓал во оваа позиција, со стара опрема која сега се заменува. Новата опрема која се монтира е направена со помош на ФОД и наши сили, наши средства се одвоени, а се користи и наша механизација. Се прави голема работа која ќе дава резултат во следните пет до шест години, а тоа значи непречено ископ на јаглен и јаловина и со тоа ќе се снабдува непречено темоцентралата за проиозводство на електрична енергија. Предвидено е ремонтните активности да траат околу 20 дена, во оваа фаза се потрошени околу 5 милиони евра средства на РЕК “Битола“ за изработка на траси и други делови, а ќе се обезбедат нови траки за системот.

Сериозен недостиг на стручен кадар во РЕК “Битола“

Најголемиот производител на струја во државата се соочува со сериозен недостиг настручен кадар, а за неколку години бројот на вработни во РЕК “Битола“ се намали за една четвртина. Од друга страна, интересот за работа постојано опаѓа.

Пеце Матевски, директор на РЕК Битола за овој горвил проблем вели:-Пред неколку години тука работеа над 2.700 работници, а опслужуваа еден рудник и термоелектраната. Моментално работиме со 2.080 постојани вработувања и 400 агенциски во два рудници и термоелектраната. Тоа е показател дека имаме недостиг на стручна работна сила од стручните училишта. Ги нема вториот и третиот степен во образованието, а се јавува и дефицит во инженерски кадар. Имаме проблем зашто наши вработени со средно и високо образование заминуваат во други фирми за повисоки плати што се нудат особено во приватнио сектор. Тоа е сериозен проблем и треба да се работи на надминување на тоа. Најмногу недостига квалификуван кадар, со средна стручна подготовка, кој веќе не може да се најде на пазарот на трудот. Недостига и инженерски кадар, од кој дел заминува во странство, а дел во приватниот сектор.

Преку дуалното образование се мотивираат младите да се запишуваат во стручните училишта

Комбинатот прави напори за да ги мотивира младите да се запишат во техничките стручни училишта и инженерски факултет, за што Матевски вели:-РЕК “Битола“ вложува во успешната иднина на секој ученик кој доаѓа во комбинатот на пракса. Ги следиме трендовите за создавање на висококвалификувани кадри за кои пазарот на труд има потреба бидејќи и самите ние се соочуваме со недостаток од работна сила на определени, специфични работни места. Го пративме нашиот колега Гоце Тодоровски на обука во Стопанската комора и денес го имаме првиот сертифициран ментор за дуално обраование во РЕК “Битола“. Во нашиот комбинат на пракса идат многу ученици и студенти и затоа планираме зголемување на бројот на ментори за дуално образование со вработени од различни профили. Квалитетното образование, особено во практичниот дел е важно не само за младите, туку и за иднината на државата.

Гоце Тодоровски е првиот вработен во РЕК “Битола“ кој доби Сертификат за ментор во дуално образование. Во РЕК работи 30 години и досега обучувал стотици средношколци и студенти. Со сертификатот што го доби од Центарот за стручно образование и обука, Велјановски ќе учествува во формирањето на оценката за практична работа со цел учениците да стекнат и усовршат вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд.-Многу сум среќен што од над 2.000 мои колеги токму јас сум првиот кој се стекна со Сертификат за успешно завршена обука за ментор во дуално образование. Му благодарам на менаџментот на комбинатот за довербата. Со средношколци кои доаѓаат во РЕК “Битола“ на пракса работам со години наназад, а сега со овој сертификат ќе имам уште поголема одговорност да им пренесам знаења со кои полесно ќе се снајдат на работното место, веднаш по завршувањето на школувањето. Обуката беше вредно и интересно искуство за мене. Се стекнав со вештини кои ги налага концептот на дуално образование и искрено одвај чекам наесен да ги пречекам учениците кои се ќе дојдат во РЕК “Битола“ на пракса, вели Тодоровски.

Се враќа топлиот оброк за вработените, работничкиот ресторан за брзо ќе биде во функција

Додека се решаваат техничките проблеми, се работи на подобрување на стандардот на вработените, се отвора работничкиот ресторан, која веќе е во завршна фаза, а Матевски вели:-Она што го ветивме, дека ќе го вратиме топлиот оброк за сите вработени, сега сме на чекор да го исполниме. За нас, работниците се најважни, тие го носат товарот на производството и заслужуваат квалитетни услови за работа. Топлиот оброк се враќа во РЕК Битола, мензата повторно ќе ги отвори вратите за над 2.000 вработени во комбинатот кои секој ден го даваат својот максимум, и затоа инвестираме и во повторно отворање на мензата на задоволство на сите вработени во РЕК Битола.Комплетно е реновиран работничкиот ресторан, кој не работеше долги години откако беше затворен. Сега имаме комплетно реновиран ресторан за општествена исхрана, комплетно нова кујна каде ќе се подготвува храната, а на вториот кат се наоѓаат административните простории, како и простории за персоналот кој ќе работи за подготовка и послужување на храната. Чекаме некои делови за доопремување на просториите, а за брзо време се ќе биде во функција, рече Никола Радевски, раководител на градежна служба во РЕК “Битола“.

С.Ристевски