Press "Enter" to skip to content

Прес конференција на градоначалникот Тони Коњановски за тековните проекти и одлуки на Советот

Имајќи ги предвид случувањата во Општина Битола, во последните два месеци, сметам дека јавноста потребно е да биде информирана за моменталните состојби, објективно и вистинито:

Од моето доаѓање, како градоначалник на општина Битола, мојот главен приоритет е работа и посветеност во работењето, во интерес на Битола како град во кој живееме и во интерес на сите нас – битолчани. Во ниту еден момент не помислив дека мојата работа треба да се сведува на собирање политички поени или манипулирање на граѓаните, како што тоа се прави од одредени структури во Советот на општина Битола.

Потврда за работата на оваа локална самоуправа, се повеќе локации на кои се спроведуваат градежни активности и тоа:

-Вчера започнавме со асфалтирање на 7 улици во село Оптичари во должина од 1090 метри и вкупна вредност од 5.238.208 денари, а од руралните места работиме на реконструкција на 10 краци во с.Егри и 2 во Лажец во должина од 1700 метри и вкупна вредност од 7.492.801 денари. Работиме на Пешачката патека кон Долно Оризари во должина од 1100 метри, односно реконструкција на тротоар кон постоечки коловоз на дел од улица „Ѓурчин Наумов – Пљакот“ и улична мрежа на локален пат до село Долно Оризари, во вредност од 3.380.000. Паралелно извршено е санирање со гребен асфалт во 18 села.

-Во централното градско подрачје работиме на партерно уредување кај Офицерски дом на површина од 2100 метри квадратни во вредност од 23.002.486. Во непосредна близина работимe на Спортската сала „Боро Чурлевски“ за нејзино усогласување со стандардите за европски натпревари, а го реконструираме и паркинг просторот за што издвоени се 18.305.355 денари. Се уредува и паркинг просторот на улицата Цане Василев на површина од 1130,71 метри квадратни во вредност од 4.022.360 денари.

-Работиме на комплетна реконструкција на водоводна, канализациона мрежа и коловоз на улица Драгорска во должина од 400 метри и вредност од 16.140.254 денари, а комплетна реконструкција имаме и на улица Зборска во должина од 200 метри и инвестиција од 6.569.281 денари.

-Во населба Недопирливи се реконструира комплетна инфраструктура на 10 краци во должина од 2080 метри и вредност од 28.725.287 денари

-Продолжуваат работите во Довлеџик, следниве денови очекувам да финализираат работите на прифатилиштето каде во оваа фаза инвестираме 4.132.399 денари, а започнавме и со изградба на кружен тек на улица „Прилепска“ со улица „Баталјон Стив Наумов“, проект во вредност од 11.800.000 денари.

-Во АРМ во тек е изградба на коловоз на улицата СРУ 5 во должина од 180 метри и вкупна вредност од 6.133.710,03 денари.

-Деновиве ќе започнеме и со реконструкција на улицата Солунска, а ќе следува и тендерска постапка за реконструкција на улица Индустриска во должина од 2400 метри.

Инфраструктурата е само еден дел на кој работиме, додека работиме и во другите области во наша надлежност. Покрај ваквата насоченост, да реализираме колку што е можно повеќе проекти и да ги подобриме условите во општината, Советот на општина Битола, иако сака да се прикаже како наш соработник, продолжува со своето делување да наштетува на Битола, на отпочнатите и планирани проекти, создавајќи пракса која во иднина ќе генерира нови проблеми.

Потврда за тоа се сите одржани седници почнувајќи од 26 тата.

На 26 тата седница, веќе знаете дека имавме незаконско прекинување на седницата и законско продолжување со извештај од инспекциски надзор во кој се потврдува дека Претседателката на Советот згрешила и нејзиното постапување го закочи донесувањето на неколку одлуки, важни за градот.

За односот кон проектот за изградба на велосипедски патеки на улиците Партизанска и Васко Карангелевски, исто така знаете дека по принцип на политиканство, проектот се негираше и потценуваше, за да на крај точката биде усвоена.

Деновиве бевме сведоци и на поднесена кривична пријава против мене.

Токму во тој контекст, денес на мое барање имавме вонреден инспекциски надзор во врска со незаконски донесените одлуки од Советот на 27 та седница, за разрешување на членовите на Управен и Надзорен Одбор на шест јавни претпријатија. Одлуките кои не ги потпишав, не само што се донесени противзаконски, туку имаат за цел и да доведат до целосна парализа на сите јавни претпријатија и да ги доведат на работ на егзистенција над 1000 вработени во претпријатијата. Очекувам инспекцискиот надзор да го потврди токму тоа, дека ваквото делување на Советот е противзаконско и на штета на Битола.

Последната седница, одржана на 27.06, исто така е уште една потврда за противзаконско  постапување од страна на Советот, непочитување и мешање во ингеренциите на градоначалникот и другите институции.

Прво, одлуката за привремено враќање на шинтерската служба е невозможно да се спроведе, а доколку пак се насочиме на нејзино спроведување, тогаш наместо на обезбедување документација и лиценца од Агенцијата за храна и ветеринарство за новото прифатилиште на што веќе работиме, треба да се насочиме на создавање услови во ЈП Комуналец.

Накратко, ќе потсетам на долги години во кои здруженијата се жалеа на нехуман третман на бездомните животни, несоодветни услови во зоолошката градина и местата каде се сместуваа животните, се додека шинтерската служба ја водеше јавното претпријатие, при што се делуваше спротивно на Законот за заштита и благосотојба на животните, донесен во 2014 година, вклучувајќи ги и измените од 2015 и 2016 година.

-Ова е медиумски напис од 13.02.2015 „Зомбиленд или Битола“, објавен од Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“ – период кога во ЈП Комуналец работеше шинтерската служба

-Ова е Отворено протестно писмо од Здруженијата за заштита на животните „Мали херои“, „АРК Анимал“ и Фондација Бибевски, објавено на 04.04.2020 година, адресирано до претходната градоначалничка, општина Битола и претходниот директор на ЈП Комуналец, каде меѓудругото стои: ЈП Комуналец заловува и убива улични кучиња и со ушни маркички и без, со изговор дека тие претставувале опасност од ширење на коронавирусот. И тогаш дејствувала шинтерската служба.

-Прашувам: Дали советниците од СДСМ, сакаат врќање на ваква шинтерска служба? Но, пред да се потрудат да ми одговорат, имам да изнесам и дополнителна документација, која верувам дека ќе ги предомисли и ќе дозволат да ги завршиме работите согласно Законот.

-При вонреден инспекциски надзор на ден 15.02.2022 година од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, постапено е по електронска претставка од повеќе здруженија за заштита на животните, за периодот 2019,2020 и 2021 година, при што констатирано е дека:

Општина Битола (градоначалникот) не врши собирање на бездомни кучиња во прифатилишта одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а таквите прифатилишта можат да бидат основани од самата општина или пак општина Битола да склучи договор со одобрено прифатилиште од АХВ основано од друго правно лице.

Спротивно на член 29 став 1 од Законот за заштита и благосостојба на животните, градоначалникот вршел стационирање/згрижување на бездомните животни во неодобрено прифатилиште од АХВ, согласно истиот закон. Со истото, одговорното лице во правното лце – градоначалникот стори прекршок за што согласно одредбите од член 66 став 1 точка 49 и член 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните, предвидена е глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице од ставот 1 на овој член.

Ова е прекршочниот платен налог со кој претходната градоначалничка, врз основа на претходно наведеното беше задолжена да плати глоба за прекршокот.

Така дејствуваше шинтерската служба, кучињата и лавовите беа соседи, а општината не ги исполнуваше условите за заловување, транспорт, третман, соодветни кафези и услови за бездомните животни.

Бараат ли советниците од СДСМ преодно решение со нехуман третман на животните?

Тоа не го дозволив во ниту еден момент, а нема да го дозволам и понатаму.

Веднаш по моето доаѓање, имајќи ги предвид укажувањата од АХВ, во март 2022 година склучивме договор со правно лице за заловување и третман на бездомни животни.

Од склучувањето на првиот договор до денес, во Битола заловени и третирани се над 180 кучиња.

Одлуката за враќање на шинтерската служба, за жал е политичка манипулација на граѓаните, за да се прикаже дека некој т.е градоначалникот, не сака да го реши проблемот, додека новата коалиција во Советот, тоа го бара.

Сите сакаме да се движиме слободно низ улиците на градот и глутниците кучиња да не бидат опасност за нас.

Да се каже дека до изградбата на прифатилиштето, времено решение е ЈП Комуналец е груба лага, затоа што претпријатието во досегашниот период не создало услови за оваа дејност. Но, за многу брзо ваквата дозвола ќе ја има новото прифатилиште, каде градежните работи од оваа прва и многу важна фаза ќе бидат завршени деновиве.

Претходната локална самоуправа во оваа насока обезбедила само ЛУПД за формирање на градежна парцела со намена прифатилиште за кучиња на катастарска парцела, без основна инфраструктура: без струја, вода, пат.

Но, нема да се навраќам на периодот кога ништо не се направило на тема бездомни животни, затоа што тоа нема да го реши проблемот, туку ќе продолжиме да работиме до отстранувањето на глутниците кучиња од улиците и овозможувањето хуман третман кон нив и зголемена безбедност за сите нас.

Тука влегува и заедништвото на институциите, на кое повикав минатиот викенд, затоа што проблемот добива и други размери, со иматели на бездомни кучиња кои се чуваат за борби, но и други животни кои немаат сопственик, а всушност постои имател на животните, односно начин за заобиколување на законските обврски од поединци.

Општина Битола, веќе поднесе кривична пријава против непознати сторители на просторот на поранешната касарна кои имаат овци, кози и коњи, а истовремено се иматели и на опасни овчарски кучиња, кои се испуштаат по улиците.

Истото, ќе го направиме и против непознат сторител на просторот на Стара болница, каде се чуваат кучиња за борби. Значи, веќе не се проблем само бездомните животни, туку и оние кои некому припаѓаат, а тие лица не се регистрирани сопственици на животните, туку само иматели.

Затоа, потребно е итно постапување и од страна на полицијата и од страна на Обвинителството.

На крај, ќе потсетам и на иницијативата усвоена на последната седница на советот, за разрешување на директорот на ЈП Паркинзи, која е директно мешање во ингеренциите на градоначалникот, непочитување на надлежностите или ако сакате создавање хаос, во кој секој може да побара што сака за некој политички поен повеќе.

За жал и тука ќе морам да се повикам на правните процедури, да повикам вонреден инспекциски надзор и веројатно од новата коалиција повторно да добијам некоја неоснована кривична пријава, при што ќе загубиме многу време, а како последица на тоа, за жал најголеми губитници ќе бидеме сите ние – битолчани.

После оваа иницијатива, нема да бидам изненаден, спротивно на законот за административни службеници од мене да биде побарано отпуштање на вработени, раководители на одделенија, сектори или други службеници.

Не смеам и не сакам да го прекршувам законот, она што можам и ќе продолжам да го правам е континуирана, посветена работа и завршување на сите започнати проекти.

Повторно, како многупати досега, ќе повикам на конструктивност на Советот, доколку и тие ја имаат истата визија за подобра Битола.

Со опструкции, меѓусебни препукувања и постојани инспекциски надзори, не само што и се наштетува на Битола, туку и се губи довербата од граѓаните во институциите, кои слабеат, остануваат закочени и немоќни да ги исполнат основните очекувања, согласно надлежностите.

Граѓаните не сакаат мудрување. Сакаат работа и резултати. Само со меѓусебна соработка можеме да ги решиме проблемите кои не опкружуваат.