Press "Enter" to skip to content

Ревија на народни носии “Моштенки“ во Офицерски дом Битола (фотогалерија)

Синоќа во Офицерски дом во Битола се одржа ревија на народни носии под наслов “Моштенки“ на авторот Филип Јаковлевски дипломиран историчар и професор по историја во СОУ “Јосип Броз Тито“ Битола. На ревијата беа претставени типови на женска народна носија од Моштенскиот крај на автентичен начин низ ора, игра, песна.. Носијата е една од најубаво украсените, важела за лесна и отмена. -Кога истокот ќе го искапе Моштен во мугрини, ќе заигра срце на утрина да киниса работата  со радост  та по поле песна да бликне над српот, дуријата и ралото. Како под сач денот ќе се пече и тркала низ вредните раце на моштани, нурнати длабоко  во златното море на житото, за да ја излачат сета сончевина и да ја замесат во лебот. Таму судбината со невидлива нитка ги опашала да се разликуваат од своештината и  да бидат поинакви, свои и уникатни…На овој начин нараторот на настанот Ревија на народни носии под наслов “Моштенки“ д-р Силвана Петрова – Насух го отвори и ги водеше присутните низ вечер посветена на носии, музика автентични за Моштенскиот крај.Моштените се население кое живее во етничкиот предел Леринско поле (кој го зафаќа јужниот дел од Пелагонискта котлина). Има 35 моштенски села, 4 на територијата на Македонија, а останатите со територијалната поделба и припаднале на Грција. Од триесетина села, во Република Македонија се само селата Живојно, Бач, Гермијан и Совиќ. Поради нивната ендемичност: дијалект, во даден историски момент –ношната (носијата), начинот на живот, обредните обичаи – во сите пишани документи  тамошното население се нарекуваат  моштени, што во контекст на старословенскиот јазик значи „некој којшто отсекогаш бил тука“. Авторот на ревијата Филип Јаковлевски дипломиран историчар и професор по историја во СОУ “Јосип Броз Тито“ Битола за идејата и целта на проектот Ревија на народни носии: Моштенки“  изјави:-Подолго врема се занимавам со фолклор, во КУД “Илинден“ и во родниот Гостивар каде директно се запознав со фолклорот, посебно  на Моштените кој се одликува  со специфичности. Зошто Моштените?  На еден начин и влечам корени од тој крај по мојата мајка која потекнува од село Живојно. Селата Живојно, Бач, Гермиан и Сович (денес иселено) се единствените села кои по поделбата на Македонија со Букурешкиот договор во 1913 година останаа во денешниот предел на Македонија. Додека останатите  30 села се во егејскиот дел на Македонија.Како Моштени се посебен етнички предел и ги диференцираме од мариовско  и битолско.

-Се заинтересирав за колоритната носија која  целосно се диференцира од околите етнички предели. Женската народна носија од овој крај е една од најубаво украсените носии, важела за лесна и отмена. Од тука потекна идејата за Ревијата на народни носии „Моштенки“ на која ќе бидат претставени повеќе типови на носии кои хронолошки се развиваат од  средината  на 19 век до средината на 20 век. Женската носија  врз основа на горната облека се класифицира во три типови стар тип (со ќурдија), нов тип (со антерија) и најнов тип (со волнени и кадифени фуистани). Носиите ќе бидат претставени на автентичен начин низ  ора, игра, песна.  Модели и играорки се членови на  женскиот ансамбл при КУД Илинден Битола. Исто така низ музиката која ги придружуваа ќе бидат претставени и  автентични инструменти од тој крај. Песните во аранжман на : Славе Наумовски Чапче (кларинет), Илија Стојаноски (труба), Мартин Николовски (тапан), Јован атанасовски (барабан) и Илија Неделковски (кавал) кои се членови на оркестарот кој ќе настапи вечерва. Јаковлевски упати голема благодарност до промоторот на овој настан професорот Ѓорѓи Лазаревски, кој се обрати кон присутните со возбуда во гласот искажувајќи големо задоволство што е дел од овој настан. Низ своето обараќање истакна дека по потекло е од овој крај негово родно село Бач. Низ својот говор даде историски осврт за потеклото на Моштените, значење на зборот Моштени и значајни личности кои поттекнуваат од овој крај. Професорот на крај додаде дека секогаш времињата биле полни со неправди. Но  светот треба да се  гради со љубов, вера, почит. Испрати порака за  ѕвездени патеки и мостови низ кои ќе поминуваат само  добри луѓе.Има еден наратив кој се пренесува за тоа како настанало името на селото Живојно: моштенките биле исклучително вредни жени, постојано работеле по полето, во домаќинствата, поради тешката физичка  работа не можеле да ги доносат своите рожби. На првото здраво родено бебе му давале име Живко за да има живот за сите други.   На настанот беа доделени и благодарници на ученици кои учествуваа на конкурс „Народно вез творештво“ и тоа на : Анѓела Петровска, Леа Стерјов, Иван Димов и Каја Наумовска.Проект под закрила на КУД Илинден и посебна благодарница за придонес во народното творештво и фолклор му беше доделена на претседателот на КУД Илинден Антонио Димитровски. Поддршка за проектот од Општина Новаци и КИЦ Битола.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »