Press "Enter" to skip to content

Во Лазарополе традиционално одбележан Илинден, со зурлите и тапаните на “Мајовци“, со богослужба, со врати отворени за сите намерници (видео + фотогалерија)

-“Лазарополе таму најгоре… слика убава мајко…“ се пее во песната, а таму најгоре се  простира рамна површина, висорамнина, можеби единствена на овие простори и пошироко. Погледот кон природата наоколу, одзема здив и никого не остава равнодушен. Таму е распространето едно од најубавите места во Македонија, Лазарополе. Тука на оваа прекрасна висорамнина, се населиле луѓе, “Лозоровци“, од само ними разбирливи причини.“

-На гробот на Ѓурчин Кокалевски во црквата “Св. Ѓорѓи“ Лазарополе не пишува залудно “Кољку сме повеќе, тољку сме посилни“, бидејќи оние кои беа дојдени и овој Илинден во Лазарополе ги имаше многу.Лазоровци како и секој Илинден, така и на овој дојдоа од сите страни на Македонија Скопје, Битола, Охрид… на своите огништа,  а со себе донесоа и пријатели на кои сакаа да им ја покажат оваа “Божја хубавина“ и да го прослават Илинден слава на село Лазарополе и празникот на непокорот на македонскиот народ.

“Лозоровци“ како и секогаш одлично домаќини, а секако за сите “зборно“ место е “Калин“ хотел. Терасата и ресторанот секогаш преполни, секој сака да се напие кафе, таму најгоре, да проба “лозоровски“ специјалитет, а сопственичката и персоналот секогаш расположени да излезат во престер на секое барање на гостите, а овие денови ги има многу.Атмосфера достојна за денот на селото Св. Илија. Чествувањата започнуваат ден пред Илинден на 1 август кога традиционално, звуците на тапаните и зурлите  на “Мајовци“ го најавуваат прославувањето на славата на селото. Емоции, солзи, морници низ телото… никој не останува равнодушен, а и како ќе биде, кога  звуците од тапаните на “Мајовци“ се шират,  допираат во душата, се пренесуваат со генерации во колективното несвесно, на луѓето од овој крај опишани во стиховите

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,

штом тапан ќе грмне со подземен екот –

во градиве зошто жал лута ме стиска,

во очиве зошто ми навирa река

и зошто ми иде да плачам ко дете…,

… Тоа е чувството кое се јавува кај сите кои ги пречекуваат Мајовци, а тогаш сите спонтано на оро. Но, како што е ред тука, најпрво повозрасните искусни играорци го играат “Тешкото“, оро во чии звуци и чекори се отсликува тешкиот живот на Македонците низ вековите. Потоа сите старо и младо со песни и ора до доцна во ноќта, традицијата им се пренесува на помладите од постарите генерации.

-Тука во Лазаропле играорците не ја пратат музиката, тука музиката го прати секој чекор на играорците, велат “Лозоровци“. А музиката ги следеше чекорите на “Тешкото“ кои го играа на сред село, кај продавницата, пред “Калин“, меѓу нив браќата близнаци Андон и Александар Андоновски, солисти и играорци во “Танец“ по потекло од Лазарополе.Тапаните и зурлите на Мајовци беа дел од “Тешкото“ како изминатите 300 години, а оваа година Перо Исаковски, зурлаџијата од тајфата “Мајовци“ со емиции ни рече:-Да се биде дел од Илинден во Лазарополе е продолжување на една голема традиција, која ние ја продолжуваме од дедо, прадедо…, традиција од некаде 300 години. Ни дедо, ни тате, ниту јас, а секако и претходниците немаат “промашено“ да не бидат на Илинден во Лазарополе, а ќе се продолжи и понатаму после мене. Овде во Лазарополе се чувствувам како дома, како во родно место, а тука, најгоре, ми се полни душата и со луѓето кои се прекрасни и со свирката… Им оставаме аманет и на “Лозоровци“ и на моите да не се прекине оваа традиција, како што мене ми оставиле аманет моите предци, така и јас им оставам на наследниците, на децата.Повозрасните “лазоровци“ оваа година, како ни рече професорот Душко Ристевски, имале посебен повод за радост.-Најмалите кои се тука една недела се подготвуваат за Илинден, за вечерта на 1 август. На сред село со музика кои сами ја пуштаа се подготвуваа и ги играа ората да за можат да бидат дел од оваа вечер, а како гледате одлично се подготвени и играа рамо до рамо со најискусните. Мора да кажам и дека сите деца “береа“ дрва околу селото и само го подготвија големиот оган, кај стадионот, каде остануваат до раните утрински часови, со песна и со нивни муабети, вели Душко.На ден Илинден, традиционално како и секоја година, во славното мијачко село Лазарополе,  во црквата “Св. Ѓорѓи“, каде почиваат коските на Ѓурчин Кокале, а пред 150 години тука иконостасувал Дичо Зографски, Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, отслужи Божествената Евхаристија, а пак, лазоровците со особена љубов и гостопримство го пречекаа. Тоа село изнедрило големи црковни великани, општествени дејци, просветители и уметници. Бројноста на присутните во храмот изненадува и потсетува на старите времиња на Преродбата кога животот во селото цутел и плодоносел.По службата на монасите се пресече “коматот“ и беше поделен на сите за здравје. Молитвите на свештениците во црквата “Св. Ѓорѓи“ насочени кон тој ден и за подобро утре.Како и секој Илинден, секоја куќа и сите порти  отворени, а домаќините ве канат на кафе, на муабет, да се запознаете, од каде се корените, а не ретко се случува предците да им биле побратими, деленици.  На Илинден, во село Лазарополе обично  доаѓаат сите, без разлика каде живеат сега и што работат. Сите  на своите прастари, дедови огништа, и како што и секогаш бива си прикажуваа, кој од која фамилија е, како е тој и тој, дали е жив оној…

На Илинден сите Лазоровци се браќа, мијаци, секоја куќа  отворена,  дворовите полни со луѓе. Оваа година љубезните Лозоровци кои живеат во Битола, Аце и Васе Галевски, беа наши домаќини, ни рекоа:-Лазарополе како и секоја година, којзнае колку години наназад е полно со гости. За жал оваа година кај нас не се дојдени ќерките со семејствата, знаете, ново време, нови обврски… Живееме во Битола, сега сме пензионери, се пензионирав како трговец, сопругата како медицинска сестра, а сега уживаме во пензионерските денови тука. Тука сите сме едно, си помагаме, се дружиме, си прикажуваме, се напиваме по една чашка со комшиите, едноставно ни е убаво.Уште малку и ќе си се вратам дома.

Оној што умрел на постелата на која се родил

– исто како да не умрел.

Уште малку и ќе си се вратам дома…

ќе напише големиот поет, лазоровец, Анте Поповски, а неговите стихови иако напишани многу подоцна, биле и се дел од колективната меморија на печалбарите – лозоровци, а неговиот син Жорж и комшијата Марјан Велевски, со семејтвата пред Антевата куќа се присетуваа на стотиците негови песни – исклесани стихови.Зурлите и тапаните, сигурно ќе им одѕвонуваат во главите на “лозоровци“ уште неколку дена, а на нив ќе се сеќаваат се до следниот Илинден, кој како велат самите уште од денес започнуваат со нетпрение да го очекуваат.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана и Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »