Денес во Битола започнува 12. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ под мотото „Следи ја светлината“. Фестивалот ќе се одржи на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настанатите надвор од натпреварувачката конкуренција ќе се одржат на сцената на НУ Народен театар Битола. ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“ и составен дел од програмата на Битфест 2023.
-„Бабец театар“ и покрај економската и идентитетската криза во театарот ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред сé ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат нови полиња за размислување кај децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот оваа година за прв пат пријавени се повеќе од 30 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“, ни изјави Васко Мавровски директор на ИДТФ Битолино.
Брендот „Бабец театар“ кој цели 13 години успеа да опстане како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (14.600) имаше можност да погледне 73 претстави од 40 театри кои во Битола допатуваа од 26 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и како што ни изјавија ќе направат се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Бабец театар оваа година на сопствена иницијатива заедно со НУ Театар за деца и младинци од Скопје го формираа Македонскиот национален центар АСИТЕЖ кој на ова издание на ИДТФ „Битолино“ ќе ја започне својата мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца преку одржување на неколку состаноци и дебати со театарските работници.
-Свесни сме дека нема да биде лесно, но наш единствен адут е квалитетот кој многупати сме го потврдиле, еден пример за тоа е освоената награда за најдобра женска улога на актерката Јулијана Мирчевска за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“ во продукција на „Бабец театар“ на 1о. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на НУ „Театар за деца и младинци“ од Скопје. За четрнаесеттата сезона на „Бабец театар“ најавуваме две премиери „Сонувачи“ работена според најубавите бајки на Браќата Грим и претставата „На гости кај Кат и Фред“ од германската авторка за деца Ингрид Вон Задов“, додава Мавровски.
Битолино оваа година започнува на 3.08 со театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, со што ја продолжуваат традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто.
На Новата сцена – НУ Центар за култура Битола честа први да настапат на дванаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на првиот македонски професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“ кои ќе настапат со претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов. После нив на Големата сцена на НУ Центар за култура Битола ќе настапат „Куклен театар Марибор“ од Словенија со „Срце во
темнината“ во режија наТања Лужар.
Претседател на жири комисијата ќе биде Благој Мицевски, режисер и костимограф, а покрај него како членови на жири комисијата се: Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор.