Press "Enter" to skip to content

Фестивалот “300 Работи, Триста“ од 10 до 12 август во Битола, филмови, книги, изложби…

Фестивалот “300 Работи, Триста“ е една од поистакнатите културни манифестации во Битола и регионот, која веќе привлекува бројни посетители и учесници. Досега, фестивалот ја имаше честа да прими повеќе од 180 уметници од различни делови на светот, меѓу кои и  Србија, Албанија, Франција, Италија, Грција, Шпанија, Чешка, Словачка, Естонија, Финска, Индија, Р. Кина, САД, Канада и други.

Оваа богата и разновидна лепеза на уметници ја чини оваа манифестација една значајна културна одредница која го збогатува културното битисување на Битола. Официјалното отварање на фестивалот ќе биде на 10 август во 20 часот со битолската премиера на филмот „Некрстени денови“ (Ballad of Piargy, 2022), дело на нашиот познат и признат режисер Иво Трајков, во киното Манаки.

На 11 август во Офицерскиот дом со почеток од 20:00 часот ќе биде промовирана Книгата – „Прирачник за сценаристот: Водич на писателот за сценарио за документарни и играни филмови“ на Игор Трајковски Фоја, рецензенти Иво Трајкв, Томаш Петрањ, Антонио Митриќески, и Сашо Кокаланов. Промотер на книгата е нашиот познат глумец Марјан Георгиевски.

Покрај промоцијата на оваа дело, ќе биде отворена и изложбата на уметнички дела со наслов: ЛИМИНАЛ, од младата и преспективна авторка, Јана Танчевска. Овој настан музички ќе биде збогатен со музички изведби на Николче Петкоски.

Затварањето на фестивалот ќе биде на 12 август со проекција на краткометражниот игран филм „Синиот час” по сценарио и во режија на Ана Јакимска во 20 часот, во просторот пред Радост. Покрај филмот ќе биде промовирана и книгата – „Колегиумски записник 010“, збирка на литературни дела, фотографии, дизајни и цртежи. Овој зборник е продолжение на низата „Колегиумски записници и тоа: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9. Во просторот ќе има изложба на фотографии, ликовни дела, секако со посебен акцент на младата публика и дебитанските автори. Целиот настан ќе биде музички пропратен со настап во живо на Box Beater. 

More from КултураMore posts in Култура »